Почитувани присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
Живееме во исклучително тегобно, мачно и турбулентно време. Човештвото е заложник на два меѓусебно преплетени процеса. Сè уште се обидуваме да се помириме со мрачното наследство од 20-тиот убиствен век во кој околу 300 милиони луѓе настрадаа во војни, политички репресалии и меѓуетничко и меѓуверско насилство. Ниту 21-от век не е лишен од насилства и од конфликти.
Придобивките на глобализацијата се злоупотребуваат за глобализирање на ксенофобијата, омразата и хаосот.
Од друга страна, се поставивме за господари на природата, без да умееме да господариме со сопствената алчност. Го нарушивме кревкиот климатски баланс, рамнотежата меѓу човештвото и природата, и ја загрозивме иднината на нашите потомци.
Светскиот хуманитарен самит се одржува во време кога чашата на човечкото страдање повторно почнува да се прелева. Неопходно е да ги научиме лекциите од 20-от век за да не ги повториме.
Дами и господа,
Република Македонија, беше прв пример на успешна превентивна дипломатија на Обединетите нации. Од 1992 до 1999-та, најпрво УНПРОФОР, а потоа УНПРЕДЕП спречија прелевање на конфликтите од поранешна Југославија во Македонија.
Ценети екселенции,
Пред нас има две опции и од нашата генерација зависи во која насока ќе се движиме.
Првата опција е да бидеме проактивни и да се обидеме од оваа криза на човештвото да го извлечеме најдоброто. Но, за тоа ни се неопходни храбри чекори:
Прво: Јасни правила на играта. Зборуваме за ерозија на почитувањето на човековите права и хуманитарното право, а дозволуваме другите сегменти на меѓународното право да бидат игнорирани.
Повикуваме на почитување на Меѓународниот кривичен суд, а ги занемаруваме пресудите на Меѓународниот суд на правдата. Ќе ве потсетам дека веќе 5 години Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на врвниот светски правен авторитет – Меѓународниот суд на правдата.
Двојните стандарди го суспендираат меѓународното право и оставаат простор за анархичност во меѓународните односи. Алтернативата на меѓународното право и меѓународниот поредок е глобалниот хаос и глобалниот непоредок.
Како второ, потребно ни е економски праведен систем.
Како трето, потребно инвестирање во обновата на разорените општества.
Четврто, потребно ни е помирување.
Драги пријатели,
Имаме и втора опција, а тоа е да продолжиме како и досега. Но, тогаш постои опасност меѓународниот систем за одржлив и инклузивен економски развој да се заглави во бирократските лавиринти и да стане заложник на борбата за моќ и влијание.
Затоа денес неопходно е храбро политичко лидерство, кое нема да биде паралелизирано од страв. Овој самит и оваа агенда ни помагаат да направиме храбри чекори кон создавање свет во кој ќе биде обновена вербата во човештвото и во солидарноста, во кој ќе се почитуваат и заштитуваат човековите права и правото на човечкото достоинство.
Ви благодарам.

|