
Тврди и бескомпромисни грчки ставови се најголема пречка за да се постигне заемно прифатливо решение за проблемот што ја попречува евроатлантската интеграција на нашава земја, смета шефот на државата Ѓорге Иванов. Затоа, според него, Македонија гради однос на што подобро меѓусебно разбирање и доверба, но се' уште се чека на поместување од грчките тврди позиции. За ова, но и за другите актуелни прашања во земјава, претседателот Иванов зборува во денешното интервју.
Дневник: Дали Ве загрижуваат анкетите според кои, на пример во јуни, 45 отсто од граѓаните изјавиле дека сметаат дека земјава се движи во погрешна насока, додека анкетата на СЕП го покажа трендот на евроскептицизмот?
Ова е една долготрајна тема што излегува на површината секогаш кога Македонија се соочува со пречки на евроатлантскиот пат поставени од страна на Грција. Сметам дека е крајно неодговорно, ако веќе сите знаеме дека јавна и отворена политика на Грција е да го попречува членството на Македонија во Европската Унија и во НАТО, од тоа да произлегуваме со заклучок дека некако Македонија загубила интерес или желба за членство. Тоа е едноставно извртување на состојбата наопаку. Македонија е посветен и ангажиран сојузник на НАТО и на Европската Унија во Балканот. Ние учествуваме во мировните мисии како да сме полноправна членка, дури и на горната граница на нашите можности. Македонија ја координира својата политика со политиката на Европската Унија. Амбициозно работиме на исполнување на Копенхагенските критериуми, кои се потребни за членство во ЕУ. И притоа, и покрај условите на криза во кои се наоѓа целиот свет, и покрај грчката блокада и непримерните барања поставени пред Македонија, посветеноста на граѓаните кон европската агенда останува исклучително висока. Оттаму, навистина не можам да ја разберам потребата со сила да бараме евроскептицизам во Македонија. Да додадам дека евроскептицизмот подразбира сомничавост во самиот концепт на работењето на Унијата. Во Македонија, ние немаме ниту една сериозна политичка опција што ги оспорува принципите на Унијата, успешноста на овој исклучителен мировен и развоен проект и потребата од демократска отвореност на Македонија. Таква критика, која може да се слушне во некои од државите-членки на ЕУ, потоа во политички кругови надвор од ЕУ, во Македонија едноставно нема. Во Македонија има укажување на фактот дека идентитетот, името, припадноста на земјата-кандидат навистина не смее да биде услов за членство. Дека грчките условувања поттикнуваат недоверба, национализам и дека се недостојни за европска држава. Тоа, сепак, не може да се толкува како сомничавост во успешноста на Унијата или во потребата Македонија да стане членка што поскоро, туку, напротив, е израз на разочараност од грчката блокада која го држи овој проект подалеку од Македонија.
Дневник: Како, воопшто, гледате на социоекономската состојба во земјата, задоволни ли сте од она што се остварува како пораст на општествениот производ, инвестиции, новите вработувања, задолжувањата...?
Мислам дека во ниедна држава, доколку ги прашате граѓаните, нема да добиете одговор дека економската состојба е добра. Секогаш има простор за подобрување. Во Македонија, во средината на 90-тите години ние навистина испуштивме еден период во кој други европски држави подобро се снајдоа и побргу фатија приклучок кон реформите и отворањето на економијата. Пред две-три години имавме период на забрзан развој и покрупни инвестициски проекти, кој за жал беше пресечен од светската економска криза, која силно ги погоди сите држави во светот до таа мера што почнаа да се отвораат прашања за одржливоста на светскиот економски модел. Сметам дека резултатите во економијата може да се менуваат во зависност од светските текови, но дека е многу важно ние како држава да стоиме на принципите што во време на светски напредок ни овозможуваат да ги следиме другите држави, а во време на криза овозможуваат таа криза помалку да се почувствува кај нас. Тие принципи секако се намалување на расходите на државата, отстранување на пречките пред стопанствениците, наградување на трудот и успехот. Државата може со некои мерки и активно да помогне. Наша одговорност како политичари е да обезбедиме, пред се', безбедност и правна сигурност во државата, кои се неопходни за развој на бизнисот. Да обезбедиме образование што ќе ги следи потребите на стопанството, нешто во што како држава навистина многу вложуваме. Да загарантираме дека сите политички пречки за отвореноста на нашата економија ќе се отстрануваат. Како претседател јас навистина имам ограничени можности да влијаам во економската сфера, но моја определба е со директни контакти и со ангажман на бизнис-заедницата на моите патувања во странство да се обидеме да го отвориме македонското стопанство кон надвор. Мора да се отвориме кон сите пазари што се нудат, како кон развиените и напредни западни држави, така и кон големите потенцијали на другите континенти каде што дури имаме препознатливост и минат труд што некако лесно сме го запоставиле.
