Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на годишнината од основањето на Меѓународната организација на Франкофонија
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, франкофони,
Ви благодарам што во толку голем број се одзвавте на поканата да го одбележиме Денот и четири децениското опстојување на Меѓународната организција на Франкофонијата.
Братството на франкофонските земји денес е една од најголемите меѓународни организации во светот. Нејзината долговечност е најдобра потврда за истрајноста и оправданоста на франкофонската идеја. Тоа е идеја која ги пленува и придобива своите приврзаници, со нејзината сила, вредности и традиција. Големата разновидност на државите кои членуваат во Организацијата, само дополнително го истакнува заедничкиот културен елемент на припадноста.
Драги гости,
Франкофонската традиција во Македонија е многу постара од самата организација. Македонија отсекогаш била место низ кое се прелевале цивилизациите и културите, на крстопатот меѓу Европа и Азија. Франкофонската култура оставила трајна и длабока трага во овој регион, и ние со задоволство ја негуваме и чуваме. Во Македонија француската традиција се поврзува со една граѓанска култура, која низ вековите претставувала водилка за далеку-мислечките наши сограѓани. Сите наши предци во Македонија, се што било европско го идентификувале со - a la franka.
Не случајно се вели дека францускиот јазик е еден од првите јазици на кои се објаснуваат правата на човекот, на човечкото достоинство. За мала држава, која честопати била во позиција да мора да се бори за своите права и своето достоинство, природно е да се насочи кон јазикот, кон културата и традицијатата со кои се негуваат и чуваат човековите права. Оттаму, нескротливиот и бунтовен дух на македонските писатели, македонските уметници, научници, спортисти и политички реформатори секогаш имал свое прибежиште во културната и духовната татковина на францускиот јазик, кој од големиот Волтер бил наречен - јазик на светот. Да се присетиме на примерот на апостолот на македонската борба, Гоце Делчев, кој францускиот јазик го учел од реформаторот на нашата литература Глигор Прличев.
Подрачјето на Франкофонијата, да искористам малку од модерниот жаргон, е место во кое секогаш владеела целосна визна либерализација за напредните и слободарските идеи.
Франкофонијата црпи од сите свои одделни членки, но успева сите нив да ги облагороди и да ги направи подобри и поуспешни. Нејзиниот акцент на демократијата, на образованието, економскиот развој, значи исполнување на врвната обврска на државите и народите, за меѓусебно помагање и заедничко чекорење во иднината. Франкофонските земји ги поврзува чувството на солидарност. Очекувам тие принципи на соработка и солидарност повторно да бидат потврдени и во октомври, на самитот во Монтре, во Швајцарија, каде Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво за првпат по полноправното членство во организацијата на франкофонските држави.
Почитувани гости,
Република Македонија е земја во која традицијата на отвореност и прифаќање на различностите како благослов е реалност. Ние се гордееме со тоа што можеме да се повикаме на акумулираното богатство на култури кои го оставиле својот неизбришлив траг врз нашата земја. Со тоа богатство, со толеранцијата и почитувањето на различностите, со моделот на успешна мултиетничка демократија, ние ја облагодаруваме и ја зголемуваме вредноста и почитта кон Франкофонијата.
Со таа мисла би сакал да Ви се заблагодарам и да Ви посакам пријатна вечер, со уживање во уметноста. Но, прво да наздравиме за Република Македонија и за Организацијата на Франкофонските држави. Вив ла Маседоан, Вив ла Франкофони.
|