Колумна во францускиот весник “LeMonde”
Среда, 14 Април 2010   

alt“Дозволете и на Македонија да се интегрира во Европската Унија“

Угледниот париски “LeMonde”, еден од највлијателните весници во европската и светската политичка јавност, во бројот од 14 Април 2010 година го објави авторскиот текст на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов под наслов “Дозволете и на Македонија да се интегрира во Европската Унија “. Во текстот, Претседателот Иванов се повикува на историските традиции на татковците на Европа: Жан Моне, Роберт Шуман и Конрад Аденауер кои со своите визии ги избришаа европските граници, и со една анализа повикува на бришење на Балканските граници и целосно обединување на Европскиот континент.

Еден од најсаканите и најпочитувани европски писатели на Балканот е Никола Бувие (1929-1998) бидејќи во неговото дело “Употребата на светот” тој ја кажа капиталната и драгоцена мисла за сите народи на Балканот: “Можеби умот на Европа се наоѓа меѓу Париз и Берлин, но срцето на Европа се наоѓа на Балканот”.


Кога пред две децении, со падот на Берлинскиот зид, се отвори хоризонтот на надежта за народите од Балканот, воените катастрофи на просторите на поранешна Југославија, илјадниците жртви и раселените лица покажаа дека трагедијата во европската историја не беше завршена. Се покажа дека на најстариот континент по трагичната последна деценија на XX-от век му е насушно потребен духот на визионерите и татковците на Нова Европа. И тогаш и сега неопходно потребни се Роберт Шуман, Жан Моне, Конрад Аденауер, и сите други градители на визијата за обединета Европа. “Волшебниците што ги бришеа Европските граници имаат нова задача, да ги урнат  и границите на Балканот! Тогаш ќе може дефинитивно, по 2800 години, како што тоа убаво го искажал предвесникот на европскиот регионализам Дени де Ружмон: “да се сретнат умот и срцето”.

 

На Балканот денес повторно, повеќе од кога било му е потребна европеизација и уривање на сите граници, кои сеуште го спречуваат да биде дел од она што визионерите го нарекуваа: “Европа нашиот заеднички дом”. Искуствата од минатото укажуваат дека нашиот регион опстојувал во мир тогаш кога бил на отворен простор. Pax Romanae и Pax Otomanae се историски доказ за тоа. Сега имаме нови околности. За прв пат во историјата, на преминот од XX-от во XXI-от век, во сите држави на Балканот добивме демократски избрани власти. Но остана потребата од отворен простор. На нашиот регион денес му е потребно она што го нарекувам Pax Europeanae, затоа што самата европска идеја е мировен проект. Сега е повторно моментот, преку Балканот, европската идеја да продуцира мир и стабилност како што тоа  генерации државници и визионери во Европа веќе го имаат направено.  “Да се гради Европа значи да се гради мир” велеше таткото на модерна Европа - Жан Моне. Накратко, за овој концепт и за мојата визија, пресликани во реалноста на мојата земја Република Македонија.


Република Македонија е држава која се гордее со својот уникатен  инклузивен модел на демократија. Модел на интеграција без асимилација. Во Македонија 20-тина етнички и национални заедници ги уживаат сите права и слободи познати на денешнава етапа од развојот на човештвото. Во Македонија е реалност функционалниот мултиетнички соживот. Македонскиот модел граден со векови, верувам е модел за иднината, модел кој во својата суштина содржи универзални вредности, а поаѓа од почитувањето на различни културни матрици. Неодамна со мојот пријател и академски колега министерот Давутоглу заедно констатиравме дека е неопходно правилно да се сватат световите на различните. Правилно да се свати моќта на гео-културата.
Кои се клучните предуслови за таквиот наш модел на соживот, на толеранција и почитување на сите идентитети и различности? Тоа се длабоките традиции и историското наследство. Тоа се македонскиот идентитет и јазик, и од осамостојувањето до денес тоа се евро-атлантските интегративни процеси кои имаат силна внатрешно кохезивна моќ и истовремено силна мотивирачка енергија.


