Македонија е позитивен пример во процесот на модернизација на жените - обраќање на 16.Евроазиски економски самит во Истанбул
Среда, 10 Април 2013   

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска се обрати на дамската сесија во рамки на 16. Евроазиски економски самит насловена „Искуството на жените во процесот на модернизацијата".

Почитувани дами и господа,
Ваши Екселенции,

Со задовоство ја прифатив поканата за учество на Женската сесија на 16. Евроазиски економски самит во организација на Фондацијата Мармара. Благодарност до домаќинката на овој форум, г-ѓа Мужѓан Сувер, и за нејзината упорност и решителност да воспостави посебен женски форум во рамките на Евроазискиот економски самит, каде се дискутираат теми кои се од интерес токму за жените. Ме радува тоа што трета година по ред имам прилика да се обратам на овој реномиран форум и да зборувам за жената како активен чинител во општествениот живот.

Почитувани,

Како сопруга на Претседателот на Република Македонија имав несекојдневна можност да се активирам во одредени области и да предводам или да се вклучам и помогнам во различни иницијативи и акции. Без двоумење се посветив на активностите за жените и децата, на кои посветувам најмногу време и најмногу енергија. Таквите активности ми даваат најмногу енергија и оптимизам дека можам да придонесам и променам. Инспирацијата ја барам во детските насмевки и создавањето услови за нивното безгрижно детство или пак во безбројните успешни приказни на жените на секое поле.

Драги присутни,
 
Денес жената ја препознаваме како рамноправен учесник и чинител во сите сегменти на општествениот, економскиот, социјалниот и политичкиот живот - во институциите, државната и локална власт, политиката, образвованието, здравството, судството, бизнисот, културата и други. Придонесуваат во општествениот и економскиот развој на земјата. Создавањето на таквите можности за жената е вековен процес, а последните децении се препознава во концептите на родовата рамноправност и создавањето еднакви можности. Родовата рамноправност е концепт на кој сеуште се работи, концепт кој се стремиме да биде реалност и за кој се трудиме да обезбедиме континуиран развој, со основна цел - подобрување на статусот на жената, односно постигнување на родова рамноправност и обезбедување еднакви можности. Во овој процес се вклучени сите и владините институции и граѓанскиот сектор, а особено значајна улога играат меѓународните организации преку кои на глобално ниво се препознаваат и применуваат најпозитивните примери и практики.

Дами и господа,

Балансот во природата, без разлика на нашите верувања зошто постои, говори дека половина од светската популација се жени. Логичен заклучок на сегашната состојба би требало да биде дека токму таа половина од светската популација придонесува за половината од придобивките во глобалниот развоен процес. Меѓутоа, реалноста е поинаква и колку и да посакуваме да ги толкуваме сегашните состојби како такви, минатото не потсетува дека многу векови жената била во подредена позиција на мажите и дека рамноправноста меѓу мажот и жената не е завршен процес. Еден период кој е најзначаен за будењето на јавната свест за подобрувањето на статусот на жената се седумдесетите години на минатиот век кога се организираше Првата Светска Конференција за Жените во Обединетите Нации и прогласувањето на Годината на Жените (1975), период кога започнаа и феминистичките движења на глобално ниво. Во тој период жените беа набљудувани од нивната позиција во однос на нивниот придонес во меѓународниот развој, кој се базираше на теоријата за модернизација и беше прифатен од повеќето влади и развојни агенции. Ваквиот приод беше проширен во осумдесетите години на минатиот век кога статусот на жената почна да се разгледува не само во однос на нивниот придонес во развојот на општествата, туку и преку нивната положба во однос на мажите препознавајќи ја подредената положба на жената и нееднаквите односи.

Драги дами и господа,

Во рамките на најголемата глобална организација се организираа неколку конференции и се прифатија неколку конвенции и декларации посветени на жената. Преку тие документи меѓународната заедница се обврза за подобрување на статусот на жените и зајакнување на нивната позиција во јавниот и во приватниот живот. Земјите членки на ООН се обврзаа на спроведување на акционите планови кои опфаќаат области од посебен интерес за жените - женските права, образованието, здравсвото, економијата, учеството во процесите на донесување на одлуки и многу други.  Целта беше претставена од жените и беше посветена на жените. Статусот на жените да биде во согласност со нивните лични потреби, праведност особено во врска со правата, придобивките, обврските и можностите, засегнат од унапредувањето на личната, социјалната, културната, политичката и економската рамноправност за сите.

Почитувани,

Сепак, модернизацијата на жената не значи само донесување декларации, платформи, акциони планови, но значи и промена на концептите во нашите размислувања, промена во традиционалните и конвенционални вредности и стереотипи, како и во поттикнувањето и обезбедувањето политичка волја за прифаќање на тој начин на размислување. Модернизацијата на жената значи прво промена на нејзиниот начин на размислување и поимање на концептите на родовата рамноправност. А после, значи општествено прифаќање и овозможување на еднакви можности за жените и родово недискриминирање. Мојата земја е позитивен пример во таа насока. Законските регулативи за еднакви можности, донесувањето на Национален план за полова рамноправност, формирањето на Комисија за еднакви можности во Собранието и многу други примери покажуваат постоење на  политичка волја сите реформи да се афирмираат и исполнат. И, ова претставува доста голем напредок во постигнување на родова рамноправност, но не треба да застанеме тука. Секоја прилика што ја имаме треба да ја искористиме и помогнеме правата на жената да бидат достапни и осигурани. Затоа што, модерната жена значи и модерниризано општество. Општество кое ќе овозможи што повеќе успешни примери на жени лидери во секоја област.

Ви благодарам.

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal