Господине претседател, пред неколку дена го примивте посредникот во спорот со Грција Метју Нимиц. Тој дојде во Скопје како оптимист за чекор напред. Замина од Атина со изјавата дека нема напредок. До каде е процесот, какви идеи сподели Нимиц?
- Посетата на медијаторот Нимиц беше уште една можност повторно да размениме мислења околу актуелната состојба во разговорите за надминување на овој проблем, но и надеж процесот да добие на интензитет. За жал, по изјавата на Нимиц во Атина, очигледно е дека наместо почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски, другата страна настапува од позиција на сила, излегува од рамката на процесот и не придонесува за изнаоѓање на заемно прифатливо решение.Наместо одговор на нашите иницијативи за средби и интензивирање на дијалогот, гледаме злоупотреба на позицијата членка на ЕУ, на НАТО и на регионалните иницијативи. Наместо одговор слушаме изјави кои како да доаѓаат од некое дамнешно време кога со леснотија се убиваа, протеруваа, се асимилираа луѓе кои имаа друг идентитет, друг јазик, други имиња и презимиња. Кога со леснотија се кршеа сите по ред човекови права и се погазуваше човечкото достоинство. За секој нормален човек на планетава несфатливо е, денес во 21 век, некои да одбиваат да поверуваат дека Република Македонија е реалност на Балканот и реалност во Европа. Несфатливо е денес некому да му го негирате неговиот јазик, неговиот идентитет. Несфатливо е некој сеуште да ни го негира нашето право да постоиме и да бидеме она што сме, она што отсекогаш сме биле.Инаку, Грција е во многу комотна ситуација. Таа како држава не трпи речиси никаква штета од овој спор што самата го создаде. Најголема штета трпи Република Македонија, чие членство во НАТО е замрзнато, а отворањето на пристапните преговори со Европската унија и членството во регионалните иницијативи е блокирано.Но, се она што го преживеавме овие две децении, сите ембарга, блокади, уцени, ултиматуми, не се причина ние да се откажеме од нашата позиција и нашите барања. Тие барања не само што се принципиелни, туку во целост се во согласност со меѓународното право и меѓународно превземените обврски.Наметнувањето на поединечните себични интереси на земја членка над колективните интереси, не ги прави посилни организациите. Впрочем, и самиот медијатор Нимиц по последната посета во Скопје го истакна интересот на меѓународната заедница за решавање на ова прашање. Поради тоа, потребно е да се изврши притисок, што ќе резултира со почитување на меѓународното право и меѓународно превземените обврски.
Германската канцеларка Меркел гласно проговори за проблемот со името во контекст на евро-атлантските интеграции. Kолкави се шансите некоја од големите сили да се вклучи во решавањето на спорот?
- Учеството на Меркел на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони процесот" недвосмислено покажа дека ЕУ повторно го свртува вниманието кон нашиот регион. Директното вклучување на моќните европски држави во надминувањето на проблемот со македонските евроинтеграции е добредојдено за конечно да ја напуштиме статус кво состојбата. Тоа е нешто што го посакуваат и граѓаните на Република Македонија. Охрабрува фактот што се повеќе соговорници од влијателните ЕУ членки имаат разбирање за нашиот проблем со евроинтеграциите. Годинава тоа беше случај со германската канцеларка, минатата година со францускиот претседател. И не само тие. Се повеќе државници во светот се свесни за неправдата нанесена на Македонија. Проблемот со кочењето на македонските евроинтеграции е проблем и на ЕУ, и тоа е одговорност на сите членки на ЕУ. Тоа лично и го кажав и на канцеларката Меркел во Дубровник. И укажав дека со самото тоа што освен името се спомнува и идентитетот е излегување од рамката во која се водат разговорите и не дава надеж дека е можно да се најде решение.Како држава изградивме став дека не може повеќе да се носат одлуки за нас, без нас, онака како што било во минатото. Во тој контекст, охрабрува заклучокот произлезен од состанокот на лидерите во кој се изразува надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, имајќи предвид можност за паралелни пристапни преговори и решавање на билатералните разлики. Впрочем, она за што ние како држава, се залагаме.
