Признание “Повелба на Република Македонија“ за Фестивалот на детска песна “Златно славејче“
Четврток, 09 Декември 2010   


Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одликувањето на фестивалот “Златно славејче“ со “Повелба на Република Македонија“

Почитувани,

Сакам да го изразам моето големо задоволство, што како Претседател на Република Македонија сум покровител на фестивалот на детската песна “Златно славејче“, кој пред 40 години произлезе од благородната мисија на Сојузот за грижа и воспитување на децата на град Скопје. Задоволството е уште поголемо бидејќи денес сме тука за да оддадеме признание на фестивалот и на сите оние кои низ децениите се вградија во песните и изведбите.

 


Почитувани,

Сплотувајќи ги во себе уметничката, воспитно - образовната и хуманитарна дејност, “Златно славејче“ е многу повеќе од музички фестивал.

“Златно славејче“ е можеби најзначајниот расадник на музички таленти во Македонија, музичко училиште низ кое прелетале речиси сите ѕвезди на македонската музичка сцена. Тука тие не научиле само да пеат, да танцуваат и да настапуваат, туку и да се дружат, да почитуваат, да соработуваат. Научиле да си помагаат, да го формираат својот карактер и да ги запознаваат вистинските вредности, но и многу повеќе.

Знаеме дека љубовта кон мајчиниот јазик се раѓа уште во детството. Милозвучноста пак, на еден јазик најлесно се изразува преку сплотеноста на зборот, стихот и песната со музиката. Преку музиката, хармонијата од зборови допира до децата и ги поврзува со убавината на јазикот, со добрите пораки, со вистинските вредности. “Златно славејче“ тоа го прави веќе 40 години, продуцирајќи над седумстотини композиции на македонски јазик, од македонски автори, за децата од Македонија, но и многу пошироко. Како вистински амбасадори на македонската култура, традиција и песна, златните славејчиња веќе 40 години носат радост и топли чувства до децата од целиот свет.

За благородната мисија на златните славејчиња најдобро говорат многубројните хуманитарни и добротворни концерти, секојпат посветени за оние на кои помошта им е најпотребна, за и тие да ја споделат детската радост. На тој начин кај најмладите се гради чувството за тоа како да се биде одговорен и хуман во општеството. А таквите општества во кои се негува тоа чувство имаат светла иднина.

Токму затоа, како Претседател на Република Македонија донесов одлука овој фестивал да го одликувам со “Повелба на Република Македонија“. Тоа е признание за четиридецениската работа и грижа за децата, за сите генерации кои израснаа и раснат со фестивалот, но и силен поттик за идните генерации. Тоа е признание за сите песни исполнети со детски желби и мечтаења, со поуки и лекции како за врсниците, така и за возрасните. Многу од тие песни го победија времето и го надминаа генерацискиот јаз, и ден денес придонесуваат подобро да се разберат младите и возрасните, децата и родителите, учениците и наставниците.


Почитувани,

Како што сите оние кои како деца учествувале, пееле и танцувале на “Златно славејче“, се горди на фестивалот, така и Македонија е горда што го има “Златно славејче“. Затоа, овој наш влог треба да биде поттик за сегашните генерации но и генерациите кои следат – да продолжат да го збогатуваат фестивалот со своите гласови и танци, со своето учество и присуство, затоа што и фестивалот секогаш несебично ќе им возврати. Вклучувајќи се кон музичкото јато, тие ги развиваат музичките таленти, го негуваат македонскиот јазик, и им помагаат на врсниците на кои помошта им е најпотребна.

Затоа, посакувам уште многу децении златното јато од славејчиња да пее под македонското сонце, нови песни, нови изведби за нови генерации.

Ви благодарам.

  Back<<Назад