Испраќање на контингент на АРМ во Авганистан | |
|
Дозволете ми најпрвин да ви пожелам добро здравје, среќа и успех во мисијата која ја преземате во Авганистан. Во името на сите граѓани на Македонија можам да ви пренесам дека чувствуваме гордост и длабока благодарност кон вас. Како Врховен командант сум свесен за личната жртва која секој од вас се решил да ја поднесе и за ризикот кој со себе го носи оваа мисија, за семејните одрекувања и тешкотиите кои ве очекуваат во следните месеци. Почитувани, Република Македонија донесе одлука за зголемување на контингентот во Авганистан во коалиција со Соединетите Американски држави, поточно со националната гарда на американската сојузна држава Вермонт. Очекувам дека оваа мисија ќе претставува продолжување на успехот од претходните заеднички мисии на нашите две земји во Ирак. Македонија своето пријателство и својата припадност кон коалицијата на демократски и слободни држави ја потврдува не само на зборови, туку и на дела и има сили и решителност да ја спроведе својата цел. Тоа е мир и стабилност во светот, промоција на слободата и демократијата, и заштита на недолжните од насилство. Ние сме дел од сојуз на држави обединети меѓу себе од нашите заеднички вредности. Токму затоа, поради високите цели и идеали, оваа мисија оправдано ја има широката поддршка на македонските граѓани, на политичарите и на јавноста. Нашите сили се во Авганистан со задача да придонесат кон стабилноста и мирот. Да им помогнат на граѓаните на Авганистан полесно да изградат своја просперитетна, мирна, демократска и слободна иднина. Земјите кои учествуваат во мисијата не бараат ништо за себе. Нашата награда е сознанието дека сме сториле се што е во наша моќ да помогнеме кога било најтешко. Почитувани, Знам дека Вие во оваа мисија патувате со должна и длабока почит кон авганистанскиот народ. Авганистан е земја со исклучително минато и богата културна и верска традиција. И Македонија има длабока и долготрајна традиција на почитување и вреднување на различните религии, нации и култури. Таа традиција особено може да се види во Армијата на Република Македонија. Затоа знам дека ќе бидете исклучително добри и достојни амбасадори на нашата земја. Македонија, со учеството во мировните мисии во Ирак, Босна и Херцеговина, Либан и во Авганистан, покажа дека е рамноправна со другите земји од евро-атлантското семејство на народи. Нашата армија не заостанува, по подготвеноста, по храброста и по решителноста, зад армиите на нашите партнери и пријатели. Македонија е полноправен член во понесувањето на одговорностите. И во најтешките мигови, Македонија останува посветена на преземените обврски и задачи, како што доликува на вистински сојузник и пријател. Ние со нашата посветеност инвестираме и во цврстината на ова глобално сојузништво, кое е замислено да трае, и кое е надеж на многу луѓе од целиот свет. Цврсто сум уверен дека пред нас е период во кој врвните стандарди и постигања на Македонската армија, Македонското општество и Македонската држава ќе бидат крунисани со полноправно членство на Република Македонија во НАТО и Европската Унија. Почитувани родители, роднини, пријатели, Сите ние сме горди на нашите војници. Тие се тука, построени пред знамето на Република Македонија, затоа што се најдобрите. Тие се најподготвените. Најуспешните. Почитувани војници и старешини, Вие сте најдобрите претставници на нашата држава, на нашите вредности и на нашата посветеност на мисијата. Да живее Република Македонија!
|