„Нова Македонија“ - Едиториал: Големиот Европеец Ото фон Хабсбург
Четврток, 21 Јули 2011   

alt

Првата помисла кога ја слушнав веста дека Ото фон Хабсбург починал во својот дом во близината на Минхен беше дека секој од нас би можел само да посака да има долг живот, во кој ќе доживее да ги види реализирани своите највисоки цели и идеали. Ото фон Хабсбург го помина својот живот во постојана борба за зачувување на Европскиот континент од кошмарни закани по европските принципи и вредности, но и против човештината воопшто. Ото фон Хабсбург на двапати ја препозна големата закана за Европа, која доаѓа од идеологиите на фашизмот и на комунизмот. Препозна дека идеологија која човекот се обидува да го редуцира на колектив, поточно на толпа, да му го избрише индивидуалниот идентитет и можноста за слободно размислување, може да биде многу поголема внатрешна закана за европските држави од надворешна инвазија. Во неговата младост, европските принципи и просветлените идеи кои го водеа нашиот континент надвор од средниот век беа погазени и поништени, заканувајќи се Европа да ја внесат во уште помрачен и пострашен период.

Мораме да застанеме за миг и да оддадеме исклучителна почит за човекот кој, соочен со вакво надоаѓачко зло, не се свртел да побегне (што неговата положба секако му го овозможувала) и не ја оставил неговата татковина сама да се справува со заканата, туку останал да го разобличува злото во сите негови форми, сè до конечната победа над фашизмот.

За жал, оваа победа не означуваше и крај на европското талкање. Појавата на новата закана на комунизмот, го разби европскиот континент, повлекувајќи остра линија преку старите врски меѓу народите. Отворената војна меѓу европските народи му отстапи простор на поразителното сознание дека половина од Европа, долго време, можеби засекогаш, ќе живее без најосновното почитување на човековите права, без елементарна почит за човечкото достоинство, дека Европејците се способни да изградат држави-зандани на човечкото тело и дух. Во времето кога, по војната, биле силни повиците во интерес на мирот оваа состојба да се прифати како нормална, мораме повторно да изразиме восхит пред храброста и визионерството на Ото фон Хабсбург, кој одбива да дозволи Европа да живее без половина од своето битие.

Паневропското движење, на чие чело долго време беше Ото фон Хабсбург, се организира како братство на слободоумни луѓе, кои одбиваат во интерес на политичкиот опортунизам или поради својот сопствен страв, да се откажат од идеалите дека луѓето се создадени да живеат слободно. Преку Паневропското движење, и од недовршената зграда на Европскиот Парламент во Стразбур, Ото фон Хабсбург ја повторува пораката дека сите луѓе од Европа се создадени за да бидат слободни. Дека подготвеноста на политичари да ги затворат очите пред оваа вистина, да го премолчат карактерот на тоталитарните режими од другата страна на Железната завеса, ќе остане како нивен траен срам. Дека состојбата во која Европа запаѓа по војната не може и не смее да се прифати и толерира.

Господ му подари долг живот, да може да го види и да ужива во исполнувањето на неговата визија. Неговите неуморни активности широко ја отворија портата за поробените европски држави повторно да се вратат во братството на демократските и слободните земји. Ото фон Хабсбург и неговото достојно семејство, беа меѓу првите кои ја отворија Железната завеса, канејќи ги измачените Европејци од другата страна на завесата назад кон светлината. На Ото фон Хабсбург му должиме за едно од првите изговарања на зборовите слобода, демократија и човекови права на просторите на некогашниот советски блок, на просторите на некогашна социјалистичка Југославија. Секако, мислам тука на употребата на овие зборови во нивниот вистински контекст, а не како пародија или како злобна манипулација на тоталитарен режим.

Иако Европа ја остави во период кога континентот е повторно соочен со голем број предизвици и сериозни проблеми, сепак можеме да се потпреме на сознанието дека, благодарание на визионери како Ото фон Хабсбург, постои насобрано знаење и искуство кое ни дава сигурност дека на принципиелен начин ќе се справиме со предизвиците кои се пред нас. Дека нема да дозволиме повторување на трагичните европски идеолошки грешки и заблуди кои многу бргу од сферата на теоријата навлегуваа во реалниот живот, оставајќи зад себе пустош и лични и национални трагедии.

За жал, ја немав честа да се сретнам со неговото височество Ото фон Хабсбург. Големиот пријател на Македонија, кој од првиот ден на македонската независност ја поддржуваше нашата држава, дури и во време кога ние самите бевме несигурни во нејзиниот успех и долговечност, па дури ни во нашето некогашно и идно место во Европа. Кога одбележуваме две децении независност, мораме да бидеме свесни дека во овој наш голем успех, се вградени и напорите на многумина знајни и незнајни наши пријатели. Драго ми е што на еден од нив, на неговото височество Ото фон Хабсбург, на почетокот на годинава му ја оддадовме должната почит и јавно му изразивме благодарност, преку Орденот за заслуги за Македонија за кој му го доделив. Последниот крунисан принц на Австро-Унгарија влегува во вечниот дом на неговите предци не како моќен и силен владетел, туку како голем Европеец. Нека му е вечна слава.


Д-р Ѓорге Иванов
Претседател на Република Македонија


Објавено во Нова Македонија, Четврток, 21 јули 2011
Пристапи до Едиториалот преку линк

 

alt