И покрај сите притисоци, закани, ембарга и кризи, Република Македонија е веќе 20 години самостојна и суверена држава која е пример за демократско интегрирано општество. Пред се тоа е заслуга на одговорноста и преданоста на својата татковина на сите граѓани, а потоа и на политичарите како нивни непосредно избрани припадници, истакнува шефот на државата Ѓорге Иванов во интервјуто за “Дневник”. Според претседателот Иванов, довербата меѓу Скопје и Атина ќе се зголеми ако Грција дозволи Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.
Дали ќе дојдеме до решение на прашањето, не зависи само од нас. Ако нашиот сосед се придржува стриктно до рамките во кои се водат разговорите, ако покажат конструктивност, решение е можно – смета претседателот Иванов.
Дневник: Како претседателски кандидат, нагласивте дека главниот мотив да ја прифатите кандидатурата е тоа што претседателот е главниот мотор на евроинтегративниот процес. Две години по вашата инаугурација, Македонија е без датум за преговори со ЕУ. Успешно ли ја вршите функцијата двигател на евроинтеграцијата?
Македонија нема поважна задача од успешна реализација на нашата стратешка цел и приоритет над сите приоритети, ЕУ и НАТО интеграцијата. Задоволен сум што во изминатите две години државата добива позитивни оценки од Европската комисија дека е подготвена за отпочнување на преговорите за членство. Со ова се отстрануваат сите објективни пречки на македонскиот интегративен пат и останува политичката пречка која ни е добро позната. Овие две позитивни препораки, заедно со веќе постојната поддршка на Европскиот парламент, позитивното спроведување на визната либерализација и голем број на успешни проекти на овој план покажуваат дека Република Македонија добро напредува на планот на реформите.
Дневник: Сепак, поради спорот со Грција не можеме да ги почнеме преговорите за членство..
Добро е што останува изолиран големиот проблем за нашите интеграции, грчкото спротивставување и што тоа не е затскриено со наметнување на други теми и прашања. На овој план како претседател, имам обврска да ги застапувам интересите на граѓаните, да барам поддршка за продолжување на интеграциите. Сето тоа го правам мошне интензивно. И морам да кажам, кај некои влијателни европски држави, како Унгарија, Австрија, Чешка, наидувам на голема поддршка. Нивниот став е дека Македонија може паралелно да ги води преговорите со ЕУ и разговорите со Грција. Мораме да се залагаме за принципи кои ќе важат и за нас, бидејќи во нашиот регион видовме дека овој пристап, во кој билатералните проблеми се решаваат додека преговорите траат е можен и дава резултати.
Преговорите со ЕУ ќе ја зголемат довербата меѓу Скопје и Атина
Дневник: Како би ја убедиле Грција и членките на ЕУ дека грчкото вето може да се одложи до моментот кога ќе се гласа за нашето членство во ЕУ?
Тука ни е потребна помошта и поддршката од ЕУ лидерите. Тие треба да му помогнат на премиерот Папандреу и на раководството на соседната земја и да ги убедат дека со претпристапните преговори Грција не е губитник. Сите добиваме. Република Македонија и сите нејзини институции, целото општество ќе биде фокусирано на преговорите. Грција ќе има проевропски, во смисла на стандарди, сосед. Раководството на Грција ќе демонстрира практична конструктивност, ќе се зголеми довербата и разбирањето, кои се суштествени за нашите граѓани кои на референдум ќе се изјаснат за евентуалното решение. Зборувам за раководството на нашиот сосед, зашто нашите две општества покажуваат дека можат да се надминат проблемите, да се напуштаат стереотипите и предрасудите од минатото. ЕУ ќе го потврди кредибилитетот на најуспешната политика воопшто на нашиот континент, проширувањето. Јас секако жалам што во Атина воопшто тргнаа по тој пат.
Дневник: Но, како што самиот кажавте во Виена, Грција е во тешка криза и во моментов нема мотив да го решава спорот за името.
