Едиториал: Македонија е спремна да придонесе кон глобалните напори за справување со СИДА-та
Понеделник, 27 Јуни 2011   

altПостои причина за надеж. После триесет години од првото појавување на, тогаш, мистериозната болест, денес конечно можеме да резимираме дека нашите континуирани напори да ја победиме бележат позитивни резултати.

Во периодот 8-10 јуни 2011, голем број светски лидери се сретнаа во Њујорк на Состанокот на Обединетите Нации за ХИВ/СИДА. Собирот на челниците на државите и Владите, научната заедница, цивилното општество и приватниот сектор претставуваше единствена можност да се процени напредокот, да се споделат стекнатите сознанија и искуства и да се определат идните чекори на глобалниот одговор кон СИДА-та.

Ова е клучен период од историјата на епидемијата: Пред 30 години, во јуни 1981 година, научниците во Соединетите Американски Држави го идентификуваа првиот случај на нарушување на имуниот систем кое подоцна ќе се дефинира како болеста СИДА. Пред десет години, на револуционерната Специјална сесија на ООН за ХИВ/СИДА во 2001, светските лидери се согласија дека СИДА-та е прашање од глобална итност и повикаа на итен, координиран и одржлив одговор на оваа растечка епидемија.

Денес, три децении по почетокот на ширење на епидемијата, одново ги преиспитуваме достигнувањата во справување со СИДА-та на глобално ниво. Според последнот извештај на Генералниот Секретар на Обединетите нации, до крајот на 2010 година повеќе од шест милиони луѓе, носители на ХИВ вирусот, во земјите со среден и висок приход имале пристап и добивале антиретровурусна терапија која го спасува животот, споредено со само 400.000 луѓе кои имале пристап до терапијата до крајот на 2003 година. Во текот на последната декада, бројот на новоинфицираните луѓе со ХИВ се намали за 20%. За прв пат во 2009 година, на повеќе од 50% од ХИВ-позитивните луѓе им беше овозможена сигурноста дека нивните деца ќе се родат без вирусот ХИВ.

Сепак, извештајот подвлекува дека сите овие придобивки се кревки. Епидемијата на ХИВ и натаму е помоќна од одговорот - се проценува дека на секои две нови инфекции, по еден поединец започнува со АРВ терапија. На графиконот кој го прикажува глобалното справување со ХИВ, имаме рамна линија која не покажува напредок, додека клучните извори на водство и отчетност останаа неискористени.

За да се забрза напредокот на одговорот кон ХИВ, Генералниот Секретар на Обединетите нации ја повика глобалната заедница да усвои шест цели за 2015 година – цели кои беа дискутирани, ревидирани и усвоени од учесниците на јунскиот состанок за ХИВ/СИДА во Њујорк. Фокусот во наредните години се поставува на следното:

•    Да се намали за 50% сексуалниот пренос на ХИВ, особено меѓу најризичните популации, и да се превенираат нови инфекции како резултат на инјектирање на дроги;

•    Да се обезбеди третман за уште 15 милиони луѓе на глобално ниво;

•    Да се намали за 50% смртноста од туберкулоза кај лицата кои живеат со ХИВ;

•    Да се елиминира преносот на ХИВ од мајка на дете, да се одржи здравјето на мајките, и воопшто да се подобри здравјето на жените, децата и семејствата;

•    Да се осигура еднаков пристап до образование за децата кои останале сирачиња и станале ранливи како последица на СИДА-та;

•    Да се намали за 50% бројот на земјите кои поставуваат органичувања за влез, престој и жителство на ХИВ-позитивни лица.

Во последните години, Република Македонија направи огромен напредок во однос на овие цели: од 2005 година сите лица со ХИВ имаат пристап до антиретровирусна терапија и следење на инфекцијата во согласност со меѓународните препораки. Немаме случаи на смртност од туберкулоза кај ХИВ+ лица ниту пак кај ХИВ+ мајки. Бројот на нови случаи на ХИВ кај популациите под најголем ризик е под 1% и националниот одговор кон оваа инфекција е координиран според Националната Стратегија за ХИВ/СИДА, која успешно се имплементира и финансира со подршка на Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија.

И покрај овие постигнувања, не можеме да бидеме апсолутно задоволни, мора да останеме фокусирани и да ја надградуваме нашата подготвеност. Треба и понатаму да ги поддржуваме напорите за превенција и третман на ХИВ и други крвно и полово преносливи инфекции. Владата на Република Македонија во соработка со граѓанскиот сектор имплементира програми кои се финансиски исплатливи и кои продонесоа кон зголемена превенција на ХИВ меѓу најризичните популации, зајакната борба против стигмата и дискриминацијата, и она што е најважно – зголемување и одржување на домашното финансирање на одговорот кон ХИВ.

Како Претседател на Република Македонија, активно ги поддржувам сите напори за зајакнување на националниот одговор кон ХИВ и СИДА-та, и се обврзувам во секоја пригодна можност да ги дадам моите искрени заложби и придонес во борбата против стигмата и дикриминацијата кон лицата кои живеат со ХИВ или СИДА.

Во оваа прилика ги повикувам сите граѓани да се информираат и да се заштитат себеси и своите семејства, но и да имаат разбирање и да подадат рака кон оние кои се носители на ХИВ вирусот или боледуваат од СИДА и да им помогнат во водењето нормален и продуктивен живот.

Убеден сум дека со здружени и координирани напори, но и со повеќе разбирање и посветеност, Република Македонија поуспешно ќе се справува со оваа епидемија и ќе го испрати стравот од СИДА-та во минатото. Денес ние сме спремни суштински да придонесеме кон соочувањето со овој глобален предизвик.

Д-р Ѓорге Иванов,
Претседател на Република Македонија

 

Објавено во Нова Македонија, Понеделник, 27 јуни 2011

Пристапи до Едиториалот преку линк