Интервју на претседателот Иванов за „European Times“
Вторник, 12 Мај 2015   

PRM_-_European_Times_01Кратко претставување за себе и за претседателството со Република Македонија;

Да се биде претседател на држава е голема чест, но и огромна одговорност. Јас потекнувам од академската заедница, бев универзитетски професор, така што од една академска атмосфера, доаѓам во политиката и тоа во балкански услови. Јас сум четврти претседател од независноста на Република Македонија, избран од граѓаните и затоа настојував обавувањето на мојата функција да е секогаш близу до граѓаните. Секогаш да сум блиску до сите оние настани и активности кои се преземени од граѓаните. Ги имам посетено речиси сите населени места во Македонија. Мојот Кабинет е отворен за илјадници граѓани кои биле и доаѓале во Кабинетот, но да ја доближам институцијата Претседател до граѓаните ги имам отворено и Народните канцеларии каде граѓаните можат да комуницираат со мојот Кабинет и да укажуваат на сето она што тие го имаат во својот секојдневен живот, и сите оние предизвици со кои што се соочуваат.

Како би ја опишале Македонија на нашите 2,5 милиони читатели, главни карактеристики;

Македонија е на Балканот во нејзиниот централен дел и има многу историја. Има многу природни убавини и има многу нешта кои се специфични за овој дел од Балканот. Има прекрасни планини, долини, реки, езера, и има многу наследство од сето она што се случувало на овој простор. Македонија е земја на крстопат. Низ нашиот простор со векови поминувале патиштата кои оделе од Исток кон Запад, но и од Север кон Југ. Крстопатот на тие патишта е на просторот на Македонија и затоа се создал поинаков амбиент. Тука има влијание на многу култури, на многу религии и затоа таа мултиетничност што е наследство од живеењето од империите, создала во Македонија еден посебен модел, модел на интеграција без асимилација. Модел во кој ја нема традицијата на толеранција на различитоста, туку ја имаме традицијата на почитта кон различитоста. Да се почитува другиот со сите негови наследства, традиции, обичаи и култури, по тоа е специфична Македонија. Тоа создава кај луѓето, чувство на гостопримливост, на отвореност и на атмосфера во која можете да ја почувствувате таа приемчивост на другите и да се почитуваат другите.

Главни развојни процеси и достигнувања на Република Македонија;

Македонија својата независност ја стекна по распадот на Југославија. 24 години сме независна држава во која се обидуваме да изградиме свој автентичен амбиент и во економијата и политиката, и во сите сфери на животот. Кога сме биле во Југославија, нашата економија била проектирана за пазарите во Југославија и социјалистичките земји. По распадот на Југославија и на земјите од Истокот, моравме да се прилагодуваме на новиот амбиент. Затоа имавме мачна транзиција кон слободниот пазар и создавање економија прилагодена за новиот амбиент и новите услови. Исто така, демократијата во социјализмот, народната демократија, мораше да се прилагодува на условите, кога за наши стратешки цели си ги поставивме членствата во НАТО и во Европската унија. Значи мораше да ги совладуваме европските критериуми, стандарди и принципи. На тој пат кон демократијата и на европеизацијата и слободниот пазар, како и секоја земја која била во социјализмот, имавме трауми, негативни периоди, периоди на мачна транзиција. Освен тоа, за разлика од другите земји кои многу лесно го совладаа сето тоа, ние имаме една бариера, која се уште е непремостлива, а тоа е оспорувањето на нашето име од нашиот јужен сосед кој не блокира во остварување на нашите стратешки цели, да бидеме членка на НАТО и на Европската унија. Меѓутоа, постигнато е многу и во такви услови. Во услови на блокада имаме економија која има раст, која забележува раст на економијата и особено на странските инвестиции кои се присутни во последните години, како резултат на сето она што беше преземено од нашата Влада. Многу реформи, многу законски измени и создавање поволна бизнис клима, тоа ја прави Македонија привлечна за многу странски инвеститори, кои од нивното досегашно искуство е прилив и на други странски инвеститори. Позитивните примери секаде се присутни, така е и во економијата. Во политиката, мултиетничките демократии многу тешко се справуваат со демократијата. Македонскиот модел е инклузивен, ги вклучува сите во демократијата. Нашите политички партии во голема мерка се на етничка основа, се промовира сето она што тие го имаат како интерес од нивните избирачи и преку нашиот Охридски договор кој е наша специфичност, а кој е дел од нашиот Устав, ја промовираме таа наша мултиетничка демократија во која не се оди така едноставно и лесно, но сме позитивен пример од тој аспект. Многу богати држави, особено на Западот, многу тешко се справуваат со етничката политика, која внесува многу емоции, внесува многу прашања од идентитетот во политиката, кои многу тешко се решаваат. Моделот кој што сме го создале и кој е наш автентичен, дава резултати и на некој начин претставува пример и за земјите во Европската унија, како да се справуваат со различни идентитети, етнички прашања во политиката, јазични прашања. Тоа е она што ја одликува Македонија.

