Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод 18 август Денот на Армијата на Република Македонија
Среда, 18 Август 2010   

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија. Ваши екселенции. Дами и господа. Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам токму денес, на 18 август, денот на Армијата на Република Македонија. Како Врховен командант, горд сум на Македонската армијата која по својата способност и посветеност ги надминува сите очекувања.
Денес со гордост се сеќаваме и на 18 август 1943 година. Денот кога се формира баталјонот Мирче Ацев, која ја создаде АСНОМската Македонска држава. Армијата која ја ослободи нашата држава и заедно со сојузничките сили застана на браникот на слободата во светот.
Прославувајќи го денот на Армијата, ние се сеќаваме на сите знајни и незнајни херои кои со своето дело не задолжија сите нас. На живите сведоци и учесници во борбата за слободна Македонија но и на оние кои живеат во нашите сеќавања. Верувам дека оваа Армија, овој бастион на храброста и патриотизмот е гордост за сите нив.
Почитувани. Армијата на Република Македонија е еден од темелите на македонската независност и сувереност. Родена во мугрите на македонската демократија, веќе осумнаесет години, АРМ ја варди тешко стекнатата самобитност. Ја чува нашата слобода и слободата на нашите деца. Со тоа одговорно ја исполнува својата задача – да биде суверен гарант на нашиот територијален интегритет, демократијата и слободата на нашите граѓани.
Особено сум горд што Армијата, како еден од столбовите на македонскиот интегритет и самобитност, е ткиво кое ги поврзува сите заедници кои живеат во Република Македонија, независно од етничката и религиозната припадност.
Македонската армија е симбол на војничка солидарност и лојалност кон заедничката татковина Македонија. Таа е горд чувар на традицијата на македонскиот соживот и еден од најголемите промотори на тој наш модел во земјава и во светот.
Почитувани. Иако денес ги славиме 18-те години од формирањето, Армијата одамна го стекна и потврди своето полнолетство.
Соочувајќи се со големи предизвици и спроведувајќи макотрпни и темелни реформи, Македонската Армија денес е еден од предводниците на реформскиот процес. Вие сте пример за тоа како треба да изгледа една современа професионална армија. И многу повеќе од тоа. Македонската армија со своите постигнувања е вистински пример за модернизацијата на современото македонско општество.
Ги исполнивте критериумите за членство во Алијансата. Постигнавте исклучителна професионалност и врвни стандарди во работењето. Токму затоа АРМ е еден од моторите на македонскиот пат кон евроатланските интеграции. Токму вие го носите најголемиот товар на тој заеднички пат. Пат за кој сум уверен дека ќе биде крунисан со полноправно членство во НАТО. За тој ваш напор сме ви благодарни.
Почитувани. Армијата на Република Македонија de facto е составен дел на НАТО. За тоа најдобро зборува учеството во меѓународните мировни мисии. Мисии во кои нашите македонски мировници рамо до рамо со нашите сојузници ги бранат заедничките вредности – мирот, слободата и демократијата. Во остварувањето на оваа голема задача ние ја споделуваме одговорноста со нашите сојузници. Заедно со нив, инвестираме во иднината на ова глобално сојузништво.
За тоа сведочат и припадниците на АРМ од последната ротација во мисијата ИСАФ. Ги поздравувам нашите мировници и им честитам за успешно извршената задача!
За тоа сведочи вклученоста во воените вежби каде припадниците на АРМ редовно се меѓу најпосветените и најистакнатите учесници.
За тоа говорат врвните признанија и одликувања за македонските војници. Признанија доделени од многу политички и воени лидери во светот. Сакам да знаете дека пофалбите упатени кон вас се пофалби за Македонија. Бидете уверени дека вашиот успех го чувствуваме како успех на Македонија.
Почитувани. АРМ ги спроведе реформите и ги исполни критериумите за НАТО. Но, мора да остане посветена и да продолжи по тој пат. Тоа е битка која секогаш одново се бие, секојпат подобро и поуспешно. Припадниците на Армијата во идниот период мора да останат посветени на развојот на способностите. Ќе мора да го одржуваат моралот и да се стремат кон осовременување на борбените постапки кон новите безбедносни ризици.
Македонската Армија ги исполни критериумите за членство во Алијансата. Но, ние не запираме тука. Гордо одиме напред, во континуирано остварување на големата мисија – професионална, технички современа армија која ќе ја брани македонската слобода. Армија која активно ќе придонесува во заштитата и изградбата на слободни и демократски општества.
Без континуирано вложување, стекнатата реформска кондиција може лесно да се изгуби. За да успееме во овој наш потфат, за да ги продолжиме реформите, потребни се финансиски средства. Само така Армијата ќе може доследно да одговори на своите задачи, како во Република Македонија, така и во светот, со нашите сојузници.
Затоа, во наредниот период потребно е да се зголемуваат финансиските средства наменети за Армијата.
Почитувани. Убеден сум дека оваа Армија - знаменосец успешно ќе одговори на сите задачи и предизвици кои стојат пред нас. Убеден сум дека и понатаму ќе бидеме горди на Македонската армија.
Нека е честит празникот на Македонската Армија, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

  Back<<Назад