Ценети учесници на „Илинденскиот марш 2013-та“, Почитувани присутни, Драги пријатели,
Навистина сум особено почестен поради можноста да бидам покровител на манифестацијата „Илинденски коњанички марш 2013“ и да бидам денес меѓу вас. Честа е уште поголема и поради фактот што годинава се одбележуваат 35 години од првиот марш во 1978 година. Сево ова во годината кога одбележуваме 110 години од славното Илинденско востание и првата Република на Балканот – Крушевската. Благодарение токму на оваа манифестација на специфичен и оригинален начин, преку коњаничкиот марш од Лисиче до славното Крушево, се одржува жив споменот на илинденските востаници и на нивната борба за слободна и независна Република Македонија. Она што го трасираа илинденците во 1903, а го продолжија Асномците со вториот Илинден во 1944, беше заверено со референдумот во 1991. Повеќе од две децении, ние, сегашните генерации Македонци сме благословени да живееме во слободна и независна македонска држава.
Почитувани,
Македонските патриоти со срце и душа ги празнуваат своите празници и секогаш наоѓаат начин да им оддадат признание на најсветлите ликови во нашата историја. Учеството на „Илинденскиот коњанички марш“ е предизвик, но и привилегија и чест. Секоја година има сè повеќе и повеќе пријавени кандидати за учесници и сè повеќе и повеќе пријатели и поддржувачи на манифестацијата. „Илинденскиот коњанички марш“ е култен настан кој секоја година се подготвува и се реализира со душа и срце.
Но, ова не е марш и манифестација само за спомен на минатото, тоа е и влог во сегашноста и залог за иднината. Македонските граѓани, овде во Лисиче, во Крушево, и во секое друго македонско село или град, никогаш нема да ја заборават жртвата на илинденците и нема да дозволат никој да ја доведе во прашање македонската државност.
Дозволете ми, на крајот на ова обраќање, да им оддадам признание и да им се заблагодарам на сите кои се вклучени во маршот. Оние кои го организираат, оние кои финансиски го помагаат, сите вие кои сте денес собрани во црквата „Свети Петар и Павле“ и кои непосредно ја изразувате вашата поддршка кон коњаниците. На коњаниците им посакувам среќен пат и безбедно пристигнување во Крушево.
Ја прогласувам манифестацијата Илинденски коњанички марш 2013 за отворена. Да ни е вечен споменот на Илинден, да ни е вечна Република Македонија!
Благодарам.

|