Почитувани членови на дипломатскиот кор, Почитуван доајен на дипломатскиот кор, Дами и господа, Драги пријатели,
На самиот почеток, дозволете ми, да ви посакам среќна Нова 2019 година исполнета со многу успеси за вас и за вашите држави и организации.
Во изминативе десет години како Претседател на Република Македонија имав можност да се среќавам и да соработувам со околу 170 резидентни и нерезидентни амбасадори од околу 100 држави и меѓународни организации. Иако не бев во можност со сите да имам чести средби, сепак, ја користев секоја прилика за да размениме мислења за важни прашања. Еден од таквите настани е и традиционалниот новогодишен прием.
Кога во 2009 година за прв пат бев избран за Претседател на Република Македонија, моја цел беше дипломатските активности во новата година да ги започнуваме секогаш од ново место и со нова перспектива. Заради тоа излеговме од комфорот на главниот град и тргнавме во 10-годишна дипломатска турнеја низ Република Македонија. Во изминативе години ги посетивме Охрид и Битола, Крушево и Берово, Дојран и Гевгелија, Струга и Вевчани. Тоа беше одлична можност, особено за нерезидентните дипломати, подобро да ја запознаат Република Македонија, нејзините трајни вредности, богати традиции и туристички потенцијали. Од оваа дипломатска турнеја се родија и нови иницијативи за соработка на локално ниво, за збратимувања на градови и размена на искуства, на мое големо задоволство.
Но, на глобално ниво, поради бројните падови и кризи, оваа декада стана позната и како декада на стравот. Но, јас секогаш во кризата сум гледал и гледам можност за соработка.
Па така, светската економска криза нè поттикна да бидеме конкурентни на глобалниот пазар и попривлечни за потенцијалните странски инвеститори. Тоа придонесе за зголемена трговска размена.
Мигрантската криза, пак, нè поттикна на потесна соработка со земјите од Вишеградската група и земјите кои се наоѓаат долж мигрантската рута. Како Претседател на Република Македонија јавно им благодарам на сите држави кои ни помогнаа, и кои сè уште ни помагаат во менаџирањето на заканата од илегална миграција. А помагајќи ѝ на Република Македонија си помагаат и себе си и на целиот eвропски континент.
Конечно, безбедносната криза нè поттикна да соработуваме во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам и да го зголемиме уделот во мировните мисии. Бидејќи мирот и безбедноста нè засегаат сите нас.
На посветлата страна на нештата, соработувавме на полето на културната дипломатија. Македонската јавност можеше да види многу изложби, да присуствува на многу концерти и настани кои беа иницирани или организирани од ваша страна.
Исто така, благодарение на вашата соработка, во вашите држави се промовираа некои од највредните македонски материјални и нематеријални, културни и духовни вредности. Заедно следевме многу пријателски натпревари се радувавме на многу спортски победи. Со државни признанија им се заблагодаривме на некои од пријателите на Република Македонија, како што се: Роман Херцог и Жељу Жељев, Уфе Елеман Јансен и Ото фон Хабсбург, Кијоши Мизуно, Елена Верижникова, Владислав Барчиковски, Џорџ Буш и други.
Одбележавме значајни јубилеи и годишнини. Годинава се навршуваат 25 години од воспоставување дипломатски односи со 19 држави, меѓу кои се и Швајцарија, Руската Федерација, Белгија, Јапонија, Чешката Република, Република Словачка, Виетнам, Шпанија, Унгарија, Луксембург, Египет, Португалија, Светиот Престол, Австрија.
Република Македонија имаше неколку претседавања меѓу кои со Советот на Европа, Квадрилатералата, Централноевропската иницијатива, Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Процесот Брдо-Бриони кој стана круна на регионалната соработка. Членувавме во Советот за човекови права на Обединетите нации и ја потврдивме и зацврстивме улогата на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации. Сето тоа се должи на отвореноста како врвен принцип во надворешната политика.
Како Претседател на Република Македонија остварив бројни работни и официјални посети на некои од вашите држави. Имав можност да бидам домаќин или да остварам средба со некои од вашите високи и највисоки претставници кои во изминативе 10 години ја посетија Република Македонија. Сето ова е плод и на вашата соработка. Затоа, најискрено им благодарам на сегашните и на поранешните амбасадори кои, на свој начин, во рамките на своите можности, помогнаа во продлабочувањето на билатералните односи на Република Македонија, почитувајќи ги притоа нејзините интереси и вредности.
Почитувани присутни,
Секоја година уредниците на многу светски речници избираат збор на годината. Во повеќето случаи тоа е зборот што најчесто бил употребуван или пребаруван. За 2018 година, уредниците на Оксфордскиот речник го избраа зборот токсичен, додека Dictionary.com го избраа зборот дезинформација. Знаеме дека политиката, зачинета со дезинформација, станува токсична. Од наша гледна точка, се прашувам кој би бил зборот на годината, па и на деценијата за Република Македонија. Некои би рекле лицемерство, други би рекле двојни стандарди, трети можеби би ја одбрале фразата status quo.
Но, во изборот на зборовите на годината има и поинаква методологија. Уредниците на Мериам-Вебстер наместо најчесто употребуваниот го избираат најпотребниот збор. Оттука, според нив, зборот на 2018 година е правда.
Јас одбирам да се раководам според оваа методологија и да го барам она што недостасува и, оттука, е најпотребно.
Неодамна, пред моето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија имав средби со некои од вас. На тие средби ја поставив дилемата, што би се случило и какви би биле реакциите доколку некој од вас би го прочитал говорот наместо мене. Истата дилема ја поставувам и денес.
Моите ставови во однос на последните случувања во Република Македонија ги искажав и во годишното обраќање во Собранието, но и од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации. Не би променил ниту еден збор, бидејќи ја зборував вистината за она што им е најпотребно на граѓаните. Тоа ми дава сила да останам доследен на моите одлуки и ставови.
Ќе го повторам следново. Правото на самоопределување и правото на постоење на македонскиот народ, но и принципите на демократијата и владеењето на правото не смеат да бидат доведени во прашање.
Членството во Европската Унија и во НАТО го сплотува целото наше општество, бидејќи за македонските граѓани НАТО значи безбедност, а Европската Унија значи просперитет.
Се надевам дека освен избори, во оваа 2019 година ќе видиме и суштински и добро обмислени европски реформи и капитални инвестиции кои реално ќе го подобрат животот на граѓаните. Тоа ќе биде вистински повод за триумфализам. Бидејќи тоа им е потребно на македонските граѓани.
А од сè, на македонските граѓани им е најпотребна надеж.
На 7 мај 2019 година ќе имаме можност да му посакаме добредојде на Неговата Светост, папата Франциск. Во фокусот на неговата официјална посета на Република Македонија ќе биде Мајка Тереза како израз на вистинскиот, автентичен соживот, којшто не е сосила наметнат, туку органски извира од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Почитувањето на различноста е израз на доверба, а клучот за довербата е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност.
Сакам да се надевам дека наредните години ќе имаме ревидирани листи на зборови за нешта кои ни недостасуваат во Република Македонија, но и во светот. Сакам да се надевам дека ќе имаме и правда, и мир, и човечко достоинство, и реформи, и соживот, и одговорност, и демократија, и владеење на правото и, конечно, надеж. Бидејќи, по декадата на стравот, единствено надежта може да ги сплоти и мотивира народите да градат подобар свет.
Со таа порака, на самиот крај, посакувам благосостојба и напредок на вашите држави и народи, а вам лично и на вашите најблиски, многу здравје, радост и успеси.
Ви благодарам.
|