Во склад со природата

Г-ѓа Иванова е посветен поддржувач на заштитата и унапредувањето на животната средина и редовно учествува во акциите и иницијативите поврзани со таа цел. Една од позначајните е „Денот на дрвото“ што прв пат се одржа во 2007 година, кога македонските шуми беа сериозно зафатени од силни пожари. На иницијатива на одборот предводен од маестро Борис Трајанов, со поддршка на целото македонско општество, Денот на дрвото прерасна во масовно движење за обнова на уништените шуми. Во пресрет на оваа национална акција, првата дама на Република Македонија Маја Иванова традиционално ги кани сопругите на амбасадорите, заедно да засадат дрвца, во знак на поддршка и придонес кон оваа широка иницијатива. Со овој гест г-ѓата Иванова лобира не само кај граѓаните на Република Македонија, туку и кај амбасадите на државите во Македонија за зелена и за здрава животна средина.

Локациите за засадување се менуваат со секој нареден Ден на дрвото, а ги одредува г-ѓа Иванова. Првата акција за засадување на дрвца беше организирана во резиденцијата на Претседателот на Република Македонија, каде г-ѓа Иванова со особено задоволство им посака топло добредојде на своите гости кои несебично се одзваа на нејзината покана, поддржувајќи ја целосно нејзината идеја.

Вториот пат г-ѓата Иванова ги повика сопругите на претставниците на дипломатскиот кор во Македонија, кои се собраа да ја засадат иднината во дворот на градинката „Кочо Рацин“ заедно со оние кои го уживаат најголемото внимание и љубов на г-ѓа Иванова, децата. Тие ја пречекаа г-ѓа Иванова со игра и песна, и покажаа дека веќе знаат како да се грижат за природата и од најмала возраст да го дадат својот придонес за здрава и чиста животна средина.

„Денот на дрвото успеа да нé поврзе и да нé изгради како заедница, не само меѓу нас, туку и со идните генерации на кои ќе им оставиме можност да живеат во здрава и богата земја,“ изјави г-ѓа Маја Иванова при засадувањето на дрвцата во близина на градинката Кочо Рацин.

Трет пат по ред традиционалното засадување на дрвцата беше организирано од страна на г-ѓа Маја Иванова во манастирот Св. Никола во село Љубанци, на падините на Скопска Црна Гора, заедно со монахињите од манастирот и членовите на здружението „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“ Како и секојпат акцијата ја поддржаа сопругите на амбасадорите во Македонија. Ова засадување на дрвца имаше цел да го спречи свлечиштето на земјата на која лежи манастирот, а кое претставува сериозна закана за вредната градба. Mанастирот Св. Никола во близина на селото Љубанци бил граден во средината на 19 век. Во изградбата којашто траела од 1849 г. до 1858 г., свои прилози на личен труд и материјални добра принесувале селаните од Љубанци, со оглед на тоа што тие по традиција негуваат особено почитување кон овој светител. Сведоштво за тоа е византиската црква во селото посветена на Св. Никола од 14 век. Иконостасот во манастарската црква кој е возобновен во 1998 г. е изработен од познатиот македонски мајстор Дичо Зограф. Со возобновувањето на монаштвото од пред десетина години, манастирот Св. Никола станал духовен центар на многумина. Поради погодноста на планинската клима, за време на Втората светска војна манастирот функционирал како воздушна бања за болни од туберколоза. Со ова наменско засадување на дрвца г-ѓата Иванова, покрај грижата за чиста и здрава животна средина, покажа грижа и внимание за зачувување на нашето историско културно наследство.

Г-ѓа Иванова со големо задоволство присуствуваше на доделувањето на сертификати и награди на најдобрите студенти на Факултетот за електротехника и информатички технологии, кои се здобија со знаења за една од многу значајните сфери на денешницата - обновливите извори на енергија.

„Ако некогаш со овој проблем на човештвото се бавеа научниците, сега доаѓа фаза во која секој од нас мора да биде информиран колкави напори треба да вложиме сите ние за да ја сочуваме нашата планета. Денес сите ние сме сведоци и ги чувствуваме страотните последици од климатските промени и глобалното затоплување, една од најголемите наши инвестиции е токму предизвикот во искористувањето на обновливите извори на енергија, како алтернатива на конвенционалните, што претставува голем чекор напред кон поздрава животна средина,“ изјави г-ѓа Иванова пред присутните на свеченоста.

Импресионирана од големиот интерес на студентите за изучување на оваа област, г-ѓа Иванова им упати безрезервна поддршка и поттик да бидат идните активни чувари на нашиот универзален дом и со здобиеното знаење активно да придонесат во заштитата на животната средина и справувањето со предизвиците со кои се соочува нашата планета.

 

Фото галерија

Maja_fotogal

Web-BANER_2_small_3