Цврсто сме решени да ги спроведуваме европските вредности, стандарди и критериуми - обраќање на приемот за членовите на дипломатскиот кор во Република Македонија
Сабота, 18 Јануари 2014   

gev01Почитувани претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да ве поздравам во Гевгелија, градот чиј дух на гостопримство е вткаен и во неговото име. На прагот на новата 2014 година, ви посакувам вам и на вашите семејства многу здравје, среќа и благосостојба. На вашите народи и земји, со кои Република Македонија одржува и развива блиски и пријателски односи, посакувам многу напредок и просперитет.

„Ниту еден човек не е остров сам по себе", напиша поетот Џон Дон пред 390 години. Денес, во услови на длабока глобална меѓузависност, би можеле да кажеме дека ниту една држава не е сама за себе. Не сме имуни на она што се случува во светот, на глобалните економски и политички процеси, на глобалните предизвици. Но, како што односот со другите луѓе го прави човека човек, така и нашите држави се побогати токму преку односите со другите држави. Односи, за чие градење, унапредување и продлабочување сте најзаслужни вие, дипломатите.

Вие придонесувате за унапредување и развој на односите на Република Македонија со вашите земји. Не само политичките, трговските и економските туку и културните, научните и образовните односи. Но пред сè, меѓучовечките односи втемелени врз споделените вредности и принципи. Вашиот придонес е навистина многу значаен и јас, лично, многу ви благодарам за тоа. Ве охрабрувам да продолжите со вашиот ангажман во што ќе ја имате, како и досега, нашата целосна поддршка.

Почитувани присутни,

Во изминатите пет години македонската надворешна политика доследно се водеше од отвореноста кон сите како свој врвен принцип.

Вложивме многу енергија во создавањето амбиент за поуспешна билатерална, регионална и мултилатерална соработка со земјите од непосредното и поширокото соседство. Притоа, се водевме од принципот дека добрососедските односи се двонасочна улица и дека најмногу зависат од земјите во регионот.

Свесни дека само заедно можеме да го градиме успехот на Југоисточна Европа, се залагавме за инфраструктурно, енергетско, економско поврзување на нашите земји. Ме радува што највисоко на агендата на регионот е поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорите 8 и 10. Тоа значи суштинско менување на географијата, реалноста и иднината на нашиот регион.

Ги унапредувавме старите и градевме нови односи и со европските, но и со воневропските центри.

Имавме голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг.

Како признание за заложбите на Република Македонија за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство, бевме избрани за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Ја користам оваа пригода да им се заблагодарам на земјите кои ја поддржаа нашата кандидатура.

На парадигмата на конфликтот меѓу цивилизациите ѝ ја спротивставивме парадигмата на дијалогот меѓу религиите и цивилизациите. Вековната македонска традиција на соживот, прифаќање и почитување на различностите, како наша најголема и најскапоцена вредност, ја вложивме во светските конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и во Алијансата на цивилизациите.

Неодамна, во моето годишно обраќање, ја запознав пошироката јавност со сите успеси и достигнувања на Република Македонија на внатрешен и надворешен план за време на мојот мандат. Денес, пак, сакам да споделам со вас како ја гледам Република Македонија и целиот регион во наредниот период.

Оставајќи го зад себе турбулентното време на изолација, поделби и конфликти, регионот навлегува во период кога ќе имаме промени на подобро. Анимозитетите и предрасудите целосно ќе им отстапат место на соработката, довербата и свртувањето кон иднината. Сè уште има предизвици од некои старомодни политичари. Но, едно е јасно. Процесот за европеизација на Балканот започна и не може да се врати. Во основата на тој процес е желбата на граѓаните за подобар живот. Желба чие остварување може да се забрза преку интеграциите, преку соработка и заемна поддршка, каква што немало досега на Балканот. Во ваква реалност нема место за политичари со затворени умови, чии политики се само моментални состојби и не се одраз на интересите на граѓаните и на пошироките интереси.

Ценети екселенции,

На почетокот спомнав дека Гевгелија е град на гостопримството кој ги отвора своите врати за секој добронамерник. На прагот на 2014-та, која е прогласена за година на мирот, одбележуваме еден век од почетокот на Првата светска војна. Недалеку од Гевгелија се протегаше македонскиот фронт, на кој се водеа некои од најжестоките битки кои влијаеја на исходот на Големата војна. Но, лекцијата не беше научена, и историјата се повтори, уште потрагично. Од урнатините и пепелта на Втората светска војна конечно почна да се гради Европа како мировен проект.

Токму затоа, од Гевгелија, од овој пограничен град, сакам да упатам покана до нашиот јужен сосед за соработка и заемна поддршка, онака како што тоа секојдневно го прават нашите граѓани и општества.

Република Македонија целосно се вклопува во визијата за регионот. Како земја со длабоко европско минато, остануваме насочени кон достигнување на нашата европска иднина. Имавме континуирани реформи кои резултираа со визната либерализација, со позитивните извештаи од Европската комисија и со препораките за почеток на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.

Сакам јасно да истакнам дека status quo состојбата во поглед на евроинтеграциите не нè обесхрабрува. Цврсто сме решени да ги спроведуваме европските вредности, стандарди и критериуми во Република Македонија за доброто на нашите граѓани. На тој наш пат не сме осамени. Како партнер ги имаме Европскиот парламент, Европската комисија, но и сè побројните земји-членки кои ја поддржуваат европската иднина на Македонија. Ним сме им навистина благодарни.

На самиот крај, би сакал да ви се заблагодарам за севкупната досегашна поддршка, што вие и земјите кои ги претставувате, ѝ ја дававте на Република Македонија.

Ви благодарам.

gev03

  Back<<Назад