Драги борки, Почитувани екселенции, Почитуван министер Тодоров, Почитувана амбасадорке Оер, Почитувана г-ѓа Волерс, Почитувана директорке на фондот за здравство, г-ѓа Парнаџиева-Змејкова, Почитувани дами и господа,
Посебно место меѓу моите активности како сопруга на Претседателот на Република Македонија заземаат активностите со кои ја поддржувам мисијата на најгласниот и најупорен борец против ракот на дојката во земјата, здружението „Борка – за секој нов ден". И токму поради тоа, секоја година редовно и со големо задоволство ја прифаќам поканата на „Борка" да присуствувам и да се обратам на националната конференција за борба против овој карцином.
На почетокот, ја користам оваа прилика да ви ги пренесам поздравите од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и да ја искажам неговата голема поддршка за националната кампања за борба против ракот на дојка.
Нашата поддршка е за организаторите на конференцијата, за сите поддржувачи на оваа благородна мисија, за сите пријатели на Борка, за сите волонтери и активисти во борбата против ракот на дојка, за сите нивни активности со кои ја пренесуваат пораката за оваа болест до секоја жена во Република Македонија.
Дами и господа,
Ги поздравуваме сите проекти, кампањи и акции на државните институции, здравствените установи, медицинските работници, општествено одговорните бизниси и на граѓанскиот сектор, особено оние во октомври како глобално прифатен месец за подигање на јавната свест за ракот на дојка.
Затоа, и овој пат ве повикувам да продолжиме со активности кои ќе резултираат со зголемена јавна свест и да ја поддржиме нашата заедничка цел – да го предизвикаме вниманието на женската популација за значењето од превенција и рано откривање на оваа болест.
Да потсетуваме на редовните индивидуални и лекарски прегледи и нивно вклучување во годишните скрининг програми за рано откривање и евентуална превенција. Да успееме да влијаеме во откривањето на болеста во нејзиниот ран стадиум, кога лекувањето е многу поефикасно.
Да повикаме на што подобри и поуспешни лекувања, ефикасни третмани, достапни и отворени онколошки болнички капацитети и најсовремени постоперативни корективни процедури.
Многу од овие цели се постигнати, но секогаш има простор за подобрување и во таа насока сите ние треба заедно и сплотено да работиме.
Почитувани присутни,
Денес морам да укажам на еден факт кој мораме да го прифатиме како неоспорна вистина и да се обидеме да го пренесеме до сите жени.
Секоја од нас ја демне заканата од болеста рак на дојка.
Некои жени имаат поголеми предиспозиции да бидат погодени од болеста, но шансите секоја жена да биде соочена со ваква дијагноза е голема.
Поради тоа, не треба да се изолираме и повлекуваме. Дијагнозата за рак на дојка може да и' биде соопштена на секоја од нас. Секоја жена треба да биде доволно свесна дека грижата за своето здравје не е луксуз, не е претерување, не е наметнување, не е ништо друго освен нејзино загарантирано право, за кое би дополнила дека можеби треба да го прифати повеќе како обврска, а не како можност. Мораме да правиме редовни само-прегледи, а најмалку еднаш годишно да направиме и лекарски преглед. Нема оправдување дека не сме во можност, нема оправдување дека немаме време, нема оправдување дека немаме средства и слични изговори.
Ценети присутни,
Нашите драги борки сведочат и нè потсетуваат со нивните бројни активности дека не смееме да се опуштиме и да се откажеме од редовната грижа за своето здравје. Нашите борки се жените кои сведочеле на ситуацијата кога лично ним или на нивната мајка, сестра, тетка или баба им била соопштена дијагнозата рак на дојка. И покрај сите предизвици и искушенија низ кои поминале стојат исправено и гордо повикувајќи на свесност кај нивните сограѓанки за ракот на дојка. Нивните заложби се видливи кај женската популација и затоа нивниот труд е високо ценет и почитуван. Драги борки, продолжете со вашата розова борба. Ја имате мојата и неизмерната почит и благодарност од сите нас. Вашата розова панделка и оптимизмот се доказ дека во оваа борба може да се успее. Вие докажавте дека може да се успее и дека оваа болест може да се победи.
Почитувани,
На крајот, морам да нагласам дека при секоја активност за борба против ракот на дојка имам една едноставна мисла водилка. Ако настаните како овој денес можат да помогнат да се спаси барем еден живот, барем на една жена да и се помогне да ја открие заканата додека не е предоцна, тоа е повеќе од причина да се собереме, да се ангажираме и заедно работиме и во иднина.
Ви благодарам.

|