Значењето на привлекување странски директни инвестиции за натамошниот раст на Република Македонија;

Сите реформи што се прават во образованието, во администрацијата е прилагодување и излегување во пресрет на барањата на странските инвеститори. Ме радува тоа што имаме примери кои се потенцираат и во другите земји и тие настојуваат, ова што го прави Македонија, да го применат и кај нив. И меѓу населението се менуваат навиките, бидејќи нашите генерации не беа навикнати на слободниот пазар. Социјалистичките економии беа поинаку поставени. Странските инвеститори носат поинаков менталитет, бараат поинаква менаџерска структура, бараат профили на кадри кои се ориентирани кон слободните пазари. Тоа го менува амбиентот и кај нашите фирми. И нашите успешни фирми се прилагодуваат и ги користат искуствата од странските инвеститори да се прилагодат и да бидат конкурентни. Така што, тоа е еден позитивен тренд и учење преку работа, учење преку позитивни примери. Од тој аспект, Македонија во сферата на економијата и она што е постигнато е веќе успешен модел и за нашиот регион.

Ве молам елаборирајте ја бизнис климата за привлекување инвестиции;

Бизнисот е како вода. Бара да оди удолу без препреки и без бариери. Водата не се качува угоре. Значи ако имате многу административни бариери, ако имате многу процедури при барање дозволи, отворање на фирми, тогаш бизнисот ќе си најде земја каде што има поповолни услови. Затоа се е направено за да со помалку бариери, со помалку пречки се дојде до отворање на бизнис, на промовирање на бизнис. И токму заради тоа, сите оние што ги водат рангирањата на земјите го наоѓаат тоа како модел кој е македонски, кој е поволен и кој е применуван и во други земји. Но, освен тоа, не е само да дојдете да инвестирате во земјата, вам исто така кога водите бизнис ви треба да имате и амбиент за тој бизнис. Луѓето да се задоволни со платите што им ги давате, со условите кои ги имаат при работа. Самите бизнисмени кога доаѓаат од другите земји ја чувствуваат македонската гостопримливост, го чувствуваат она што Македонија го има како свој најголем капитал, а тоа се луѓето од Македонија. Луѓето од Македонија се навикнати да бидат отворени и да нудат секој пат пријателства и контакти. Тоа делува и на бизнисмените да ги покануваат своите партнери и да зборуваат со позитивни оцени за тоа како се води бизнис во Македонија. Македонија е блиску преку Грција до Егејското море, преку Албанија до Јадранското и Јонското море, преку Бугарија до Црното море. Инфраструктурата што ја имаме, патиштата, железницата, тоа што се инвестира во нови автопатишта, во нова инфраструктура, реновираните аеродроми во Скопје, во Охрид. Нудењето на оние услови што им се неопходни на бизнисмените за да почнат бизнис, евтина парцела, евтино земјиште, пристап до енергија, пристап до она што е поволно за бизнисот. Овие работи ги прават тие услови по кои Македонија е рангирана толку високо на сите тие листи каде се третира какви се оценките за да се почне и за да се води бизнис.
Ве молам елаборирајте некои од вашите проекти и иницијативи како Школата за млади лидери, Најдобар млад научник, Духовни дијалози;
