Интервју на претседателот Иванов за Пензионер Плус - Грижата за старите лица е обврска на сите и на државата
Четврток, 08 Септември 2011   

altПензионер плус: Оваа година славиме два значајни јубилеја: 20 години од независноста на Република Македонија и 65 од пензионерското организирање во нашата земја. Господине Претседателе, каква е Вашата оценка за придонесот на генерациите од третата  доба во досегашниот развој на нашата држава?

Ова е навистина празнична година за Република Македонија. 20 години независна македонска држава, 20 години демократија и слобода, се голем успех на нашето време. Тоа е успех на една нова македонска генерација, но тоа е успех кој се потпира на постигнатото од претходните генерации Македонци. Денешниот успех немаше да биде возможен без пожртвуваноста на илинденците. Немаше да биде возможен без Народноослободителната борба против фашистичката окулација, која за првпат ги удри темелите на денешна Македонија, иако во рамките на Југославија. Овој успех, прогласувањето на независноста од Југославија и создавањето на демократска држава, немаше да биде возможен ниту без голем број успеси и вложени напори, за градење на институциите на Македонија, за промовирање на нашата економија, културните вредности, спортските успеси. Затоа, денес можеме да заклучиме дека голем број  големи и мали чекори од повеќе македонски генерации, и од голем број наши граѓани, доведоа до денешниот јубилеј на слободна Република Македонија. Што се однесува до јубилејот кој го празнува Вашата организација, јас од сè срце Ви честитам и ги поздравувам Вашите активности за застапување на правата и интересите на пензионираните граѓани на Република Македонија.

Пензионер плус: Популацијата од третата  доба има специфични потреби, таа поврзува најмалку три генарации во грижата за обезбедување на егзистенцијалните потреби во секојдневниот живот. Што мислите господине Претседателе, до која мера државта ќе може да ги реализира мерките од Националната стратегија за старите лица во Македонија?

Националната стратегија содржи многу вредни и позитивни цели, некои веќе се реализирани, некои се реализираат. Стратегијата правилно и прецизно ги лоцира проблемите кои се поставени пред постарите генерации и предвидува хумана и солидарна политика. Сметам дека е добро проширувањето на правото на здравствена заштита кон постарите генерации, како еден чекор за отстранување на опасноста, лицата кои се најмногу изложени на здравствени проблеми да останат без здравствена заштита. Обврската за постепено зголемување на пензиите, која доследно се спроведува и покрај тешката економска криза, исто така придонесе за одржување на животниот стандард на старосните и инвалидските  пензионери. Особено се важни реформите во здравството и неговата модернизација, имајќи предвид дека и состојбата во здравството директно се одразува на квалитетот на животот и достоинството на постарите граѓани. Сведоци сме и на голем број други мерки со кои им се укажува помош на граѓаните од третата генерација во нивните здравствени потреби или за нивно подобро вклучување во секојдневниот живот. Република Македонија одржува систем на институции за згрижување на лицата од третата доба кои не можат да се грижат самите за себе, систем кој не е доволно развиен како што би можело. Јас, сепак, би апелирал до сите граѓани да бидат свесни дека државата не може и не треба да биде замена за исконски докажаната институција на семејството. Сите државни стратегии, сите вложувања во Фондот за пензиско осигурување, се безначајни доколку се наруши семејната структура на граѓаните. Вниманието, грижата која меѓусебно си ја посветуваат членовите на едно семејство е незаменлива и непроценлива. Цврстината на семејството е една важна македонска традиција, за жал, донекаде нарушена во минатото, која мора да се воспостави. Грижата за старите лица е наша обврска, враќање на долгот што го имаме кон нашите родители, нашите баби и дедовци.

Пензионер плус: Пензионерите во Македонија се чувствуваат дека се наоѓаат на маргините на општеството во можноста да се вклучат во општествените и економските текови на државата. Што мислите, зошто е тоа така?

Современите општества се соочени со една криза која допира и до  положбата на постарите лица во општеството. Ние имаме исконска обврска за грижа кон постарите, обврска која всушност претставува враќање на долгот што генерациите кои доаѓаат го имаат кон генерациите кои биле пред нас. Сепак, семејството е во очигледна криза, а јасно е дека државните системи за поддршка на постарите лица не можат да опстојат без семејството. Но, важно е што сме посветени на изнаоѓање решение на сите проблеми со кои сме соочени, што отворено зборуваме за нив и јас сум убеден дека како општество ќе најдеме решение за проблемите пред нас. Спроведени се решителни реформи во пензискиот систем за да бидеме сигурни дека системот ќе може да опстои, и дека ќе продолжи да биде важен извор на сигурност за пензионерите. Се бориме против злоупотребите на средствата кои се издвојуваат за пензиска заштита, за да бидеме сигурни дека толку потребните средства, кои целото општество ги издвојува, завршуваат таму каде што навистина треба и каде што навистина се потребни. Се работи на подигање на свеста кај граѓаните за важноста од зачувување или враќање на семејните вредности. Работиме на создавање можности за просперитет на сите граѓани во општеството што, секако, ќе се одрази позитивно и на пензионерите и лицата од третата доба. Неприфатлива и несфатлива е ситуацијата која ја имаме во голем број семејства, каде пензионерите со своите пензии се поставуваат како главен извор на приходи. Тоа е обратно поставување на работите. Ние мораме да имаме економски можности за младите генерации да можат самите да се изборат за свој успех и просперитет, и да бидат поткрепа за постарите генерации, а не обратно. Притоа, можноста лицата од третата доба да најдат своја позитивна и полезна улога во рамките на семејството, дали се работи за помош во домаќинството или во семејниот извор на егзистенција, е особено важна за зачувување на чувството на самодоверба и личен успех. Државата тука може да помогне со крајно флексибилни закони и регулативи за да се овозможи вклучување на постарите граѓани,  во согласност со нивните желби и можности во економскиот живот. Тоа е нешто што би било во полза и на општеството и на самите пензионери.

