Сега е периодот кога сите институции треба да го покажат својот капацитет и подготвено да се справуваат со своите предизвици, истакна претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во интервју за телевизија Сител, коментирајќи ги последните случувања во земјата.
- Ова е тест за нашите институции. Сега ќе го видиме судството колку ни е транспарентно, отворено и колку тоа може да се справува како неутрална институција со сето она што е покренато, кога зборуваме за случајот Пуч, и од она што е доставено од страна на опозицијата, за сите тие предмети. Но, јавноста треба да знае, едно е кога настапувате во јавност и изнесувате ставови и тоа е убаво и за кампања и за медиуми. Судството бара соочување со другата страна, со докази и на крај носење на пресуда која подлежи и на второстепена постапка, односно кога целиот правен систем веќе е во функција, рече претседателот Иванов.
Прашан за можноста да биде аболициран лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со цел да има политичка разрешница на кризата, претседателот Иванов со став: „Кога беше аболициран првиот пат беше сосема поинаков законот и беше поинаква улогата на претседателот".
- Сега има промена на Законот и постапка, според која, треба прво Министерството за правда да го расчисти целиот случај, па да предложи. Веројатно околностите се изменети и секој ќе сноси одговорност за сето она што го придонел за оваа актуелна ситуација. Така што, рано е да се кажува. Тоа останува во доменот на политичките лидери, кои како што кажав, со помош на Европската комисија ќе мора на некој начин да се соочат со сета оваа состојба и секој да си ги презема одговорностите за ова што не снаоѓа, рече македонскиот претседател.
Во интервјуто за телевизија Сител, претседателот Иванов посочи дека во неколку наврати лидерот на СДСМ Зоран Заев одбил да се сретне со него.
- Како тогаш можеме да зборуваме дека бараме и сакаме да имаме некоја завршница, кога вие воопшто немате дијалог, кога не можете да разговарате во институциите. Тоа не беше случај со претходниот лидер на опозицијата. Кога ја имавме кризата со 24 декември, тогаш го поканив и дојдоа заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот, и во мое присуство неколку часови се разговараше зад затворени врати и почна процесот. Значи, за се ни е потребен дијалог. Со монолози не можат да се најдат решенија. Мора да постои дијалог. Вие имате отсуство на потреба од дијалог на лидер на опозиција, кој воопшто не сака ниту да влезе во Кабинетот на претседателот, а не пак да разговара и да наоѓа решенија за актуелната состојба, рече претседателот Иванов за Сител.
Одговорноста, додаде македонскиот претседател, секој пат доаѓа на крај откако ќе се констатираат состојбите.
- Ова е нешто што не се случува само кај нас. Многу земји поминале низ вакви состојби. Најсилните земји не успеале да се обезбедат и нивните информации да не се прелеат. Меѓутоа, ова е можност за една сериозна промена или трансформација на нашите безбедносни служби и прочистување. Помош ќе ни треба секако од тие кон коишто се стремиме, значи и од НАТО и од Европската унија, од искуствата што ги имале членките на НАТО и Европската унија од вакви состојби и кои механизми се преземени и на каков начин се решаваат. Институционално можеби сме компатибилни, меѓутоа, потфрлил човечкиот фактор, заклучува претседателот Иванов.
https://www.youtube.com/watch?v=lvpg-1RXqBk
|