Сите засилувачи на претседателот - репортажа во списанието за наука и техника ЕМИТЕР | |
|
Воопшто не е тешко пасионираните електроничари и аудиофили да испливаат на површината во рамките на својата фела. Но, ако се работи за електронски и аудиоуреди создадени во домашната работилница и тоа со докажано врвен квалитет, е тоа е веќе нешто многу сериозно кое не може тукутака да остане настрана дури и за пошироката јавност. Кога на ова ќе се додаде и извонредната срдечност, отвореност, како и подготвеноста за соработка и размена на искуства и знаења од ова поле, тогаш навистина ЕМИТЕР и пошироката читателска публика имаат голема среќа со својот соговорник во оваа репортажа. За многумина можеби изненадување, но не и за електроничарската и аудиофелата во Македонија и на поширокиве балкански простори - пасионираниот емитерџија, електроничар, само-градител, аудиофил и трагач по совршениот звук е токму претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов. Го посетивме претседателот во неговата резиденција на Водно и низ долг и срдечен разговор го "поминавме патот" од првиот електромагнет, направен во петто одделение на часовите по ОТО, до најновиот high-end лампашки засилувач во single ended спој, чија изработка е во тек. Почетоците на претседателот во техниката се на некој начин класични, особено за она време од пред 30-40 години. На прво место е љубовта кон техниката која секогаш тлее кај технички ориентираните личности. Потоа доаѓа поттикот од технички ориентираните предмети во образовниот систем како физика, хемија и ОТО (општо техничко образование). На тоа се надоврзуваат и други фактори кои го распалуваат и рашируваат огнот: родителите, другарите, секциите и техничките клубови, списанијата и, во поново време, интернетот. Но, да не должиме многу и да ја проследиме сторијата за Ѓорге Иванов, но не како претседател, професор и доктор по политички науки, туку како електроничар, аудиофил и самоградител со резултати кои се за секоја почит. Го замоливме претседателот Иванов да се потсети кога и како се заинтересирал за електрониката, кои уреди попра¬вал или изработувал, како се развивал неговиот интерес кон аудиотехниката, дали имал помош од блиските... Се заинтересирав како и повеќето други, уште во основно училиште во петто одделение, на часовите по ОТО, тогаш имав 12 години. Правевме електромагнети, мотавме лак-жица и таа намотка ја приклучувавме на батерија од 4,5 волти (тогаш таа батерија беше вообичаена, а сега никаде ја нема), гледавме како привлекува железни предмети. Со таков електромагнет направив и едноставен звучник - на жилет залепив хартија, жилетот го проиближив до електромагнетот, а сето тоа го приклучив наместо звучник на транзисторско радивце. Набрзо почнав дома да ги расклопувам расипаните уреди за да видам како функционираат. Тогаш беа во мода мали електрични мелници за кафе, па гледав као функционира моторот. За уредите и поправките многу научив од татко ми и од дедо ми, тие дома сè поправаа - во наша куќа никогаш не влегол мајстор. Дедо ми знаеше сè, тој правеше цркви, куќи, од темел до покрив, правеше и прозорци и врати, ги имаше сите потребни алати. Кога ќе се сретнеше со нешто ново веднаш се нафаќаше да го научи. Братучед ми на шега кажуваше – "дедо ни почина по појавата на електрониката зашто се разочара – не можеше да постигне и тоа да го научи". Ние продолживме по него-вите стапки, јас со електрониката, а брат ми со механиката. Кога на комшиите ќе им се расипеше нешто брат ми ќе им кажеше – "еве, тој ќе ви поправи, дома сè поправа". Така почнав со поправка на фенови, пегли, машинки за бричење – тоа беше директна пракса без некое познавање на теоријата, па така влегов во светот на електрониката. Кога бев во средно училиште беа во мода диско клубови, имаше голем инте¬рес за слушање музика, сите слушаа плочи. Цело друштво се собравме и ку¬пив¬ме еден грамофон Искрафон што се вклучуваше во радио (го користевме како засилувач) и така слушавме музи¬ка. Подоцна на таванот во средното училиште најдовме еден засилувач, на него свирел Јанко Узунов, но му фалеа некои ламби. Купивме такви ламби, јас ги ставив и засилувачот проработи, на наше големо задоволство. Сега имавме од што да почнеме и веднаш напра¬вивме планови за диско клуб, баравме звучници, јас ги поврзував во системот. Кога се појавија касетофоните, ноќе снимавме музика од радио од емисиите на Драган Костиќ. Така, полека, од елек¬троника навлеговме во акустика со на¬ме¬ра како да добиеме подобар звук, а тоа за мене трае и до денес – потрага по совршен звук. На некој начин тоа е при¬ме¬нета електроника – да ја