altПензионер плус: Пензионерите во многу прилики  истакнуваат  дека би сакале да излезат од животот од овој свет со сознание дека името под кое го поминале животниот век ќе остане вечно. Колку се реални можностите разговорите за спорот околу името да се прекинат без последици?

Македонија е соочена со многу реални предизвици за подобрување на животниот стандард, за осовременување на политичкиот систем и слично, но и со еден исклучително голем, но крајно нереален и ирационален проблем, а тоа е спорот за името. Овој проблем се провлекува долго време, тој произлезе од немирните денови на распадот на Југославија и на ширењето на национализмот низ Балканот. Изненадува тоа што токму Грција, која е земја-членка на ЕУ и на НАТО, некако најтешко излегува од националистичкиот занес од минатото, и додека другите балкански земји се отвораат за соработка и за надминување на нанесените штети, Грција сè уште тешко се определува за отвореност кон соседите. Македонија е решена ова прашање да го реши, пред сè, бидејќи грчкото противење на нашите интегративни процеси е пречка за економски развој, пречка за искористување на полниот потенцијал на нашите граѓани, на нашите компании, на нашите уметници, спортисти. Сепак, јас можам да им порачам на сите граѓани на Република Македонија да бидат спокојни, дека во пристапувањето кон ова прашање никогаш нема да се прифати решение кое ќе се одрази врз слободно избраниот и изградениот македонски идентитет на нашите граѓани. Токму затоа, секое можно решение на спорот ќе се стави на референдум пред граѓаните, како највисок и врвен демократски суд. Жално е што во медиумскиот простор и во Македонија и во Грција, има полно шпекулации, невистини и злоупотреби, од најразлични побуди. Едноставно, постои рамка за разговори со Грција и решението може да се постигне само во таа рамка, без промени на Уставот и без да бидат допрени идентитетските одредници.

Пензионер плус: Во луѓето од третата доба е акумулирано огромно искуство и интелектуален потенцијал. Практиката покажува дека државата тоа не го користи доволно. Зошто?

Ние како општество мораме да бидеме свесни дека денешната генерација пензионери вложила голем влог во изградбата на Македонија. И дека помладите генерации се благодарни за тоа. Секој пензионер во Република Македонија, како и секој граѓанин на Македонија, треба да наоѓа начини како полезно да го употреби своето време, како да даде придонес кон своите најблиски, кон заедницата во којашто живее, својот град, својата општина, верска заедница. Општеството мора максимално да го користи напластениот интелектуален потенцијал и знаење на пензионерите. Јас доаѓам од академската заедница каде што таквото однесување е императив.

Пензионер плус: Како ја оценувате активноста на СЗПМ како најбројна невладина и мултиетничка организација?

Ние сме соочени со ситуација во која стандардот на старосните и инвалидските пензионери драстично опадна, со начинот на кој беше спроведена транзицијата. Економската девастација низ која поминавме, долготрајната висока стапка на невработеност и на сива економија, пропаста на голем број значајни индустриски објекти, сето тоа удри врз стандардот на целото население, а разбирливо дека ранливите категории како што се пензионерите се први на удар. Стандардот на пензионерите, на лицата на државна пензија, е директно поврзан со бројот на вработените граѓани, со височината на нивните плати, со здравјето на економијата во целина. Добро е што закрепнувањето на економијата на кое сме сведоци се одразува и врз стандардот на пензионерите, што не се заборавени во тој процес, и важно е тука да има активно здружение на пензионерите да ги застапува интересите на своите членови.

Пензионер плус: Веројатно во овој свечен миг за државата и за пензионерите, ќе сакате нешто да им порачате на сегашните и на идните пензионери? Повелете.

Би сакал да испратам порака на оптимизам и самодоверба. Доверба во себе и во своите способности, која произлегува од колективниот успех кој како општество го постигнавме и кој го празнуваме на јубилејот на независноста, како потврда дека, сепак, можеме да успееме. Како државен врв, како одговорни политичари, работиме на тоа да се постават темелите на просперитетна и стабилна држава, во која секој граѓанин ќе може да ја најде својата среќа и личен успех. За пензионерите, тоа значи стабилност и одржливост на институциите за меѓугенерациска солидарност, и можност секој од нас да заработи и да заштеди доволно за да биде спокоен во својата старост и да ужива во плодовите на својот труд.