Дневник: Политичкиот дијалог во земјава ни се претвори во изрекување на што поголеми и потешки навреди, на прсти се бројат лидерски средби, имаме инциденти, за кои американскиот амбасадор во земјава рече дека „ниту едната ниту другата страна не се разликува во поглед на своите реакции и постапки“?
Понекогаш имам чувство како некој во Македонија да се плаши од успехот. Тој парадокс на влошување на односите тогаш кога знаеме дека сме под особен интерес ни се случувал и во минатото. Сведоци сме дека и други држави од соседството имаат слични ситуации, да трпат негативните последици во нивните интегративни процеси поради внатрешните несогласувања. А сепак, тоа е една тема што би требало сите да ги обедини и да биде над потребата од ситни престрелки. Мора да разбереме дека учеството во политичките процеси нема алтернатива, особено не за политичките фактори кои решиле да излезат и да бараат доверба од граѓаните. Учеството во политичката борба не смее да се условува.
Дневник: Може ли, тогаш, земјата - со вакви перформанси - во ноември годинава да добие позитивен годишен извештај од ЕУ и определен датум за почеток на преговорите?
Република Македонија веќе доби еден позитивен извештај, со препорака за почнување на преговорите, и тоа заедно со визната либерализација беше голем успех за минатата година. Јас очекувам дека и годинава ќе имаме позитивна препорака за почнување на преговорите од страна на Комисијата. Секако, ги следиме со внимание критиките што се слушаат за Македонија, и како и секоја година, ги сметам за нешто на што треба да се поработи за извештајот да биде што е можно подобар. Имаше успешни проекти во текот на годината, но имаше и некои, како што е Законот за антидискриминацијата, каде што фактот дека Македонија реши да се фати во костец со тоа прашање беше донекаде засенет со критиките на активистички групи што се почувствуваа изоставени. Јас, лично, не ја прифаќам тезата дека во Македонија одненадеж се' е одлично или, пак, дека се' е станато црно. Но длабоко сум убеден, како што верувам и сите граѓани на оваа држава и сите објективни набљудувачи, дека Македонија одамна ги исполни сите потребни услови за почнување на преговорите за членство со Унијата. Сметам дека предолгото одлагање на овие преговори, од политичката блокада поставена од страна на Грција, е штетно за подготвеноста на Македонија да преговара. Ние како држава мора да имаме поставено нови задачи пред нас, и да ги исполнуваме, за да можеме да напредуваме во интеграциите. Се разбира, ова е многу важно и за успешноста на стратегијата на Европската Унија кон Балканот, на одржувањето на угледот и иницијативата на Унијата во однос на идните членки.
Дневник: Постигнувањето договорот во спорот со Грција околу името на нашата земја ни се наметна како клучен фактор од кој зависи нашата евроатлантска интеграција. Што може да се очекува во наредниот период?
Македонија досега многупати покажа дека е подготвена за дијалог, за средби, за комуникација, како единствен начин да се надминуваат разликите во мислењата. Ние градиме однос на подобро меѓусебно разбирање и доверба за да се изнајде заемно прифатливо решение. Заинтересирани сме уште утре, или што побрзо да се дојде до тоа, бидејќи е тоа во наш интерес. Добро е што во изминатиот период новиот премиер на Грција, господин Папандреу, покажува подготвеност за средби, иако се' уште чекаме на поместување од грчките тврди позиции за да можеме да бидеме поголеми оптимисти за надминување на блокадите поставени пред Македонија.
