Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова денеска присуствуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигање на свесноста за аутизмот, што се одржа во Скопје Сити Мол, во организација на Здружението на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет".
Со одржувањето на настанот е одбележан и почетокот на кампањата „Еден свет за сите", што ќе се одвива во текот на целиот месец април.
На настанот беше составена сложувалка со меѓународниот знак на аутизмот од страна на децата со аутизам и присутните гости на настанот, меѓу кои беа и преставници на машката ракометна репрезентација и на мото-клубот „Ноќни волци".
Со музичка и танцовна точка и рецитали на настанот настапија деца со аутизам од ПОУ „Иднина", ПОУ „Маца Овчарова" – Велес и ОУ „Коле Неделковски", а свој настап имаше и подмладокот на балетското студио „Ребис".
На настанот беше промовирана и химната за аутизмот, компонирана од браќата Тавитјан, а изведена од Ребека, Мики Јовановски – Џафер и Влатко Лозаноски.
Со присуството на денешниот настан, сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Иванова уште еднаш ја потврди нејзината и поддршката на претседателот Иванов на сите активности и иницијативи што произлегуваат од здружението и од родителите на децата со аутизам.

|