|

Македонија не може да биде семафор и да ја преземе одговорноста да пушта или да не пушта мигранти и бегалци, порача Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во обраќањето на панел-дискусијата „Кон натамошна евроатлантска интеграција на Југоисточна Европа" во рамки на 52. Минхенска безбедносна конференција.
- На Македонија и е ускратено правото на просперитет и затоа на секои две години имаме политички кризи, секои десет години безбедносни кризи. Но, добро беше да дојдат бегалците, да видат дека Македонија е функционална држава и најдобро се справуваше од сите земји од коридорот со предзвиците што ги имавме со бегалците. Прва земја што прогласи кризна состојба и ја однесе армијата да ја чува границата, прва земја што има 99% регулиран проток на мигранти, земја која ги има сите податоци за сите безбедносни ризици што доаѓаат со бегалците, рече претседателот Иванов.
Доаѓањето на бегалците, како што посочи, требаше да и покажат на ЕУ дека најбрзиот, најефтиниот и најбезбедниот коридор кон Европа од Блискиот Исток и Азија води низ Македонија и Балканот.
Според македонскиот претседател, во справувањето со бегалската криза, Македонија презема улога за да и помогне на Европа како континент затоа што, додаде тој, овие предизвици ќе траат долго време.
- Никој не зборува дека во Египет има пет милиони бегалци. Треба да им се помогне и на Турција и на Грција. Солидарноста е неопходна и затоа ни се неопходни европски решенија за европски предизвици, а Македонија е дел од тоа, нагласи претседателот Иванов.
Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека е неопходен европски одговор за сите предизвици.
- Македонија е дел од Европа, а не е во ЕУ. Ова е момент на отрезнување и момент на соочување со вистината, рече претседателот Иванов.

|