Јасно е дека актуелната тешка криза во Грција не придонесува кон тоа да дојдеме до решение. Од друга страна, во кризните времиња се изнедрува лидерство. Но, ние немаме избор, ние остануваме конструктивен партнер во разговорите со Грција. Останува да инсистираме на враќање на разговорите во рамките поставени со резолуциите на Обединетите нации и со Времената спогодба, а тоа е изнаоѓање на взаемно прифатливо решение кое ќе се употребува во меѓународните организации, кое на ниеден начин нема да влијае врз македонскиот идентитет и кое нема да отвори повеќе проблеми отколку што ќе реши. Се надевам дека нашите пријатели во Грција, ќе покажат искрена конструктивност.
Да не се злоупотребува болката на семејствата на киднапираните
Дневник: Бевте избран без гласовите на Албанците, а ДПА ги бојкотираше лидерските средби кои Вие ги организиравте. Се обидувате ли да воспоставите подобар однос и да ја придобиете довербата на Албанците?
Напротив! И во мојата кандидатура, и во кампањата и на самиот ден на изборите добив поддршка од голем број на граѓани од Албанската заедница. Сметам дека со досегашниот тек на работата покажав дека дејствувам како претседател на сите граѓани. ДПА е дел од албанската заедница во Македонија, што јас го почитувам и особено сум задоволен што оваа партија ја напушти практиката на бојкот на институциите каде треба да ги застапува интересите на граѓаните. Јас сум горд со надградениот модел на мултиетничка демократија, соживот и толеранција, кој со Рамковниот договор само ја легитимираше нашата вековна традиција. Патрон сум на сите настани со кои се одбележува десетгодишнината од Рамковниот договор. Понатаму, постојано ги негувам духовните дијалози, кои се своевиден форум за меѓуверски дијалог, но и многу повеќе од тоа. Односот кон албанската заедница го демонстрирам и преку моите надворешнополитички активности, особено регионалните. Изминатиот месец во Охрид се одржа третиот квадрилатерален Самит, со колегите од Албанија, Црна Гора и Косово.
Дневник: Имавте средба со семејствата на киднапираните Македонци од 2001 година, по одлуката хашките случаи да се затворат преку автентично толкување на Законот за амнестија. Дали како претседател ќе ги поттикнете институциите посилно да се ангажираат за да ги најдат телата на киднапираните?
Длабоко сочувствувам со болката на семејствата. Овие случаи ќе останат во колективно сеќавање на сите граѓани на Македонија како темни спомени за едно време во кое се изгубија сите човечки вредности. Сметам дека ниту едно законско решение не може да помогне да се намали болката на најблиските на киднапираните и малтретираните граѓани. Согласно моите уставни и законски надлежности, како досега, така и во иднина ќе направам се за затворање на сите болни и чувствителни прашања врзани за конфликтот од 2001 година. И уште еднаш ќе потенцирам и апелирам до сите политички фактори да се воздржат од тешката положба во која се наоѓаат семејствата.
Да станеме “досадна” демократија
Дневник: Како ги оценувате приоритетите на новата Влада?
Имаме генерација на политичари кои и’ сакаат се најдобро на државата, настојуваат да направат нешто што ќе остане зад нив. Посветеноста кон државата и желбата да се даде се во овој многу тежок период е она што го прави овој тим различен.
Дневник: Од предизборието до денес, се создава атмосфера на рововска поделеност меѓу политичките чинители. Како придонесувате да се намалат политичките тензии и да се подобри политичкиот дијалог?
Точно е дека демократскиот развој во Република Македонија се уште е на ниво кога анимозитетот меѓу партиите и политичката битка имаат негативна рефлексија во општеството. Но последните избори се сериозно охрабрување. Мојата улога е обединувачка. Секојдневно се трудам на разни начини да влијаам врз намалување на тензиите. Од почетокот на годината направив се што можам за да го олеснам политичкиот дијалог. Организирани беа лидерски средби. Самиот факт што на една маса седат и разговараат лидерите е голем успех сам по себе. Но, силно посакувам да станеме една високо развиена, често на шега знам да кажам “досадна” демократија. За тоа неопходно е сите да ги поддржат демократските институции, особено Парламентот, каде треба да се артикулираат сите дебати, да има континуиран дијалог. Морам да ви кажам дека на една од лидерските средби, јасно им кажав на политичките водства, дека крајно време е дијалогот да се одвива таму каде што се одвива во сите напреднати демократии, во Парламентот. Со водењето на дијалогот надвор, ние не ги поддржуваме демократските институции.