користиш електрониката за нешто што ти причи¬нува задоволство. Теоријата е многу важна при само¬градба на електронските уреди, особено ако некој сака самостојно да проектира или измени некој уред, а не само да репродуцира веќе испитани конструкции. Денешните генерации немаат претстава дека порано, без интернетот, до информации тешко се доаѓаше, мораше да се читаат стручни книги и списанија, кои пак беа малубројни и честопати тешко достапни. Ми недостасуваше поголемо знаење од теоријата за електрониката, во предметот Физика тогаш уште учевме ламби и имавме некои основни познавања, но мораше да се чита нешто повеќе. Поч¬нав со списанието "Радио Аматер", него го немаше по трафики, туку одев во радиоклубот и таму прецртував шеми, исполнив неколку тетратки со шеми и забелешки. Во тоа време се појавија многу вокално-инструментални состави (ВИС) кои имаа потреба за засилувачи, звучници и други електронски уреди, па во прва прилика во Скопје ја купив книгата "Инструменти за ВИС" од Јосип Клобучар. Таму имаше шема за предзасилувач за гитара со германиумски транзистори, го направив, па гитарата ја приклучив на него, а излезот право во засилувач од големо лампашко радио, и резултатот беше нешто фантастично! Оние што имаа сон да свират гитара најпосле имаа можност да го добијат оној вистински звук од лампашки засилувач како кај оригиналните гитарски комбоа (Сега син ми продолжи со таа практика, со Владо "Лампа" да прави гитарски засилувачи ). Заин-тересиран, басистот ми кажа да му направам засилувач за него, но бас-гитарата бара друг, многу посилен засилувач и звучник, па во Радио Аматер најдов адреса од Радиоклубот Никола Тесла од Белград. Бевме фасцинирани од изборот, тие нудеа многу делови и кит-комплети, такво нешто не постоеше во Македонија. Нарачав кит-комплет за засилувач од 60 вати со 2N3055, го направив, па со оној истиот предзасилувач со германиумски транзистори направив комлетен засилувач за бас-гитара. Потоа земав голем 12-инчен бас-звучник од 70 вати од ЕИ-Ниш и направив кутија за него. На многу игранки свиревме со тој засилувач и звучник.
Некои млади музичари ми побараа да им направам безжичен микрофон. Тогаш во списанието "Сам свој мајстор" излегоа такви шеми со 2 транзистора BC109, па го направив и тоа. Направив многу уреди, дури во Валандово имав изложба во Домот на млади, ги презентирав сите уреди што до тогаш ги имав направено: засилувачи, предзасилувачи, безжични микрофони, безжичен пренос за гитара, антени и друго. Антените беа многу значајни, со нив фаќавме грчки станици на ФМ со најнова музика. Во војска бев во Горњи Милановац, радиорелеец. Таму на војниците им пра¬вев исправувачи - напојувања за транзисторски приемници со батерии (би¬дејќи бргу ги трошеа батериите) со тра¬фоа од ѕвонче. Сето тоа го сместував во кутија од сапун. Купував по неколку трафоа наеднаш и во една прилика во продавницата ме прашаа "Аман де, колку ѕвончиња имате таму?". Во библиотеката во касарната имаше добра лите¬ра¬тура, це¬лата теорија за елек¬троника та¬му ја нау¬чив. Многу ми помогнаа и упатствата од воените електронски уреди. Вообичаено се почнува со поправки на аудиоуреди и потоа некако природно следува заинтересираноста за добриот звук и потрага како да се постигне уште подобра репродук-ција на звукот. Таа потрага е макотрпна и бара голема посветеност и многу одрекувања. Кон крајот на седумдесеттите годи¬ни направивме куќа во Скопје, во Лиси¬че, сами ја правевме електричната инсталација и сè друго во куќата. Братучед ми Насо беше музичар и имаше група, се викаше "Добра земја", доаѓаа и вежбаа кај нас Перо Камиказа, Зоран Дабиќ (од "Падот на Византија"), Ангел Наков, Мите Трајков. Цела година свиреа кај нас, а ако се расипеше некој засилувач, се знае, јас им го поправав. Правев и лајт-шоу за диска, на почеток оние наједноставните со стартер од неонка, потоа со тријаци. Ние бевме генерација што многу слушавме музика во живо. Но, потоа кога ја слушавме истата таа музика на hi-fi систем (ние имавме ЕИ-Ниш ХСР-70), тоа не одговараше на оној звук во живо, единствено звукот од лампашко радио беше поблизок до живиот звук. Снимавме на Филипс касетофон, ја пуштавме потоа снимката на ХСР-70, ама сепак тоа не беше вистинскиот звук и така почна потрага по оној звук од живите настапи што го имавме во меморија. Кога дипломирав на Правен факултет, татко ми сакаше да ме награди за завршувањето за рекордно кратко време од 3,5 години, па ме праша што да ми купи, а јас реков - ленташ! Ми купи руски стереомагнетофон со две брзини (9,5 и 19 cm/s), звукот од него беше најдоброто нешто што до тогаш го имав слушнато. Тој