Под закана сме од Брисел за одземање на препораката за почеток на преговори. Дали имате намера некако да помогнете во олеснувањето на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?
- Нашата држава пет години по ред има заслужена препорака од Европската комисија за почеток на преговорите. Евентуално одземање на препораката, по пет години чекање датум за почеток на преговорите, може само да ги усложни состојбите и да ги зголеми предизвиците. Отворено разговарам со ЕУ лидерите и отворено кажувам дека многу состојби наведени во извештаите на ЕК се резултат на блокадите, стоењето во место. Да се очекува напредок на внатрешен план во услови на блокада и status quo на надворешен план е како да се вози велосипед без да се вртат педалите. Фрустрирачки е да си кандидат речиси 10 години и 5 години да чекаш да почнеш преговори. Затоа мојата прва дипломатска посета, како во првиот, така и во вториот мандат, беше токму во Брисел, седиштето на Европската унија за да се реафирмира европскиот курс на Република Македонија. Потребен ни е сериозен пристап и одговорност од сите нас, и од власта и од опозицијата, кон процесот на евроинтеграции. Не сакам да верувам дека некому му одговара Македонија да ја изгуби препораката за почеток на преговорите, и уште помалку, да верувам дека со тоа нешто ќе се постигне.На македонската демократија и е неопходна ангажирана опозиција, со свежи идеи, издржани предлози и конструктивни критики. Не смееме да дозволиме институциите да се празнат и местата на одлучување да бидат надвор од нив. Нам ни треба здрав институционален дијалог, продуктивни политички дебати кои треба да останат онаму каде што припаѓаат, во Собранието. Се надевам дека опозицијата ќе се врати во Собранието. Како претседател, правам и ќе продолжам да правам сè што е во рамките на моите надлежности, да ги унапредувам дијалогот и соработката внатре во институциите на државата. Исто како и во случајот со настаните по 24 декември, и сега иницирав средби за изнаоѓање на решение. За жал, лидерот на опозицијата поканата за средбата не ја прифати. Ова прв пат го споделувам со јавноста, бидејќи не сакав да наштетам на процесот.
Владејачката ДУИ не Ви го признава легитимитетот. Од друга страна, партијата на Али Ахмети бара место во Советот за безбедност и во другите тела во Ваша надлежност. Ќе им дадете место?
- Како претседател, и првиот и вториот мандат, легитимноста ја добив директно од граѓаните, на непосредни избори. И покрај повикот за бојкот од страна на ДУИ, значителен дел граѓани од албанската етничка заедница излегоа на гласање и го дадоа својот глас за мене. Резултатите по изборни места точно го покажуваат тоа и секој што сака може да го провери. Последните изјави кои доаѓаат од дел на раководството на политичката партија ДУИ со признавањето на институцијата Претседател, а непризнавањето на легитимитетот, според мене се нејасни, исто колку што беше нејасна и идејата за консензуален претседателски кандидат. Концепт, кој се виде како помина на изборите и што рекоа граѓаните за него.Повикот за бојкот на претседателските избори од страна на ДУИ, испрати погрешна слика во јавноста за меѓуетничките односи. Уставот ме обврзува да ја претставувам Република Македонија како суверена, самостојна и унитарна држава, и да ги претставувам сите граѓани на Република Македонија. Бев и ќе останам еден за сите, за Македонците, за Албанците, за Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други. Постојано велам дека е потребно сите граѓани на Република Македонија да го градат македонскиот модел на соживот. Не е ексклузивно правото само на Македонците да го градат соживотот и довербата, туку на сите припадници на етничките заедници, затоа што Охридскиот рамковен договор дава права, но подеднакво и обврски. Исто така, не е ексклузивно право само на политичката партија ДУИ да ги претставува интересите на сите Албанци во Македонија. Во Република Македонија е потребно повеќе од кога било, да се надминат тесно-партиските и личните интереси. Да ги бојкотирате претседателските избори, а сега јавно да барате функции и да се пазарите за прашања од витален интерес на државата, во најмала рака е неодговорно однесување, потценување на демократскиот капацитет на државата. Но како е во животот, така е и во политиката. Кога ќе влезете во туѓа игра, од неа лесно не излегувате. Она што во моментов можам да го кажам е дека Советот за безбедност ќе одржи конститутивна седница, а именувањето на членовите ќе го одразува составот на населението, согласно Уставот на Република Македонија.
