
Македонци во Тирана - Иванов: Проблеми со пописот во Албанија
1. Вашиот претходник, Киро Глигоров ја следеше политиката на изедначена дистанца во односите со соседите. Дали и вие ја следите таа политика?
Во тоа време, не бевме меѓународно признаени, барем не од Европската заедница, имавме проблеми со некои соседи, па и претензии кон нашиот суверенитет, бевме економски блокирани и таа политика на екви-дистанца имаше смисла. Но времињата се променија. Сега сме признаен, ценет и рамноправен субјект на меѓународната сцена, цврсто определени за евро-атлантските интеграции и се разбира- отворени за соработка со сите земји. Наспроти се, односите во регионот се значително релаксирани, и ние правиме се за мирот, стабилноста и демократскиот развој да превладаат во соседството. Затоа денес веќе нема логика да се зборува за некаква дистанца од соседите, туку Македонија работи кон привлекување на своите соседи со отворените можности за меѓусебна соработка.
2. На одбележувањето на 10-годишнината од Охридскиот рамковен договор и двете страни изгледаа незадоволни. Каде, според вас, лежат проблемите? Дали имплементацијата на договорт е реален проблем или е време за нов договор?
Неодамна ја одбележавме 10-годишнината од Охридскиот договор, јас како Претседател на државата бев покровител на ова одбележување, и во голем број дискусии и тркалезни маси дадовме генерално позитивна оцена на неговата смисла и остварување. Можеби има понекои незадоволни поединци или кругови, можеби се уште не е целосно остварен бидејќи е потребно време. Но, начелата содржани во договорот се пренесени во Уставот, законите и праксата и тоа денес во Македонија е една реалност. Овој договор покажа дека може да обезбеди учество на граѓаните од сите етнички заедници во носењето на одлуките на државно ниво, односно овозможува сите да се чувствуваат како учесници во политичкиот процес, да не се чувствуваат изоставени. Притоа, што е особено важно, процесот на носење одлуки не губи на ефикасност, односно Македонија останува способна да спроведе сериозни и сеопфатни реформски процеси, кои се важни за нејзиното постојано подобрување како држава и како општество, кои се важни за економскиот развој и правната сигурност, и со тоа да предничи во регионот. Ние сметаме дека овој модел нуди сериозни и веќе проверени принципи кои може да се спроведат и во соседните држави, во ситуациите каде имаме хетерогено население, а такви се сите балкански држави, и каде се чувствува потреба да се подобри начинот на носење одлуки во општеството.
3. Која улога треба да ја имаат албанците во Македонија за интеграција на земјата во евро-атлантските структури?
Албанците во Македонија даваат значаен и сразмерен придонес во напредокот на нашата држава и нејзината акцесија кон ЕУ и НАТО. Тоа колку во бизнисот и стопанството, толку и во културата, образованието, здравството. Тие се на многу значајни места во Парламентот, Владата, министерствата, јавната управа, дипломатијата, полицијата и војската. Да кажам и дека г-ѓа Арифи како потпретседател на Владата доста енергично го води Секторот за Европски прашања, а министерот Бесими го води ресорот одбрана, два ресори кои имаат значителна улога во евро-атланските интегративни процеси. Голем број истакнати албански политичари, пратеници, министри, лидери на партии, но и обични граѓани, понатаму Албанците кои служат како војници и офицери во мировните мисии, секојдневно даваат голем придонес кон македонските реформи, и кон нашата соработка со ЕУ и со НАТО.
4. На 1 октомври во Македонија ќе започне пописот. Овој процес беше одбележан со политичка дебата со етничка позадина. Кои се вашите гаранции дека албанците во Македонија нема да бидат казнети од овој процес?