Кога еден универзитетски професор ќе влезе во политика, што би направил ако не школа. Така јас ја создадов, ја иницирав Школата за млади лидери која оваа година по шести пат ќе се организира. Многу сме горди на тој проект, јас и целиот мој Кабинет, затоа што преку таа школа се едуцираат млади, најспособни луѓе од Македонија на сите оние вештини што се неопходни да се биде водач, да се биде лидер. Тоа не е политичка школа, не е школа за политичари, тоа е школа за млади луѓе да знаат да предводат, да создаваат тимови, да носат одлуки и да преземаат одговорност. Бидејќи лидери ни се неопходни, не само во политиката, неопходни се и во бизнисот, во културата, во спортот, во образованието, во невладините организации. Секаде ни се неопходни луѓе кои знаат да мотивираат, да иницираат, да инспирираат. Тие млади луѓе меѓу себе комуницираат и се солидарни, си помагаат меѓусебе. Ме радува тоа што тие самоиницијативно создадоа своја Алумни асоцијација со која учествуваат во проекти. Целата школа ја финансира бизнис заедницата. Со успешните фирми, со успешните компании го создадовме овој проект кој е на некој начин влог во иднината. Македонија да има лидери, менаџери, луѓе кои ќе знаат да ги водат процесите и проектите кои се неопходни за развојот на Македонија. Друг проект е наградата за Најдобар млад научник. Имаме многу млади луѓе кои многу постигнале со свој ум и со свој труд, меѓутоа не се присутни во јавноста. Јавноста не знае за нив, затоа што некогаш и медиумите не се интересираат да промовираат такви позитивни поединци кои успеале во животот и достигнале постигнувања кои може да ги мериме во глобални рамки. Преку оваа награда ги поттикнуваме тие млади луѓе и ги промовираме во јавноста како позитивни примери, дека можат да успеат во животот, да достигнат нешто што е рамно на ниво на многу развиени земји. Духовните дијалози произлегуваат од нашата автентичност, нашиот амбиент, бидејќи освен што сме мултиетничка, ние сме и мултирелигиозна земја во која религиите постојано меѓусебе се почитувале, се надополнувале. Она што актуелно се случува во Европа, во Блискиот Исток, ова создавање на нови стереотипи, создавање на генерализација на одредени прашања од сферата на религијата и нас не погодува и затоа имаме неопходност меѓу себе религиите да комуницираат, да се надополнуваат. Има многу религии, но една верба. Верба во Бога. Така почна и мојот прв мандат кога ги собрав сите верски лидери и имавме заедничка средба на која што разговаравме, за нивниот удел, во тоа Македонија да биде пример за почитта меѓу религиите, меѓу себе. Тоа е наша специфичност, наша традиција, но и модел за во иднината, затоа што исклучивоста не води кон никаде. Мора да работиме на вклучување, но вклучување не само во институциите, туку и во себе да го чувствуваме другиот како близок, како човек кој има само поинаква религија, меѓутоа човек, кој има верба, верба во Бога и верба во нешто убаво, нешто што ги сплотува и им помага на луѓето, а не дека е непријател и дека има поинакви сфаќања. Македонија била и останала пример за токму таа религиозна почит и затоа сме организатори на светски конференции за Дијалог меѓу цивилизациите. Многу верски лидери од светот доаѓаат во Македонија на тие светски конференции и разменуваат и споделуваат искуства и она што е неопходно во денешниот свет, во кој се чувствува потреба од таа духовност. Бидејќи луѓето понекогаш се премногу отуѓени, луѓето премногу се посветени сами на себе, не ги познаваат навиките и обичаите на другите, како што го имале тоа нашите предци. Преку овие Духовни дијалози ги обновуваме тие традиции, луѓето меѓусебно да се почитуваат.

Улогата и значењето на културата, идентитетот и историјата во рамки на државата;

