Обраќање при доделувањето на „Орден за заслуги за Македонија“ на Есма Реџепова Теодосиевска
Вторник, 06 Април 2010   

Дами и господа,

Имам голема чест и задоволство да ви се обратам по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на нашата музичка дива Есма Реџепова - Теодосиевска. Македонија е земја со богата историја, култура, уметност. Земја која раѓа уметнички виртуози, хуманисти и човекољупци. Токму во Есма се синтетизирани сите врвни човечки и уметнички квалитети. Задоволство е да се биде современик и сограѓанин на Есма. Ѕвездата од париска Олимпија, чии концерти ширум светот се однапред распродадени. Есма која живее во нашето соседство, скромна и достоинствена, постојано подготвена да им помогне на сите на кои им е потребна поткрепа и подршка. Со својата автентичност, оригиналност и перфектна вокална изведба, Есма ја афирмираше македонската и ромската музика во светот, израснувајќи во маркантно интернационално музичко име.

Денес имаме можност во името на сите граѓани на Република Македонија, врачувајќи и го Орденот за заслуги за Македонија, да и се заблагодариме од се срце за се што има постигнато во афирмирањето на нашата земја. Да и оддадеме уште едно заслужено признание на нејзината музичка големина и на нејзината хуманитарна дејност. Големина на која и се восхитува целиот свет и за која сведочат бројните признанија и успеси, но пред се задоволството и насмевките на оние што уживале во гласот на Есма, или ја почуствувале нејзината мајчинска прегратка.

Почитувани,

Денешната свеченост се одвива на само два дена пред 8-ми април - меѓународниот ден на Ромите. Тоа е ден што со особена гордост се прославува во Република Македонија. Впрочем, ромската заедница е нераскинлив дел од македонското општество и не случајно токму во нашата земја постои општина каде што ромскиот јазик е во службена употреба.

Покрај останатите свои активности, Есма е бездруго една од водечките личности во ангажманите за подобрување на социјалната и економска состојба на Ромите. Секако нејзината грижа за заедницата, нејзината филантропска и хуманитарна мисија нè разликува националност, религија, пол...  Љубовта е потребна подеднакво секому и секаде и треба безрезервно да се дарува, како што тоа своевремено го правеше најпознатата скопјанка - Мајка Тереза.

Есма е апсолутен пример дека не постојат бариери кога е во прашање талентот, волјата и истрајноста.  Повеќе од педесет години Есма ги освојува сцените и срцата на посетителите на нејзините концерти ширум светот, носејќи ги пораките од една мала земја по простор, но голема по дух.

Дозволете ми на крајот на Есма да и посакам уште многу лични и професионални успеси и, секако, да продолжи со енергијата на својата музика и топлината на својот глас да го облагородува светот, дарувајќи и ширејќи безусловна љубов.

  Back<<Назад