Пописот е подготвен според закон и прописи што се потполно усогласени со европските односно со стандардите на Унијата и во блиска соработка на нејзините служби. Имаме веќе повеќегодишни искуства со такви пописи и сигурен сум дека процесот ќе помине коректно, со целосно слободна определба на граѓаните за својот етницитет. Впрочем и самите пописни органи, обрасци итн. се така составени, што исклучуваат можност за нерегуларно попишување. Македонија од своето формирање како независна држава слободно поддржува формирање на партии и здруженија на сите етнички заедници, поддржува формирање на медиуми на јазиците на немнозинските заедници, така што ризиците граѓаните да бидат неинформирани за пописот, или опасноста некој да биде заплашен во своето слободно изразување на пописот се непостоечки. Пописот во Македонија ќе биде отворен за меѓународно набљудување и сите евентуални забелешки на граѓаните ќе можат лесно да се проверат. Би сакал таква слобода на самоопределување, обрасци, постапки, инструктори и обука за пописот да има и во соседните земји и Македонците во соседството да ги уживаат тие придобивки. Добро е што пописите се одвиваат паралелно во повеќе соседни држави, и ќе можеме меѓусебно да учиме од нашите искуства. Се надевам дека на крајот на процесот ќе можеме да заклучиме дека сите пописи биле спроведени согласно европските стандарди и правила. Свесен сум дека забелешки од Македонците во Албанија, за можностите за нивно попишување со слободно изразување на етничката припадност, и дека овие забелешки ги делат претставници и на другите заедници кои живеат во Албанија. Јас за ова прашање без во комуникација со мојот колега Претседателот Бамир Топи, и се надевам дека Албанија ќе успее да изнајде модел во кој пописот ќе се спроведе целосно и без оспорувања.
5. Коридорот 8 е прашање кое се провлекува веќе две децении. Пред 16 години беше потпишан договор во присуство на претседателот на САД, Бил Клинтон. Која од четирите држави го попречува спроведувањето на овој проект?
Всушност сите четири земји се грижат за својот дел на проектот К-8, сите ги имаат своите проектни задачи, но нема определени рокови и извори на финансирање. Земјите имаат различни приоритети и не секојпат К-8 е на листата на приоритети. Македонија распиша концесии за изградба на патните правци кои се дел од овој проект, обиколницата околу Скопје е завршена, во процес е изнаоѓање на партнери заинтересирани за позначајните линии кон Бугарија и кон Албанија. За жал, засега не се обезбедени некои позначајни европски средства. Но, на последниот регионален самит во Охрид, во јули месец, на кој на моја покана учествуваа и моите колеги од Албанија, Црна Гора и Косово, се заложивме сега да го подигнеме приоритетот на Коридор-8 и да сториме се за тој да влезе во оперативна етапа. Тоа впрочем важи и за некои други регионални проекти- еколошки, инфраструктурни, енергетски и други.
6. Г-дине Претседателе, кое е нивот на билатералните односи помеѓу нашите две земји?
Би го оценил тоа ниво како многу високо. Во последно време склучени се доста меѓудржавни договори кои овозможуваат интензивна соработка, значајна трговска размена и врски на бизнис- заедниците; зајакнува исто така културната и образовната соработка како и онаа во областа на здравството и заштитата на животната средина и туризмот. Верувам дека откако сообраќајните магистрали меѓу двете земји бидат изградени, дека нашата соработка и размена ќе се удвојат. Немаме никакви отворени билатерални прашања, евро-атлантската ориентација на обете земји не поврзува кон заеднички цели. Постоењето на албанската етничка заедница во Македонија а исто така на македонската етничка заедница во Албанија исто така е мост на пријателство, за кој мислам дека не е доволно искористен.
7. Какви се вашите релации со албанскиот хомолог, Бамир Топи?
Во последнава година имав неколку средби со Претседателот Топи, во јули во Охрид и во септември во Белград. Воспоставивме многу коректни односи, односи на лична доверба и пријателство. Мислам дека и двајцата лично можеме да дадеме темелен придонес во зацврстувањето на добрите односи меѓу нашите ва народи и држави а тоа и го правиме.
8. Со кои проблеми се соочува македонското малцинство во Албанија? Како ја оценувате владината ангажираност во решавањето на нивните проблеми?
Првиот проблем на нашата заедница во Албанија е што досега не можеше да се определи во опсегот заради проблемите на пописите. А освен во Мала Преспа, доста Македонци живеат и во Голо брдо, Горанските села, Тирана, Корча, Елбасан и други градови. Тие имаат проблеми со образованието на мајчин јазик, со медиумската затвореност, вработувањето, претставувањето во политиката и многу други. Претседателот Топи лично се заложи за слободна етничка определба на пописот и се надевам дека тоа така ќе биде, макар што сум запознаен дека во праксата има тешкотии со тоа. Би сакал македонската етничка заедница во Албанија како заедница да стане позначаен фактор во општествено-економскиот, демократски развој и културен развој и напредок на Албанија. Владата се разбира може многу да помогне во тоа, особено во економскиот, образовниот и културниот сектор.
Пристапете до оригиналното интервју преку линк
|