Кога сте земја на крстопат имате влијанија од многу кои доаѓаат, проаѓаат, остануваат, и таа интеракција на тоа што постои и на тоа што доаѓа, создава специфична култура. Култура која е резултат на различни влијанија. На пример, Македонија е препознатлива по многу свои културни манифестации, но и културни достигнувања. Од секогаш тука се негувало традицијата на убавиот збор. Затоа, во Македонија ги имаме Струшките вечери на поезијата кој е светски уникатен фестивал на поезијата. Го имаме Охридско лето, фестивал каде што доаѓаат врвни музичари, кои заедно со нашите музичари имаат врвни достигнувања во сферата на музиката, во сферата на уметноста. Тука била Византија илјада години, Отоманската империја петстотини години, Кралството на Србите, на Словените, па и кралевината на Југославија. Сето тоа довело да луѓето ако не можеле телесно, духовно да бидат слободни. Затоа имаме фреско сликарство коe зрачи со мисла која е резултат на продуховеност и на слободен ум. Вие можете телото да го блокирате на човек, да го поробите, но духот не можете. И затоа таа наша култура е со таа наша специфичност, бидејќи генерации, генерации луѓе се ослободувале преку нивните творби, нивното творештво, преку нивната култура. Tоа има длабоки траги и по тоа е и Македонија претпознатлива. Нашиот фолклор е препознатлив со своите специфични ритми. Нашето фреско сликарство од Византија, е познато по тоа што уште пред ренесансата во XI век, нашите зографи цртале чувства на светците што било ерес во христијанството. Потоа, нашите обичаи се дел од влијание од истокот. Многу традиции кои не се познати во Западна Европа ние ги имаме како резултат на тоа што тука бил патот Виа Игнација кој дваесет и неколку векови бил дел од патот на свилата. Многу работи од Истокот, преку нашиот простор оделе кон Запад. Преку Виа Игнација поминувале сите што оделе на Божјиот гроб во Ерусалим. Сите христијани оделе по тој пат и на трагите на тој пат се места како што е Охрид на пример, место каде што ве занемува убавината, а за што се вели „Господ кога давал не гледал, се дал", Божја убавина, но и она што човекот го создал. Место со 365 цркви и манастири. Битола е на тој пат, место каде што уште од Антиката е создадена културата на почитта. Имаме многу историски места од сите епохи, од сите периоди на човековата историја на нашето тло. Кокино, рангирана според НАСА на четврто место во светот, како опсерваторија создадена уште во Неолитот. Имаме навистина богат Неолит, особено колекцијата на Дамит од Неолитот ја има во Македонија, најголемата збирка од периодот од Неолитот. Од Антиката има многу траги, од античките цивилизации на нашиот простор. И од Античка Македонија и од Античкиот Рим, градови кои биле центри на овој регион, бидејќи тука биле и патиштата кои морале да се обезбедуваат. Од Византија и периодот на рано христијанството имаме неверојатни храмови. Од периодот на Отоманската империја имаме исто така храмови и објекти кои се вредни за почит. На пример, Шарената Џамија во Тетово е нешто што е несвојствено за други делови од тогашната Отоманска империја. Тоа создава тука да се раѓаат големи луѓе. Големи луѓе од сите епохи на човештвото. На 20 километри од ова место е на пример родното место на последниот римски, а прв византиски император Јустинијан. Артур Еван за тоа пишува, но и нашите археолози имаат откриено дека во селото Таор била неговата летна резиденција. Многу императори на Византија потекнувале од овој простор. Исто така многу владетели од Отоманската империја, потекнувале од овој простор. Многу познати луѓе кои влијаеле на историјата се од овој простор. Тоа не прави особено горди. Затоа што во денешно време сето тоа ние можеме да го постигнуваме ако се натпреваруваме по добрина. Тоа е една од поуките и заветите што ни ја оставил „Св.Климент". Така што и моите пораки кога ги упатувам до младите луѓе, до луѓето кои не ја познаваат Македонија се дека Македонија мора да расте во височина. Да достигнуваме највисоки стандарди, највисоки критериуми и највисоки принципи. Да бидеме добри по тоа што сме како луѓе кои што живеат на еден немирен простор во Европа. Балканот секој пат бил синоним за места каде што има многу конфликти, има многу крв, многу војни. Само во ХХ-от век, видете со што се се соочи Балканот. Распадот на Отоманската империја, распадот на Австро-Унгарија. Две Балкански војни, две Светски војни. Студената војна, па распадот на Југославија. Сето тоа е дел од кодот на секој што живее на Балканот. Затоа луѓето од Балканот сакаат мир и затоа Европа за Балканот е мир, пред се. Бидејќи Европа како мировен проект е онаа сила што на луѓето им дава мотив да одат во нешто што е подобро, повозвишено, а тоа е да се живее во мир. Во секое семејство на Балканот имате трауми од сите овие војни, од сите тие конфликти, од сето тоа присуство на странски војски на овој простор. Затоа кон Европа сите ние гледаме како мир. Нешто што ни е неопходно за да можат нашите идни поколенија да ги чувствуваат благодетите што ги имале многу генерации што живееле во мир и во благосостојба. На тоа влијае културата на народот. Вие можете да ја менувате идеологијата, може да ги менувате институциите, можете да менувате многу нешта во човековиот живот, но географијата останува непроменета. А на Балканот, географијата ја создава историјата. Имаме многу непроодни предели, високи планини, реки, езера, кои луѓето ги држеле во мали заедници. Тие мали заедници морале да бидат хомогени, создавале претстави за другиот како непријател, некој што не е добронамерен. Но, кога доаѓале империи, водачи, лидери кои го отворале просторот, тогаш Балканот живеел во мир. Токму тоа е она што Европа може да го направи за нашиот регион. Европската унија се уште не е Европа. Кога ќе биде и Балканот дел од Европската унија, тогаш Европската унија ќе биде на чекор поблиску да биде Европа. Токму тоа е она што е желба на сите што живеат на овој простор. Пред се, Европа за овој простор е мир и просперитет. Мир кој носи кај луѓето извесност. Да можат да ја планираат иднината за себе и за своите деца.

