|
Почитувани присутни, Дами и господа, Браќа и сестри,
„Сите ние имаме две заеднички татковини, кои годинава слават две значајни годишнини.
Пред 25 години, во 1991-та го остваривме сонот на неброени генерации и прогласивме независна, суверена и самостојна држава – Република Македонија. Македонија е нашата прва заедничка татковина што нè поврзува со нашата дијаспора.
„Но, само 5 години претходно, во 1986-та, Блаже Конески напиша дека: „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој, македонскиот јазик, е заправо единствена наша комплетна татковина". Годинава одбележуваме и 11 века од упокојувањето на еден од втемелувачите на македонскиот јазик - св. Климент Охридски.
Денеска имам чест и задоволство да ве поздравам во Охрид, во духовната и културната престолнина на таа наша комплетна татковина. Но, не само да ве поздравам, туку и да ви се заблагодарам. Затоа што вие, со вашата дејност, се покажавте како достојни чеда на двете наши заеднички татковини."
Почитувани присутни,
„Живееме во време на длабока политичка криза, кога македонскиот јавен простор е преплавен со зборови на безнадежност, цинизам и омраза. И токму затоа, неопходни ни се зборови на надеж, добрина и љубов. А кој владее подобро со зборовите отколку поетот, кој е слуга на својот јазик? Меѓу вас има двајца поети. Иван Трпески од Австралија и Лилјана Стоилковска-Андовска од Шведска, кои од двата краја на светот речиси половина век нè потсетуваат како треба да се љуби Македонија.
Тука е и Борче Величковски кој неуморно работи на унапредување на состојбата на македонската заедница во Република Србија. Но, со неговиот ангажман, тој суштински придонесува и кон градењето мостови на соработка меѓу двете соседни пријателски држави."
„Со нас денеска е и професорот Кирил Христовски од Државниот универзитет во Аризона во Соединетите Американски Држави. Професорот Христовски e преокупиран со големата тема за најмалите нешта – нанотехнологијата. Со своите научни и академски успеси на ова поле на иднината, тој претставува позитивен пример и охрабрување за нашите млади научници. Очекувам многумина по него да се вклучат во глобалниот натпревар на знаење, идеи и технологии."
Конечно, би сакал особено внимание да посветам на единствената организација што годинава се стекна со Повелба на Република Македонија, а тоа е Македонскиот сојуз во Шведска.
Овој сојуз, што ги обединува и ги претставува интересите на дваесет илјадната македонска заедница во Шведска, е една од најдинамичните организации од македонската дијаспора. Секогаш, кога се среќавам со иселеници од скандинавските земји, слушам најпофални зборови за Македонскиот сојуз. Запознаен сум со напорите за зачувување и за афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности. Знам дека овој сојуз придонесува за унапредување на соработката меѓу Шведска и Македонија преку разни проекти и иницијативи, вклучително и хуманитарни активности. Сè на сè, станува збор за исклучително заслужна иселеничка организација.
Драги пријатели,
„Сите вие сте живата врска на Македонија со светот. Многупати имам истакнато дека вие, успешните поединци и организации од дијаспората, сте наши амбасадори на полето на културата, уметноста, образованието, науката, добротворството. Секој ваш успех е и успех за Македонија.
Затоа, како претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани сакам да ви се заблагодарам за сè што правите за Македонија. А Македонија памети, препознава и вреднува. Медалите за заслуги за Македонија и Повелбата на Република Македонија се симболичен израз на нашата искрена благодарност, но и поттик да продолжите да работите како и до сега. Да продолжите да го исполнувате заветот на свети Климент Охридски, а тоа е да се престигнуваме со добрина. "
Ви честитам.

|