Ние во Република Македонија веруваме дека со нашиот идентитет, со нашите културни и историски вредности и богатства, можеме да го облагородиме и зајакнеме заедничкиот европски идентитет кон кој што припаѓаме. Европскиот идентитет црпи од сите свои одделни членки, но успева сите нив да ги облагороди, успева преку една интеракција да им даде нивна полна афирмација и почит. Така јас и моите сограѓани денес гледаме на европскиот идентитет. Тоа е еден двонасочен процес.  Станува збор за еден пејсаж на чиј хоризонт секој идентитет, секоја култура, има што да даде, има што да каже, и има каде да биде слушната.


Но не е се така едноставно и лесно кога се зборува за европските вредности. Барем не за мојата земја. За жал, дури и денес, во XXI-от век, кога овде во Париз, во центарот на Европа, во земјата која ја генерираше и ја спроведе во дело европската идеја, зборуваме за правото на националните идентитети да ја уживаат својата афирмација во европскиот пејсаж, не можеме да кажеме дека овие историски права поврзани со сегашноста и иднината,  се реалност за нас, за граѓаните на Република Македонија. Иако на почеток на третиот милениум, ние сеуште се соочуваме со предизвици еминентни за IXX-от век кога државите и народите се бореа за признавање. За жал условот, кој ни е наметнат за да продолжиме по патот на прогресот, по патот на нашата евро-атлантска интеграција, не вклучува само одрекување од името на нашата држава, туку се бара и одрекување од индивидуалните човекови права на моите сограѓани, правото на самоидентификација и на човеково достоинство. Ниедна земја не смее да дозволи да се кршат правата на нејзините граѓани, од ниедна страна, ниту од внатре, ниту од надвор. Никој не смее, а и не може, да дозволи со акт на јавното право да се задира во доменот на приватноста, во доменот на индивидуалните човекови права. Едноставно, невозможно е да се прифати а уште помалку да се имплементира решение кое ќе има такво дејство. Невозможно е Европа ова да не го знае.


Не ми е познато дека освен во случајот со Грција против Македонија во XXI-от век некој некому се обидува да му го оспори правото на самоидентификација, името. За жал, за да продолжиме по патот на прогресот и интеграцијата од нас се бара самите да се откажеме од името на нашиот народ, јазик. И замислете, ниедна држава во светот не го оспорува нашиот идентитет и нашето име, освен нашиот сосед Грција. Во XXI-от век идентитетите се третираат низ призмата на човековите права. Човековите права се единствениот механизам кој го штити идентитетот, го штити личното чувство на припадност, самоидентификација, достоинството. Човековите права се гарантот за афирмација и почитување на националните идентитети. Сите мора да се обединиме околу оваа вистина. Тој што не сака да ја почитува , од било кои причини, ќе биде изолиран и демантиран од реалноста.


На Балканот му е потребна Европската Унија во нејзината изворна идеја- како мировен проект кој обединува поранешни непријатели.
Европа, како отворен простор во кој има слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи!
Унија како отворен простор во кој секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет!
Како отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи! Како простор на толеранција и славење на различностите!


Европеизацијата на Балканот значи, заедно да ја промовираме најдобрата традиција на нашите народи и нашите простори во духот на Европската традиција за најголемиот човеков стремеж, стремежот за слобода. Секоја нова злоупотреба на ветото, како принцип на функционирање меѓу Европските, вклучително и Балканските држави е антиисториски и антиевропски чин. Блокадите на Република Грција за влез на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО, доколку бидат прифатени како нова практика, ќе предизвикаат опасна верижна реакција на вета кои повторно може да не вовлечат во вртлогот на политичките анахронизми на IXX-от век. Затоа се присетувам на предупредувањето на Жан Моне: "Ветото е длабока причина, а истовремено и симбол на немоќта да се надминат националните егоизми. Најчесто е израз на најдлабоки и безусловни блокади“.


Се сеќавам и на пролетта 2003 година кога го пречекавме во Македонија големиот француски писател Жак Лакариер (1925-2005) кој на брегот на магичното Преспанско езеро поделено меѓу Македонија, Грција и Албанија, на трите јазици ја изговори неговата бесмртна реченица: “И за Европа и за Балканот подеднакво е важно. Ние сме имале илјадници вчера, но имаме само едно заедничко утре”.

 

Пристапете до колумната преку линк