магнетофон многу го користевме за диско вечери. Не се ограничував само на аудиотех¬никата, тогаш се појавија персоналните компјутери. Во 1982 година го купив првиот мој компјутер Sinclair Spectrum+, потоа земав Atari 1040, тоа беше од¬личен персонален компјутер со SCSI контролер, што тогаш беше непојмливо квалитетно професионално реше-ние за домашен компјутер. Пишував програми во Бејзик за Атарито, а го користев и Calamus софтверот за desk-top publishing, многу книги направив со него. Атарито многу го користеа музичарите за MIDI. Користев и DOS PC (подоцна со Windows), пишував и за него програми, а со Сашо Миленковски правевме фонтови. Потоа се префрлив на Епл Мекинтош. Во една прилика бев во Загреб кај еден мој другар, тој знаеше дека ме интересира електрониката и hi-fi техниката, па ме одведе кај еден негов пријател. Кај него сред соба имаше нешто како камин, а тоа всушност беше крајот од огромна бас-хорна која почнуваше од неговиот подрум! На хорната имаше ставено Dynaudio звучник, а имаше и два големи тросистемски звучници со Dynaudio компоненти правени според серијата проекти SBI од списанието SAM. Кога пушти плоча на грамофонот со кла¬сична музика, ме шокираше неверојатно добриот звук. Тоа беше звукот по кој трагав! Кога побарав да го видам засилу-вачот, тој отвори вратичка од шкафот и таму - лампашки засилувач McIntosh. Тогаш ми стана јасно што ми треба за да ја остварам мојата желба за добар звук. Почнав да читам за лампашки засилувачи прво во списанието "Аудио/Видео" (тогаш излегуваше како додаток во списанието "Тренд", а потоа како самостојно списание), ги купував сите броеви додека излегуваше. Некако стигнав до каталогот на британскиот Audio Note, но цените беа многу високи. Од литературата дознав дека за најдобар засилувач се смета триода во single ended спој во А класа и тоа со ламбата 300B. Таа ламба всушност е создадена за звучниот филм во кината во Холивуд. Значи, правец - кино! Каде и да одев по општините, прашував по кината за засилувачите и во нивните магацини барав стари лампашки засилувачи. Речиси сите беа со пентоди EL34 во пуш-пул врска, фрлени во магацин. Повремено наоѓав и засилувачи за 300B ламба, ги имале уште пред војната, но сите тие беа уништени и оксидирани, а ламба 300B немаше никаде. Единствено што можев да искористам од тие засилувачи беа големите кондензатори со масло. Потрагата по hi-fi совршенството често личи на пат по трње до ѕвездите, на почетокот не може да се сфати колку многу време, учење и работа треба да се посвети на тоа. Ретки се оние кои го изоделе сиот тој пат и дошле на целта. Го прашавме претседателот Иванов за неговиот пат низ hi-fi беспаќата. Кај нас единствено достапни ламби беа EL84, направив засилувач со нив, за звучниците користев елипсести ЕИ-Ниш, но звукот не беше којзнае што. Претпоставував дека проблемот е до звучниците. Во кината имаше големи бас-рефлекс кутии со Goodmans звучници и одличен звук – кога ќе чуеш звук од кутија од кино, нема веќе враќање назад! Така тргнав во потрага по добри звучници. Тогаш сите правеа компресиони кутии, а јас решив да направам бас-рефлекс затоа што тоа беше звукот што го барав. Тогаш во Домот на млади стигна засилувач Нептун и на него приклучивме две звучни кутии од киното. Звукот беше одличен, токму таков звук сакав за дома, но тие кутии беа огромни и непрактични за домашна употреба. Си поставив цел во животот: кога-тогаш да имам лампаш и full range звучници, хорни или бас-рефлекс. Почнав да барам адекватни звучници. Lowther и Cabasse беа многу скапи, па се одлучив за Fostex FE208EZ Sigma. Според фабричкиот нацрт од Fostex, кутија–хорна ми направи Цале (Сашо Ицковски - добро познат на читателите на ЕМИТЕР од проектите за звучници на Владимир Филевски). Имав стар лампашки засилувач Thorens, но му фалеа ламбите - тоа беа ламби RCA 6973, пр-вично наменети за воени уреди и радари. Во Атина, кога бев визитинг професор, побарав продавници кои држеа стари делови од воените бази, ги најдов ламбите, ги ставив на Торенсот и тоа беше - крај! Најпосле го добив звукот што го посакував. Потоа одлучив да направам single ended засилувач со триода во А класа. Се одлучив за ламбите KT 90 од ЕИ-Ниш специјално дизајнирани за аудиоуреди, купив трансформатори од Петар Фили¬повиќ од Белград, кој ми ја проектираше целата шема за засилувачот. Имав мрежно трафо од еден голем засилувач од кино, сосема одго¬вараше, но беше премногу голем и не го збираше во кутијата. Затоа од Корато од Београд нарачав торусно мрежно трафо од 600 W (големо како за швајсапарат!), производство на Трафоматик, па најпосле го сместив во шасијата.