Дневник: Ако направиме ретроспектива, кои се според Вас, погрешните чекори кои се направени во македонската дипломатија во изминативе 20 години?
Дваесетгодишниот јубилеј на нашата независност е можност за сумирање на сето она што Република Македонија го постигна, вклучително и во дипломатијата. Неспорен е фактот дека македонската дипломатија има учествувано во сите клучни моменти на нашата современа историја. Генерално сум, и треба да бидеме задоволни со резултатите на македонската дипломатија. Но, денес, таа е соочена со нови реалности, предизвици и можности, впрочем предизвици на дипломатијата во 21 век. Јас сум Претседател на Република Македонија две години. Остварив огромен број на посети и средби со странски државници. Во разговорите, воочливо е дека соговорниците немаат доволно информации. Обратно, тие ги имаат информациите кои ги добиваат од Грција, таа е во клубот и полесно и’ е да ја презентира својата страна на вистината. Верувајте, како Претседател и како држава, изминативе две години се бориме со перцепцијата создадена од Грција, за нивната голема конструктивност и волја, и нашата неконструктивност и непопустливост. Ова не соодветствува со реалноста. Воопшто не е лесна борбата со таквата перцепција. Меѓутоа никогаш државниот врв не бил пообединет во менување на вака создадената перцепција. Но ни треба и уделот на дипломатијата. Овој пропуст, оваа празнина, на македонската надворешна политика и дипломатија, мора да биде пополнета и корегирана со силен и агресивен ангажман на македонската дипломатија. Не сакам да гледам македонски амбасадори и дипломати во илегала, напротив сакам да видам офанзивни, добро подготвени и информирани дипломати. Двата најважни приоритети за секоја држава а особено за Република Македонија, се постоење на проактивна и кредибилна дипломатија. Македонските дипломати не наидуваат на отворени врати како дипломатите на големите држави. Ним, вратите сами им се отвараат. Ние, треба да вложиме труд, знаење и дипломатски вештини како да ги отвориме. Илузија со која не можеме да се согласиме е очекувањето други да ја завршат работата која треба да ја сработи дипломатијата. Претставата за Република Македонија како мала земја која не треба да се меша во светската политика, во глобалните текови, мора да се исфрли, бидејќи Република Македонија има што да покаже.
Дневник: Од кои причини верувате дека треба да се зголеми слободата на делување на македонските амбасадори?
Глобалните текови го менуваат светот, со тоа се менуваат старите поимања и разбирања за дипломатијата. Европската јавност нема доволно информации за Република Македонија, за нашите интереси, ставови. А оној кој не зборува за себе, кој не ги промовира своите интереси, ставови и гледишта, се изложува на опасноста другите да зборуваат за него, најчесто во негово отсуство. Очекувам период во која македонската дипломатија ќе го пополнува и освојува јавниот простор во другите држави. Мораме да направиме се што е во наша моќ, не треба само да се жалиме и да плачеме, ни требале повеќе пари, повеќе луѓе, итн. Тие поплаки не смеат да ни го земаат целото внимание и енергија, иако се залагам и веќе разговарав со Премиерот дека треба да се води сметка за буџетот на МНР. Како и во други области, така и во дипломатијата сме имале и имаме поединци за почит, прекрасни луѓе. Но, сме имале и лажни авторитети и празни величини. Преплашени поединци кои не можеле јасно и гласно да го изговорат ни името на сопствената држава Македонија, според кажувањата на нивните странски колеги. Истите тие денес се многу гласни и како што се вели, отпосле паметни. Денес, дипломатијата треба да биде динамична, ангажирана, активна, а дипломатот треба перманентно да се образува и надградува. Денес, македонскиот дипломат треба да има познавања и од областа на економијата, енергетиката, правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, културата, новите технологии, животната средина, и многу други.
Новинар: Ивана Костовска
Пристапете до дел од интервјуто на веб-страната на Дневник преку линк
|