Ве молам за елаборација за луѓето во Република Македонија;

Има една мудрост за македонските луѓе и луѓето што живеат во Македонија која вели дека, во Македонија првиот пат се доаѓа случајно, вториот пат се доаѓа поради првиот пат, а третиот пат веќе станало навика. Јас не сум сретнал некој да бил само еднаш или два пати во Македонија. Кој ќе дојде еднаш во Македонија доаѓа постојано и постојано, токму поради луѓето во Македонија. Поради нивната гостољубивост, приемчивост, отвореност и желба за комуникација, но и за добри дела. Сите добронамерници во Македонија доаѓале, а некои останувале и да живеат во Македонија. Во светот постојат погрешни претстави за нашите односи што ги имаме со соседите, на пример поради проблемот со името, за односите меѓу Македонија и Грција. Ретко кој знае дека најславниот грк, гркот Зорба последните 20 години од животот ги поминал во Скопје. Неговиот гроб и ден денес му е на централните гробишта во Скопје. Значи такви луѓе низ историјата има многу. Уметници доаѓале, твореле и останувале во Македонија. Токму поради тоа што го нуди овој неповторлив амбиент на многу убавина, на многу природни богатства, но и на многу луѓе кои сакаат да бидат позитивни, кои сакаат да бидат добри. Луѓето кога ќе дојдат ќе ја пробаат нашата храна, нашите специјалитети кои се дел од медитеранската кујна, кој има многу зеленчук, има различни вкусови, кои се специфични, но и се од производи кои се од нашето поднебје. Тогаш ќе видите зошто земјоделските производи од Македонија се ценети на другите пазари. Или, кога ќе го пробате нашето вино. За сите творби што ги имаме, и материјални и духовни, човек може да се насладува и да почувствува она што е моќ на минатото, моќта на сегашноста и она што не инспирира за иднината.

Интернационалниот имиџ на Република Македонија;