Дневник: Се добива впечаток дека странските дипломати се поголеми оптимисти во однос на брзото решавање на проблемот отколку што тоа може да се заклучи од изјавите на нашето раководство.
Доколку ги следите моите и изјавите на другите македонски политичари упатени во разговорите за името, мислам дека нема да почувствувате песимизам или отфрлање на можноста за успех. Ние, напротив, знаеме да ја поздравиме одлуката на раководството на Грција да престане еден игнорантски однос во кој нивните политичари едноставно одбиваа да седнат на иста маса со нас, а притоа сепак тврдеа дека се посветени на решение. Ние сега имаме редовни средби, на кои, за жал, се' уште може да се слушнат некои тврди и бескомпромисни ставови. Затоа, мислам дека би било неодговорно ако како политичари не го посочиме фактот дека меѓународните фактори мора да бидат свесни дека задачата пред нас не е ни малку лесна. Дека мора да надминеме децении на негативна пропаганда во Грција, на разни теории на омраза и на заговори. Македонија мора, на крајот на краиштата, да се избори за правото да биде признаена како независна држава, на која и' се признаени нејзините права и обврски. Да се вцртаме како полноправен субјект во мапата на Европа.
Дневник: „Вардарска Република Македонија“, „Република Македонија (Вардар)“, се нови варијанти за наводно компромисно решение. Има ли вистина во ова? Како воопшто гледате на овие предлози?
Јас не сум тука да избирам ново име на оваа држава. Ако веќе ме прашувате за мојот избор, тоа е секако Република Македонија, за сите употреби, односно ерга омнес. Ние имавме случаи кога во експертската јавност се разгледуваат кои се можните замки и опасности што произлегуваат од евентуалната промена на името, и тоа е нормално, бидејќи како држава сме вклучени во процес без преседан, да се бара промена на државното име. Се разбира дека е тешко да се претпостави на кои се' сфери од општествениот живот идејата да се менува името на цела една држава може да се одрази. Дали тоа ќе се одрази на индивидуалните права, дали ќе бидат засегнати националните права, културата, економијата... Оттаму, јас разбирам дека во експертската јавност критички ќе се опсервираат сите можни предлози. Но, затоа не треба академски дискусии да се претставуваат како државен став. Државниот став е нешто друго.
Дневник: Што доколку не се постигне компромис, имате ли Вие и останатото државно раководство план и визија за тоа што ќе се случува и во која насока ќе оди земјата?
Македонија нема друг стратегиски план. Ние секако мора да ги следиме македонските интереси и потреби, и тие недвосмислено укажуваат во една насока: напредна, економски и демократски развиена држава, целосно интегрирана во НАТО и во Европската Унија. И таа цел ние ќе ја оствариме.
Нема причини за загриженост од дестабилизација
Дневник: Во една од Вашите најнови статии под наслов „Пакс Еуропана“ наведувате дека ваков модел денеска му е потребен на нашиот регион, по примерот на „Пакс Романа“ и „Пакс Отомана“. Оптимист ли сте дека ова идеја може да биде прифатена во ЕУ?
Оваа идеја за која честопати зборувам на средбите со меѓународни државници е добро прифатена. Тоа е секако идејата на ЕУ, односно на Обединета Европа, на простор без граници. Моја цел е да покажеме дека ние на Балканот навистина живееме со таа идеја. Уште поважно, дека и во минатото сме живееле со таа идеја, дека и покрај јасните слабости во минатото, живеењето во тоталитарни и недемократски системи, имало нешто што треба да се зачува, а тоа е постоењето на Балканот како отворен простор во кој сите меѓусебно ќе комуницираме. Секако, овој пат во демократски рамки, како демократски и рамноправни држави. Од разговорите со турскиот министер за надворешни работи Давутоглу, знаеме да се навратиме на последиците што произлегуваат од затворањето на Балканот, со исцртувањето на државните граници и потоа со одлуката тие граници да се дополнат со недоверба и сомничавост. Давутоглу честопати наведува колку некогаш напредни балкански градови, кои просперирале во услови на отворен простор, одненадеж се нашле отсечени, без простор за дишење. Примерите на Пловдив, Битола, Едрене, Призрен, покажуваат што може да се случи кога еден град што бил трговски, интелектуален, културен и политички центар, одненадеж ќе се најде отсечен од околината со која тргувал, комуницирал и соработувал.