Чести се коментарите дека сте во сенка на партијата што Ве кандидира и оти таа Ви ја обезбедува поддршката од граѓаните. Kаков Ви е рејтингот, претседателе?
- Сметам дека најдобрата верификација за мојот рејтинг беа последните претседателски избори. Поддршката од над 530.000 граѓани беше најдобра потврда за одговорната политика што ја водам од 2009 година до денес. Граѓаните ја препознаа чесноста, посветеноста и одговорната работа. Сите други тврдења се резултат на нереални конструкции, кои можеби потекнуваат од предизборниот период, кога имаше многу неостварени желби на амбициозни поединци. На самите избори сите тие тврдења беа демантирани. Граѓаните веруваат во тоа што го работам и затоа ми ја дадоа довербата. Предизвици има многу, но интересот на граѓаните ми е секогаш на прво место. Високата доверба значи и голема одговорност за мене во извршувањето на функцијата претседател. Затоа сум постојано во комуникација со сите институции во државата.
Блиску сме до договор за добрососедство со Бугарија. Зошто тој договор ни е толку потребен и што содржи, особено во делот на заедничката историја и заедничкото славење празници, а се спомена дури и Илинден...?
- Со мојот бугарски колега разменивме писма со иницијативи кои имаа за цел градење на позитивна атмосфера на доверба и соработка меѓу двете земји. Првиот таков настан во кој беа вклучени амбасадорите на двете земји се случи за време на чествувањето на Св. Кирил во Рим. Како позитивен пример ја отвора можноста на ист таков начин да се продолжи и во иднина. Односно, неопходно ни е зголемување на довербата меѓу двете држави, двата народи, двете општества, за да придонесуваме кон почитување на заедничките европски вредности. Што се однесува за Илинден, треба да се знае дека оние што бараат да ни се придружат во славењето на првиот Илинден, со тоа неминовно бараат да го слават и вториот Илинден, односно АСНОМ и третиот Илинден, 8 септември. Илинден е и извор и континуитет на македонската слобода и македонската државност. Симбол за нашиот непокор и борба за ослободување од ропство и од туѓа власт. Во овој момент мислам дека треба да се фокусираме на Договорот за добрососедство и одбележувања кои не обединуваат во иднината. Очекувам министерствата за надворешни работи на двете земји во наредниот период да се фокусираат на овие прашања.
За неколку дена во Прага ќе Ви доделат Награда за слобода од Фондот за американски студии, престижен институт во Вашингтон за промовирање лидерство во политиката. Што значат ваквите Ваши признанија за Македонија?
- Ова е навистина престижно признание, како за мене така и за Република Македонија. Особено е важно што наградата го препознава вложениот труд на Република Македонија во развивањето и унапредувањето на капацитетите на пазарната и конкурентна економија, по кои Македонија станува препознатлива во регионот, но и пошироко. Со напорни реформи, Македонија стана препознатлива во светот како една од најповолните дестинации за отпочнување и за водење бизнис. Како што изјавив по пристигнувањето на веста за доделената награда, очигледно е дека резултатите од спроведените реформи, почнаа да се гледаат и на терен, во странските инвестиции и отворањето на нови работни места. Целта е да се создадат услови и да им се даде можност на граѓаните да бидат економски независни од државата, да бидат слободни. Слободата е врвниот човеков стремеж. Стремеж кој кога е овенчан со одговорност носи напредок, просперитет и успех за сите.
Катерина Нешкова
|