Македонија е школски пример како ЕУ не треба да се однесува со земја-кандидат – интервју на претседателот Иванов за емисијата „Акцент" на МРТ
Четврток, 01 Октомври 2015   

akcent-mtvАко политичкиот договор се реализира според планот и ако изборите бидат успешни, а сепак не добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ или нешто што ќе ја помести оваа статус кво состојба, јас сум убеден дека во Македонија повторно ќе имаме криза, можеби и уште пожестока од оваа, рече претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во интервју за емисијата „Акцент" на МРТ, на прашањето дали Брисел има дел од одговорноста за политичката криза во Македонија.

- Прво треба да видиме која е нашата вина, која е нашата одговорност за оваа состојба, а подоцна да укажеме и на Брисел дека ние сме школски пример за тоа како не треба да се однесува ЕУ кон земја – кандидат. Ние имавме полн капацитет, со исполнети услови, се што беше побарано од нас е исполнето и тоа го потврдија Европскиот парламент и Европската комисија. Но Европскиот Совет е тој што е виновен и сноси дел од одговорноста за состојбата во Македонија", изјави претседателот Иванов.

Се додека сме кандидати за ЕУ и НАТО, тие ќе ни помагаат, изјави Иванов запрашан до кога Вашингтон и Брисел ќе мора да ја менаџираат внатре-политичката состојба во Македонија.

- Искуството од претходните кризи покажува дека ние можеме и сами да се справуваме. Но, одредени политички актери во Македонија не сакаат тоа да се води во државата, од институциите во државата. Моја иницијатива беше решавањето на првата криза, таа пред две години и решавањето на оваа криза беше на моја иницијатива. Но таков е табиетот на нашите политичари кои повеќе веруваат на другите отколку на сопствените институции, вели Иванов.
Во однос на прашањето дали очекува решавање на политичката криза, Иванов истакна дека е обврска на потписниците на договорот, како тој ќе се реализира и дека сите прашања мора да се решаваат со дијалог внатре во институциите.

- Отсуството на опозицијата од Парламентот е и причина за некои работи кои се случуваа во минатото. Така што сега со враќањето на опозицијата, се надеваме дека сите тие механизми кои постојат и се дадени на располагање, контролни механизми, увид во работата на службите, постојана контрола на власта, ќе има резултати и дека тоа ќе биде искуство за во иднина, како треба секој политички актер да се однесува во услови на демократија, порача македонскиот претседател.

Во однос на неговите очекувања за претстојниот извештај за напредок од страна на ЕК, претседателот Иванов вели дека истиот зависи од тоа како ќе го исполниме политичкиот договор.

- Не зависи тоа од Брисел. Како ќе ги реализираме точките од договорот и како ќе ги реализираме обврските, така си го пишуваме и извештајот, истакна претседателот Иванов.

За неговите очекувања од Специјалниот јавен обвинител, Иванов истакна дека очекува Специјалниот јавен обвинител да ја оправда добиената поддршка и да го понуди она што е пропишано со закон, односно дека секој што сторил злодело треба да одговара.

Дебатата за изборниот законик и гласањето на дијаспората, претседателот Иванов ја оцени како задоцнета.
- Веќе изборите се закажани, роковите течат, а тоа требало претходно да биде договорено и да се изнајдат начини за да се корегираат пропустите или нефункционирањето на досегашниот изборен модел, рече претседателот Иванов.

Осврнувајќи се на прашањето за името и дали може да се очекува каков било напредок во разговорите, претседателот Иванов истакна дека новата владејачка гарнитура во Грција дава надеж дека можеме да се поместиме од состојбата која беше наследена од претходната Влада на Грција, но дека е потребно трпение и зголемување на свеста за државен интерес внатре во државата. Воедно, Иванов додаде дека и покрај неконструктивноста од грчка страна, ќе продолжат неговите лични иницијативи за средби со неговиот грчки колега.

ЕУ нема кризен менаџмент, во услови на криза не функционира

Македонија е безбедна држава колку што се безбедни сите земји во регионот, но потребна е поголема соработка меѓу службите за разузнавање и безбедносните служби, со цел пристап до информации и превентивно делување, изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во интервјуто за емисијата „Акцент" на МРТ, на прашањето дали Македонија ќе трпи последици од мигрантската криза и ќе биде безбедна држава.

- Затоа беше и мојата иницијатива уште минатата година, кога бев на Советот за безбедност на Генералното собрание на Обединетите нации, дека на регионот му треба антитерористички центар. Затоа што сите земји што се во Европската унија и во НАТО ги разменуваат информациите и можат превентивно да делуваат. Ние, земјите што сме надвор од Европската унија и од НАТО немаме комуникација на безбедносен план, ги немаме информациите кои можат да користат и за земјите кои се членки на Европската унија и на НАТО, рече претседателот Иванов.

Запрашан дали ЕУ падна на тестот на мигрантската криза, македонскиот претседател вели: „Ова беше стрес – тест за самата Европска унија".

- Унијата навистина функционира извонредно кога има мир и период на стабилност. Но ова покажа дека Унијата нема кризен менаџмент и во услови на криза таа не функционира, рече Иванов додавајќи дека кај земјите – членки се јавува еден вид на себичност и секоја земја различно реагира и се справува со кризата бидејќи ЕУ не може да излезе во пресрет на нивните барања.

На прашањето дали Македонија ќе има сили да се справи со оваа криза и дали планираните 17 милиони евра за Македонија од Брисел се доволни за справување со кризата, Иванов вели дека кризата со бегалците ги оптоварува сите наши институции и претставува голем и непланиран буџетски трошок, но дека сепак кризниот менаџмент во државата функционира добро и дека сите државни ресурси се максимално искористени.

- Наместо за оние намени за кои биле планирани, сега средства од буџетот трошиме за бегалската криза. Знаеме како функционираат фондовите во Европската унија, така што веројатно тие средства ќе дојдат, кога ќе ги исцрпиме сите наши ресурси кои и сега се доведени до максимум, рече претседателот Иванов, додавајќи дека ние сме првата земја што прогласи кризна состојба и тоа поради сето она што се случува на територијата на ЕУ и НАТО.

- Значи некој не ги чува границите на ЕУ и НАТО, а последиците ги трпиме ние, рече претседателот Иванов притоа заблагодарувајќи се до сите невладини и хуманитарни организации, Црвениот крст и сите поединци кои им помагаат на бегалците.