Обраќање на свеченоста по повод 65-годишниот јубилеј од основањето на Државниот архив на Република Македонија
Петок, 01 Април 2016   

arhiv1Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да добијам признание од Државниот архив на Република Македонија, за кое сум навистина благодарен. А има и зошто. Државниот архив нè поврзува со нашето минато. А, нашето минато еднаш било и наша иднина.

Кога ќе ги отвориме старите записи ќе видиме дека низ сите нив провејуваат два големи наративи кои во голема мера ја дефинирале нашата сегашност.

Во срцевината на првиот наратив е стремежот на нашите предци да живеат слободен живот во слободна Македонија. Меѓу нив ќе најдеме просветители и преродбеници, даскали и борци, левичари и десничари, комунисти и конзервативци, либерали и традиционалисти, социјалисти и анархисти, но сите до еден – патриоти кои се бореле за слобода и правда.

Читајќи ги нивните сведоштва од временска дистанца, ние носиме суд за улогата што ја имале во клучните моменти на македонската борба за слобода, државност и независност.

Врз основа на архивските податоци, им се восхитуваме на храброста, ги славиме поради пожртвуваноста, се повикуваме на нивните мисли, се охрабруваме со нивните зборови. Зошто? Бидејќи со многу напор и со многу жртви тие успеале да се изборат за независна и суверена држава – Република Македонија која ни ја оставија во наследство.

Истовремено, проучувајќи ги архивските записи неминовно ќе го забележиме и вториот, паралелен наратив. Автори на тој наратив се оние кои пишувале и одлучувале за нас, но без нас. За нив, Македонија не била татковина што треба да се ослободи, туку територија што треба да се завладее. Не била поле за културен натпревар меѓу народите, туку балканско јаболко на раздорот. Преку пропагандите, наместо слога, ширеле раздор, наместо меѓусебно почитување – омраза.

Тие нè бришеле и преименувале, нè блокирале и отуѓувале – се со една цел – да ја наметнат нивната претстава во кој нема место за нас. Но, се вели дека големата вистина може само да се заборави, но не и да се фалсификува. А, секогаш останувал по некој документ како сведоштво за нас. Вистината која е документирана и архивирана е несоборлива. И таа вистина се чува во Државниот aрхив.

Драги сограѓани,

Овој значаен 65-годишен јубилеј на Државниот aрхив се случува во годината кога би требало да славиме и четврт век од независноста на Република Македонија. Велам би требало, бидејќи, за жал, политичката криза ни ја одзеде радоста од сеќавањето на моментот на независноста.

Уште пред 15 години Петре М. Андреевски напиша дека, кога некој се обидува да ни го замаглува паметењето, да ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината, тогаш вината никогаш не треба да ја бараме подалеку од нас самите. Бидејќи и сами сме го дозволиле тоа.

Корените на актуелната длабока политичка криза ќе ги најдеме не само во блокадата на евроатлантските интеграции. Коренот е и во туѓите пропаганди од минатото чијшто горчлив плод биле кавгите, поделбите и раздорот, кои од еден народ, за жал, создадоа спротивставени табори.

И ден-денес како да им робуваме на претстави и догми за Македонија создавани во туѓи центри и за туѓи интереси. Како да не ја научивме лекцијата од минатото, дека сè што сме оствариле, и слободата, и државноста и независноста, сме го оствариле тогаш кога сме биле сплотени. Но, исто така, дека сè што сме изгубиле, секоја перспектива, можност и шанса, сме ја изгубиле тогаш кога сме биле разединети.

Наместо во овие 25 години да се ослободиме од тие погубни поделби, ние уште повеќе ги негуваме и го продлабочуваме јазот меѓу нас. Како? Со неодговорно однесување.

Неодговорното однесување на политичките противници ѝ нанесува штета на државата. Кризата како да стана наше секојдневие. Се дозволи странците да се грижат за нас, повеќе од самите нас. Се дозволи други да ни го моделираат политичкиот и правниот систем. Се дозволи личниот и партискиот да бидат над државниот интерес.

Истовремено, сведоци сме на замаглување на просторот меѓу информацијата и манипулацијата, бидејќи сега и со информацијата се манипулира. Тоа раѓа сомнеж кој е речиси сеприсутен. Некој луцидно рекол дека ниту минатото веќе не е она што беше. Сега речиси сè се доведува во прашање, вклучително и довербата во државата. А цената на губењето на таа доверба е превисока.

Дами и господа,

Во овој напнат амбиент како да забораваме дека го имаме она што многу народи сè уште го немаат – сопствена држава. Многу народи го посакуваат она што ние го имаме, но не го почитуваме и го земаме здраво за готово. Тешко е да се стекне, но уште потешко е да се сочува државата. Милионите мигранти упатени кон Европа се јасно потсетување за оваа вистина.

Затоа, неопходно е да изградиме доверба во нашата држава. Да градиме чувство за државен интерес. Македонија да ни биде пред сè.

Во изминативе 25 години, имавме сосема доволно време да расчистиме со старите догми и претстави за Македонија, кои се создавани за нечии други и туѓи интереси. Имавме доволно време да свртиме нова страница и да ги напуштиме погубните поделби.

Имаме многу кратко време, до крајот на оваа година, да го поправиме впечатокот што идните генерации ќе го имаат за нашата генерација, читајќи ги записите што ќе ги оставиме зад нас, во aрхивите.

Затоа, пред секој збор што ќе го изговориме, пред секоја одлука што ќе ја донесеме, треба добро да размислиме и да се прашаме: Како сè уште неродените ќе гледаат на нашата генерација? Што нашите потомци ќе мислат за нашиот четврт век независност? Со каква содржина ја испишуваме нашата страница од современата македонска историја? И дали се водиме од желба за лична слава и политички рејтинг или од чувство на одговорност кон оваа и идните генерации?

Како што нашите предци во најмрачните периоди на нашата историја успеале да најдат сила и да се сплотат во борбата за слобода, државност и независност, така и ние, независно од нашата политичка, етничка или која било друга припадност, мора да најдеме решение за оваа криза. Само ние самите можеме да ја спасиме државата, бидејќи нема други кои ја сакаат Македонија повеќе од нејзините граѓани.

Бидејќи, колку и да сакаме да го апстрахираме минатото, тоа ќе ни се повторува, ако не ги надминеме поделбите и не расчистиме со перцепциите создавани за нас, но без нас.

Во овој потфат, Државниот aрхив и историчарите имаат должност, трагајќи по вистината, да ги извадат на виделина старите сведоштва, и да ни помогнат конечно да ги научиме лекциите од минатото за да престанат да ни се повторуваат во сегашноста и во иднината.

Ви благодарам.

arhiv2

  Back<<Назад