Македонско-албански бизнис форум | |
|
Дозволете ми да го поздравам овој состанок на бизнис заедниците од двете земји, и да го изразам моето уверување, дека ќе имате продуктивна работа, дека ќе го пронајдете интересот за соработка. Вчера на средбите со мојот пријател, Претседателот Топи, заемно констатиравме дека економската соработка е оној исклучитено значаен и редок сегмент во нашите односи, од кој не можеме да бидеме задоволни. Оваа соработка воопшто не кореспондира со нивото во политичките односи, со можностите на двете економии, со фактот дека сме соседи. Секако, ние како Претседатели, нашите две држави, можеме и мораме да ја олесниме и поттикнеме оваа соработка, можеме да создаваме амбиент и особено важно, да создаваме клучни претпоставки од типот на инфраструктурно, енергетско поврзување. Тука сме за да ве информираме дека, да, тоа ќе биде нашиот приоритет за периодот што следи. Почитувани, Улогата на државата е да ги унапредува билатералните односи, трасирајќи го патот за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во услови кога светската економија, нашите економии сеуште закрепнуваат од последиците на кризата, ваквата улога на државата се повеќе доаѓа до израз. Упатени една кон друга, државата и бизнисот развиваат партнерски однос со цел одржување на економската стабилност. Добрите и стабилни политички односи меѓу нашите две земји претставуваат најголем капитал од кој ќе профитираат двете општества и бизнис заедници. Во таа смисла, Спогодбата за трговија и стопанска соработка, како и Договорот за слободна трговија укажуваат на взаемната посветеност кон продлабочувањето на економските односи преку целосна либерализација на трговската размена. Централноевропскиот договор за слободна трговија од 2006 година, ЦЕФТА, дополнително ја проширува рамката за соработка на полето на надворешната трговија, отварајќи простор за полиберален режим во однос на повеќе производи, како што се земјоделските производи или производите на прехранбената индустрија. Свесни сме за постоењето на голем потенцијал за економска размена меѓу нашите две стопанства. Затоа го охрабруваме организираниот пристап и пласман на македонските производи на албанскиот пазар и ги поттикнуваме директните инвестиции на македонските претпријатија во Албанија, и обратно, но и основањето на мешовити компании. Таквиот поттик не е само вербален, туку се темели на реалните заложби за создавање на поволна инвестициона клима и отвеност на нашите економии. Во таа насока, ја препознаваме и потребата за заедничките инфраструктурни проекти и поврзувања, кои треба позитивно да влијаат на зголемувањето на протокот на патници, стоки и услуги меѓу двете земји. Забрзаното поврзување на нашите земји преку Коридорот 8 е од заеднички интерес. Посебен предизвик претставува интензивирањето на соработката за доизградба на неопходните железнички линии, како иден економски крвоток меѓу двете земји. Исто така, еден од приоритетните проекти за Република Македонија е и дополнителното развивање на делниците кои би го унапредиле патниот сообраќај. Енергетиката претставува клучен економски двигател. Затоа, во наредниот период потребно е поголемо заедничко ангажирање на надлежните институции од двете страни за дефинирање на можните решенија за интерконективно поврзување на двете земји во делот на електроенергетскиот и гасоводниот систем. Почитувани стопанственици, Вложувањето во инфраструктурната поврзаност ќе му даде нов импулс и на процесот на спроведување на Договорот за соработка во областа на туризмот и ќе го олесни организирањето на туристички патувања во двете земји, кои, од година во година се се побројни и за кои постои се поголем интерес кај граѓаните на нашите две земји. Постои голем интерес за интензивна економска соработка, за што најдобро сведочи и овој македонско-албански економски форум. Го поддржуваме почестото организирање на бизнис форуми и Ве охрабруваме да учествувате на саемите во Македонија и Албанија, кои претствуваат одлична можност за зајакнување на постоечките и воспоставување на нови деловни врски со партнерите. Во насока на унапредување на редовна соработка, ја препознаваме потребата за отворање на деловни центри во Скопје и во Тирана, дополнително олеснувајќи ги контактите и размената. Како соседи, упатени сме едни кон други, и посветени сме на понатамошно развивање на соработката, како на политичко, така и на економско поле, а за што сведочат оваа значајна посета на Претседателот на Република Албанија, Н.Е. Бамир Топи, како и овој Македонско-албански економски форум. Ви посакувам успешна работа и ви благодарам на вниманието.
|