Дневник: Имавте повеќе средби со Ваши колеги - претседатели на државите во регионот. Дали се тие знак и потврда дека граѓаните не треба да стравуваат од дестабилизација во регионот?
Не гледам причина за загриженост од некаква дестабилизација. На нашите регионални средби разговараме за инфраструктурата на нашите држави, за енергетското поврзување, за искористување на можностите за економска размена. Особено имајќи предвид дека долго време инфраструктурните проекти се правеа без да се има визија и перспектива за соработка меѓу државите, напротив, некои од овие проекти се правеа и како да се имаше предвид да му се нанесе штета на соседот, а не да се бара можност за соработка. Затоа е многу важно што почнуваме да зборуваме за заеднички проекти. Секако дека на некои од средбите, како што беше неодамна во Сребреница, неизбежни се темите на старите непријателства и анимозитетите што ги преживеавме. Но, денес на Балканот имаме демократски избрани водачи и сите гледаме кон иднината.
Дневник: Какви Ви се релациите со премиерот Никола Груевски, Ве консултира ли за определени прашања, како, воопшто, гледате на ефектите што Владата ги има во својата работа.
Имаме редовни средби, со заемно почитување и уважување. Се консултираме за сите прашања од нашите заемни овластувања. И во сите области во кои заедно работиме, со премиерот или со членови на Владата, можам да истакнам дека имаме одлична соработка.
Дневник: А со лидерот на опозицијата, Вашиот претходник Бранко Црвенковски, каква комуникација имате со него?
Со господин Црвенковски досега имавме неколку средби, меѓу кои и една на ниво на политички лидери во Катланово, која мислам дека послужи како позитивен пример како треба да се разговара, од страна на сите политички фактори, со уважување на заемните несогласувања. Мојата позиција сепак бара непартиско постапување и затоа вакви заеднички средби и понатаму ќе практикувам.
Дневник: Можно ли е одлуката на судот во Скопје, кој ја потврди затворската казна за Јован Вранишковски, да влијае врз влошувањето на односите со Србија?
Не може еден индивидуален случај да се генерализира и да се претставува како проблем во односите со Република Србија. Односите и соработката меѓу двете соседни и пријателски земји, кои се темелат на длабоки традиции, врски, заедничко минато и иднина, во никој случај не можат да бидат заложник на индивидуални случаи. Има разлики околу прашањата за Косово и за МПЦ, но постојано со мојот колега Борис Тадиќ истакнуваме дека тие разлики не се и не можат да бидат пречка за градење на односи и соработка. По објавувањето на одлуката на судот за овој случај, и мојата одлука да не одам во манастирот „Прохор Пчињски“, од српска страна не пристигнале реакции до мојот кабинет. Годинава, според однапред утврдениот државен протокол, ќе присуствувам на одбележувањето на 2 Август - Денот на македонската државност во меморијалниот центар „Пелинце“.
Дневник: Некои интелектуалци, преку свои истапи во медиуми, од вас побараа да се заложите за ослободување на притворениот фармер Душко Илиевски или барем да му се овозможи да се брани од слобода.
Како и досега во мојот мандат, цврсто ќе се држам до своите ингеренции и овластувања. Законот за помилувањето, кој претрпе измени во 2009 година, не ми дава право да дадам помилување со ослободување од гонење бидејќи предметот е во фаза на истрага. Сметам дека каков било мој коментар за ова прашање може да се интерпретира како мешање во работите или облик на влијание врз институциите. Не можам да си дозволам да ги пречекорам моите законски надлежности. Тие недвосмислено укажуваат дека претседателот нема овластување да презема какви било дејства што се однесуваат на текот и исходот од постапки иницирани пред судовите или органите на кривичниот прогон.
Новинар: Бранко Ѓорѓевски
Пристапете кон интервјуто преку линк
|