Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Словачка, денеска присуствуваше на промоција на книгата „Прогласот" на Константин Филозоф Св. Кирил.
На промоцијата се обратија амбасадорот на Република Словачка, Н.Е. г. Мартин Безак, министерот за надворешни работи на Република Македонија, г. Никола Попоски и министерот за култура на Република Македонија, г-ѓа Елизабета Канческа Милевска.
Во рамки на настанот беше отворена и изложбата „1150 години од доаѓањето на Константин и Методиј на словачка територија".
Покровител на промоцијата беше претседателот Иванов кој имаше свое обраќање пред присутните.
Почитувани присутни,
Денес, во нашиот древен Охрид со оваа промоција на симболичен начин одбележуваме две децении од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Словачка. Се сеќаваме и на длабоките корени на македонско-словачкото пријателство.
Јазикот е клучот за разбирањето на културата, традицијата и светогледот на еден народ, на неговото минато, сегашност и иднина. Јазикот е душата на народот. Но, додека кажаното некогаш се заборава, пишаниот збор останува. Преку писмото, ние на автентичен начин им го пренесуваме на идните генерации она што сме го наследиле од нашите претци.
Дами и господа,
Читајќи го „Прогласот" на Константин Филозоф до Словените, сфаќаме зошто тој и неговиот брат Методиј се стекнале со епитетот словенски апостоли. „Без книга сите народи се голи", порачува Константин Филозоф. Без писмо, народите се ранливи, незаштитени, изложени на бурите на историјата. Народите без сопствена писменост отсекогаш биле лесен плен на оние што сакаат да ги поделат, покорат и претопат. Пред 12 века, словенските народи беа исправени пред тој предизвик.
Прогласот ги буди народите за да им ја подари најголемата сила, најголемата моќ – знаењето. Создавајќи ја и проширувајќи ја глаголицата од Македонија, Кирил и Методиј ни дадоа духовна и творечка слобода. Создадоа пишан јазик на кој е преведено Светото писмо и на кој христијанството се прошири меѓу Словените.
Ценети присутни,
„Битката на светите Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности.
Битката на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме нивното наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет.
Кирил и Методиј ни оставија комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави. Низ кодот на писменоста ние продолжуваме да ги градиме и унапредуваме одличните билатерлни односи меѓу Република Македонија и Република Словачка, онака, како што им доликува на пријателски држави и народи",порача во обраќањето македонскиот претседател.
Ви благодарам.

|