Средба на претседателот Иванов со г. Хенрик Хололеј, генерален директор за мобилност и транспорт на Европската Комисија
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Хенрик Хололеј, генерален директор за мобилност и транспорт на Европската Комисија.
На средбата беа разменети мислења околу можностите за поголема соработка и поддршка од страна на Европската унија, во областа на транспортното поврзување, и вклучување на Република Македонија во европските инфраструктурни проекти.
Претседателот Иванов на средбата ги реафирмираше стратешките цели на Република Македонија за членство во Европската Унија и ја истакна потребата од поголема економска и транспортна поврзаност.
„За рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме рамноправен дел и од европските патни, железнички и енергетски коридори. Очекуваме Унијата да ја стави Македонија на мапата на големите европски инфраструктурни проекти", порача на средбата македонскиот претседател.
Претседателот Иванов додаде дека економската, транспортната и дигиталната поврзаност, ќе помогнат нашите компании да бидат поконкурентни на глобалниот пазар, и ќе го направат целиот регион поатрактивен за директни странски инвестиции, односно ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот.

|