|
Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели,
На почетокот на новата 2015 година, вам и на вашите семејства ви посакувам многу здравје, радост и среќа, а на вашите држави многу успеси и напредок на секој план.
Ми претставува чест да ви посакам добредојде во Крушево, највисокиот град на Балканот. Овој град е колепка на првата демократска република на Балканот што произлезе од вековната македонска борба за слобода. Тоа е слобода да ја градиме нашата сегашност и да ја проектираме нашата иднина. Но, истовремено, слобода да бидеме рамноправен член на меѓународната заедница.
Идеологот на македонската ослободителна борба, Гоце Делчев ги имал на ум токму овие плодови на слободата кога рекол дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите.
Од неговиот завет произлегуваат и принципот на отвореност кон сите во македонската надворешна политика и нашата посветеност кон регионалната соработка и добрососедските односи со сите наши соседи.
Ценети екселенции,
Како што минатата 2014-та одбележавме еден век од почетокот на Првата, оваа 2015-та година славиме 70 години од крајот на Втората светска војна. Овие војни посеале раздор и непријателство меѓу балканските народи и нанеле длабоки крвави рани во речиси секое семејство на овие простори.
Во секоја од овие војни Европа влегувала разединета и излегувала разурната. Овој фатален циклус го прекинаа неколкумина големи Европејци кои понудија визија за Европа обединета во мир, слобода и напредок. Нивната визија постепено успеа да ги премости физичките и менталните ровови, да ги изгасне вековните непријателства, и да ги залечи длабоките рани. Денес, најголем дел на Европа ги споделува придобивките од остварената визија. Но, сеуште не цела Европа.
Оваа 2015-та се навршуваат и 10 години од кандидатскиот статус на Република Македонија за членство во Европската унија исполнети со реформи, работа и цврста увереност во нашата европска иднина, но и со непринципиелни блокади на нашиот пат.
Се покажа дека блокадите предизвикуваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Станавме блокирани и поради последиците од наметнатата блокада.
Затоа, сакам да пратам јасна порака до нашите европски партнери дека македонските граѓани очекуваат Европскиот совет да најде начин Македонија да ги започне преговорите за членство. Градејќи ја Европа во Македонија, сакаме Македонија да биде во Европа.
Нашата цел не е да бидеме товар, туку да придонесеме кон успехот на европското и евроатлантското семејство во кое ја гледаме нашата иднина. Затоа, продолжуваме да негуваме пријателски односи со вашите држави, да развиваме уште поповолна бизнис-клима и поконкурентна економија заснована врз знаење и одржлив развој. Продолжуваме да градиме нова, динамична и извозно-ориентирана индустрија со производи и услуги конкурентни на европскиот и светскиот пазар.
Ценети присутни,
Токму тука, во Крушево, беше напишан и Манифестот чии идеи и вредности ја надживеаја краткотрајната Крушевска Република. Тоа е манифест на меѓуетнички и меѓурелигиски соживот преку почитување и прифаќање на различноста. Во сржта на оваа традиција, која и ден-денес ја применуваме во Македонија, е увереноста дека треба да се однесуваме кон другите онака како што сакаме и другите да се однесуваат кон нас. И токму овие вредности се загрозени во кризните региони што не се далеку од нас.
Во ова време на неизвесност, Европа и светот треба да останат доследни на принципите на меѓународното право. Право кое ги гарантира демократските вредности и границите на слободата кои се исцртани со слободата на другите луѓе и со нивното човечко достоинство.
Како што ја започнуваме втората година на членството во Советот за човекови права на Обединетите нации, ќе продолжиме да ги браниме човековите права и слободи и правото на човечко достоинство насекаде во светот. Ќе продолжиме да го нудиме решението – дијалогот, кој подразбира почитување и прифаќање на различноста. Цврсто веруваме дека така ќе успееме да обезбедиме мир за сегашните и посигурна иднина за идните поколенија.
На почетокот го спомнав заветот на Делчев кој подразбира дека културниот натпревар се води со јазикот и творештвото, творбите и книгите. Залудно некои предвидуваа дека дигиталната доба ќе значи крај на книгата, бидејќи книгата преживеа, но не само материјално – на хартија, туку и дигитално – во пиксели. Од неодамна, Република Македонија почна да ги дигитализира своите книги.
Затоа, како Претседател на Република Македонија, со големо задоволство прифатив да бидам покровител на проектот „Македоника", што има за цел да ја продолжи македонската традиција и преку интернет да го сподели со светот највредното од Македонија.
Драги пријатели,
Како што ја започнуваме новата година со надеж и очекување, сакам на сите вам да ви се заблагодарам за професионализмот и посветеноста во вашата мисија – промовирање на разбирањето и продлабочување на соработката на вашите држави со Република Македонија.
Уште еднаш, посакувам благосостојба и напредок на вашите држави и народи, а вам лично, многу среќа, здравје и успеси.
Ви благодарам.

|