На глобалните медиуми можете да ја видите онаа кампања што ја имаме да ги привлечеме и туристите и бизнисмените, и сите добронамерници во Македонија. Тоа е претставата за Македонија. Како земја која е гостољубива, со луѓе кои сакаат да го покажат сето она што го знаат и умеат, и она што го постигнале. Но, она што се случува на глобален план е присутно и кај нас. Доаѓаат нови генерации, со нови барања, кои се успешни во тие глобални настани. На пример, имаме млади луѓе кои имаат свои компании, и кои ги подготвуваат дигиталните анимации секоја година за филмовите што се кандидати за Оскар. Имаме наши музичари кои што секојдневно продуцираат музика и онлајн ја праќаат до сите тие студија во светот каде што има потреба од таква музика. Имаме исто така македонски музичари кои се присутни во многу реномирани светски групи. Тоа е сликата на Македонија. Македонија на успешни луѓе, Македонија која иако е млада држава, има долга традиција, долга култура која се темели на многу негување и чување на нешто што е специфично. Тоа е претставата за Македонија. И сакаме таква да остане. Она што е дневна политика е одговорност на политичарите, на медиумите. Секаде во секоја земја има дневни настани кои се резултат на политичарите, на медиумите. Но, општата слика за Македонија е сликата на земја каде секогаш можете да најдете нешто ново, да се потсетите на нешто старо, но и да доживеете нешто што ќе го посакувате во вашиот живот да го сретнете во иднина. Тука може да ја почувствувате хармонијата на минатото, сегашноста и иднината. И тоа е сликата за Македонија која е позната не само по тоа што е пишано во античките ракописи, античките легенди, не само тоа што е напишано во Библијата, кога Македонецот го поканува Павле да дојде во Македонија и да помогне, не што Македонија е опишана во многу историски записи, кои другите држави затоа што постанале порано држави, зеле дел од тоа кон себе, и сега им се чини дека Македонија тоа сака да им го одземе. Не. Се што е создадено во ова тло им припаѓа на сите. Така да и споровите околу Александар Македонски. Тој им припаѓа на сите. Мајка Тереза, таа е личност што го дала она што треба да го прават луѓето во однос на изнемоштените, обесправените за целиот свет. Луѓето што биле тука, зеле од оваа култура, како основачот на модерна Турција Кемал Мустафа, чие семејство потекнува од овие простори, или основачот на модерен Египет Мухамед Али кој потекнува од овие простори, или многу печалбари, луѓе кои оделе од овој простор и пренесувале дел од своите навики и обичаи во други земји. Во многу земји ќе најдете луѓе по потекло од Македонија, и не само од Македонија, туку и од Балканот, од регионот, од Медитеранот. Живееме во свет во кој треба да споделуваме, а не да го чуваме само за себе. Така што, некогаш доаѓаме до погрешни интерпретации за она што ние го правиме. Го правиме за да се сочува, затоа што сите споменици во Македонија се спомен за луѓе кои оставиле трага на овој простор, и треба да се почитуваат и чуваат за идни поколенија. Да доаѓаат луѓето и да се потсетуваат на тоа што е добро, нешто што е корисно и за она што е постигнато да се памети, и да се учи од тоа. Македонија е една од ретките земји која кон својата Еврејска заедница се одолжила на тој начин што создала Фонд за Холокауст и изградила центар на Холокаустот, кој не е само музеј, туку е и училиште за тоа како не треба да се постапува кон другите. Училиште за идните поколенија да не робуваат на предрасуди и стравови. Новите музеи во Македонија се направени да се сочува она што е наследство за севкупната човекова цивилизација. Тие трагови и тие артефакти што се пронајдени на ова тло се придобивка за севкупната човекова цивилизација. Сакаме на таква Македонија да се гледа, од големата слика и уделот на луѓето од овој простор што го дале за севкупното човештво.

Идниот развој на Република Македонија;

Американците имаат една мудрост која вели the past is history, the future is a mystery, the present is a gift. Значи да го користиме сето она што го имаме денес, за да живееме денес, за да можеме да создадеме подобро минато за идните поколенија. Се вели дека историјата не се менува. Но, ако вие работите на денешнината и на сето она што денес се случува вие влијаете на минатото на идните поколенија. Така што иднината на Македонија ја гледаме во контекст на сето она што е на овој простор, минато, сегашност и иднината да биде многу попријатна. Иднината да биде очекувана. На пример, некои од нашите предци целиот свој живот го поминале во едно село, а смениле седум држави. Нивните деца шест држави, нивните пак деца, како генерацијата на татко ми променил четири држави, јас сум променил две држави во мојот живот. Сакам мојот син и идните поколенија да живеат во една држава, да имаат извесност, да не почнува секоја генерација од почеток. Да не почнува да гради на основа на рушевини. Туку да гради на цврсти темели, кои се градат сега и врз основа на нив ќе се издигнува она што ќе биде за во иднина. Сите што живееме на Балканот сакаме иднина која ќе биде предвидлива. Настаните во регионите кои не опкружуваат Северна Африка, Блискиот Исток, настаните во Украина и на глобално ниво создаваат кај луѓето стравови, создаваат кај луѓето психози, притисоци и неизвесност каква ќе биде иднината. Кои луѓе се присутни и креатори на сегашноста, тие ја креираат и иднината. Ако промовираме, поддржуваме добри луѓе, со добри идеи, со добри мисли, таква и иднина ќе не очекува.

Лична порака до нашите политички и бизнис читатели;

Лична порака е да дојдат во Македонија, затоа што Македонија е нешто што е различно од другите, но и многу блиску со другите. Значи има своја специфичност. Македонија е место во кое се заљубувате на прв поглед. Тоа е мојата лична порака: дојдете и уверете се во тоа што го имаме. Лично да го почувствувате амбиентот, гостопримливоста на луѓето, отвореноста и сето она што значи можност да се успее.

https://www.youtube.com/watch?v=Nf2HC6Gw6P4