Пред околу 10 години, во продавницата Аудио Центар Болин налетав на лампашки засилувач Golden Tube Audio SE 40, имаше 40 вати во single ended, со три ламби во паралела. Звукот беше одличен, цената прифатлива и без многу размислување го купив. Соодветниот предзасилувач Golden Tube Audio го немаше кај нив, па направив неколку лампашки предзасилувачи за него. Сега скоро на e-bay го најдов оригиналниот предзасилувач Golden Tube Audio SEP 2 и го купив, па сега системот е комплетиран. Инаку пред тоа јас направив лам¬пашки предзасилувач, со две ламби E88CC со позлатени ногички. Во споредба со оригиналниот Golden Tube, звукот е приближно ист. Тука дојде до израз сето знаење што сум го научил од електрониката. Потоа го модифицирав предзасилувачот, заедно со Владо Симеонов и Лазо Котевски му додадовме далечински управувач (како кај оригиналниот Golden Tube Audio) бидејќи син ми кога порасна не сакаше веќе да служи како далечински ;-). Го направив и проектот од ЕМИТЕР "Лампашки бафер-засилувач XX-D", го ставив внатре во CD плеерот, луѓето се чудеа како се разликува по звукот од друг ист таков плеер, а јас потоа го отворав капакот и им покажував во што е магијата. Неодамна син ми беше на концерт на "Ван Гог" и Ѓуле (главниот вокал и гитарист) му кажал дека под дрво и камен бара ламби KT90 за неговиот Маршал, а син ми му рекол – "па, татко ми ги има!" Му испратив на Ѓуле 4 ламби KT90, а тој по некое време се јавува по телефон – "леле, каков звук"! Сега цел Белград знае дека Ѓуле од "Ван Гог" свири засилувач со ламби од претседателот на Република Македонија! Овде во резиденцијата донесов Tanoy Little Gold Monitor звучник со коаксијален драјвер, има висока ефикасност од 95 dB/1W/1m, може да свири гласно и само со 1 – 2 W, што е идеално за лампашки single ended засилувачи. Тука донесов и CD плеер Shanling, се разбира – со ламби, но и грамофон. Лани за мојот 50-ти роденден, како подарок син ми и сопругата ми купија грамофон Project. Кога беше мал син ми случајно ми ја скрши рачката од грамофонот Garard, тогаш му реков "ми должиш грамофон", а тој тоа го запомнил и многу пријатно ме изненадиja со подарокот. Слушам главно џез и класика, имам многу винилни плочи, некои се директно режени, некои се вистински раритети и уникати, Оливер Белопета беше многу изненаден кога ги виде. Изгледа дека претседателот Иванов го нашол hi-fi совршенството, но дали е тоа баш така? Секогаш може да се направи нешто подобро и повредно. Го замоливме претседателот Иванов да ни каже нешто за неговите следни самоградителски потфати.
Со оглед на неговото големо самоградителско (и животно!) искуство, го замоливме претседателот да даде некоја поука за младите самоградители. Оваа потрага по hi-fi совршенството е необјасниво за обичен човек, само посветени хобисти знаат вака да вложат толку голем труд и средства за да го остварат сонот. Уште послатко е кога сами ќе го направите со своите раце и потоа да го слушате. Особено е големо задоволството што со свои раце сте направиле нешто што е рамно на вистински high-end. На младите би им дал една важна препорака: да си го планираат животот – тогаш сè може да се постигне. Ако не знаеш да си го планираш времето, никогаш ќе немаш време за она што те исполнува. Младите што сакаат да се занимаваат со оваа област е важно да читаат и да учат - ништо без наука! Само спојот на теоријата и праксата дава врвни резултати!
Ние ништо повеќе не би додале. Очигледно е дека талентот впрегнат со желба за стекнување на нови знаења и сето тоа испреплетено со магијата на љубовта кон техниката е доволно човек да се втурне во самоградителските води и притоа да постигне исклучително високи резултати. Нека овој успешен пример на спој на науката и самоградителството ве поттикне и вас драги читатели да се втурнете во водите на науката и техниката. Тоа се полиња кои сигурно ќе го облагородат вашиот дух и ќе ја комплетираат вашата личност. Тоа е нешто што секогаш се исплати да се реализира без разлика на возраста.
Број 9/11 Септември 2011 Пристапете кон репортажата „Сите засилувачи на Претседателот“ во ЕМИТЕР преку pdf |