На 31 јануари оваа година Руската Федерација и Република Македонија ќе го прослават 20-годишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи. Како го оценувате сегашното ниво на билатерална соработка меѓу двете земји? Во која насока треба да се очекува нејзиниот натамошен развој?
- На мое огромно задоволство, билатералната соработка меѓу Руската Федерација и Република Македонија е во постојан подем, иако мојот став е дека секогаш може повеќе. Република Македонија во изминативе 20 години во континуитет посветуваше особено значење на градењето на односите и на развој на соработката со Руската Федерација. По преземањето на должноста претседател во 2009-та, лично се ангажирав и активно се вклучив со цел натамошно унапредување на односите и особено на интензивирање на соработката. Ме радува што изминативе 5 години со заемен ангажман постигнавме значајни резултати. Договорот за вклучување на Република Македонија во „Јужен поток" е од огромен интерес, бидејќи ќе обезбеди енергетска стабилност на земјава во следните децении. Во оваа насока, партнерството со Руската Федерација за нас е од суштинско значење, и јас лично неколку пати остварив средби со раководството на „Газпром", со г-динот Алексеј Милер, на кои изразив апсолутна политичка поддршка за реализација на овој проект и вклучување на Република Македонија во истиот. По примерот на енергетскиот сектор, искрено се надевам и очекувам дека во наредниот период ќе успееме да ја прошириме соработката и во други области, преку реализирање на конкретни проекти. Во Македонија веќе има повеќе успешни руски инвестиции, „Лукоил", „Синтез груп", „Солвеј", „Гришко", „Протек" и се надевам дека тие ќе бидат поттик и за другите компании на Руската Федерација да го пронајдат економскиот интерес во Македонија. Олеснувањето на визниот режим во голема мера помогна во унапредувањето на соработката. Што се однесува на политички план, паралелно со динамизирањето на економската соработка, во изминативе неколку години се забележува и постојаното проширување на меѓудржавните контакти, како и динамичен политички дијалог на сите нивоа. И на мое големо задоволство наредниве денови ќе имам повторна можност да ја посетам Руската Федерација. Сето ова е резултат на меѓусебното разбирање и заемно почитување што е во согласност со долгата историска, духовна и културна традиција меѓу нашите народи, како и економските интереси чие зацврстување е заеднички императив. Руската Федерација несомнено има мошне значајна улога на меѓународната сцена, руската економија станува една од најмоќните во Европа и претставува значаен трговски партнери на нашата земја, Руската Федерација има принципиелна позиција во однос на употребата на уставното име на Република Македонија. Така што, натамошното унапредување на пријателски односи со Руската Федерација, останува посебен интерес за Македонија и сигурен сум дека во периодот што следи со заеднички ангажман ќе ги искористиме сите можности за уште поинтензивна соработка, особено економската.
Во своето неодамнешно обраќање во Собранието на Република Македонија, го споменавте унапредувањето на пријателските односи со Руската Федерација меѓу приоритетите на надворешната политика во Вашата работа како Претседател на Републиката. Каков е вашиот пристап кон градење на руско-македонската соработка?
- Имам максимално отворен и активен пристап во рамки на можностите и согласно интересите на државата. Веќе споменав дека Република Македонија и Руската Федерација имаат традиционално пријателски односи, перманетен политички дијалог кој го краси отвореност и взаемна почит, едноставно кажано имаме одлични предиспозиции да развиваме плодна соработка. Наша задача и одговорност е да ги создадеме сите потребни услови да се овозможи таа соработка и да имаме конкретни резултати. Затоа од исклучителна важност се чести средби и меѓусебни контакти. На тие средби меѓу другото се разменуваат мислења и информации токму за потенцијалите и можностите за соработка, за економските услови во нашите земји, за инвестициските потенцијали, за можностите за надградување на договорно-правната рамка, со цел создавање на непречени услови за соработка на бизнис заедниците на двете држави. Така што, ценам дека енергетските и трговско-економските врски меѓу двете земји претставуваат еден од најважните компоненти во нашите билатерални односи, императив. И особено е важно, политичкото раководство заедно со бизнис заедниците во двете земји целосно да се фокусираат на развојот на овие односи.
2013 година се бележи со значително интензивирање на политичките контакти во руско-македонските односи на различни нивоа, со напредок во значајните прашања на трговско-економската, инвестициската, енергетската и културната соработка. Кои се причините за една таква динамика? Може ли да се очекува дека и оваа година билатералните односи ќе добијат дополнителен поттик?
- Билатералните односи се успешни ако постојано се надградуваат и ако соработката континуирано се продлабочува и добива различни форми и димензии. На односите меѓу државите им е потребна содржина, а содржината ја дава соработката во сите сфери од заемен интерес. За тоа секако дека е потребен динамичен и интензивен политички дијалог. Затоа треба обострано да инсистираме на почести средби и контакти на разни нивоа. Само така се трасира патот на соработката. Од разговор произлегуваат иницијативи, од иницијативи се потпишуваат договори, и најважното е тие договори да се преточат во конкретни проекти од кои ќе имаме заеднички интерес. Списокот на руски компании кои ја препознаа Македонија како поволна земја за инвестирање, како и обострано реализираните и планирани проекти, се доказ дека руско-македонската соработка во сферата на инвестициите всушност има реална перспектива. Очекувам во периодот што следи да имаме се поголем интерес за инвестирање од страна на руските компании. Од друга страна, покрај македонското вино, очекувам и земјоделските производи од Македонија постепено да го освојуваат рускиот пазар и да имаме се повеќе успешни приказни и примери. Како што веќе споменав, во брзо време ќе престојувам во работна посета на Руската Федерација. Се надевам дека ќе имам конструктивни средби и дека во духот на досегашната соработка и разбирање ќе изнајдеме нови можности за продлабочување на соработката. Особено ме радува, што ќе имам можност повторно да го посетам и Московскиот државен универзитет Ломоносов, каде на покана на универзитетот ќе одржам предавање. Овој реномиран и престижен универзитет долго време остварува соработка со Универзитетот Св Кирил и Методиј, и ова претставува еден пример како се дава содржина на соработката, во овој случај во сферата на образованието и науката. Соработката во сферата на културата можам слободно да констатирам дека е добра, но пак ќе кажам секогаш може повеќе, не само во овие, туку и во сите сфери од заемен интерес. Ова ќе биде моја трета посета на Руската Федерација. Досега имам остварено две средби со поранешниот претседател Медведев, а на разни места и во разни поводи имам остварувано средби со г-динот Сергеј Иванов, со министерот за надворешни работи, г-динот Лавров, со патријархот Кирил како и со бројни претставници на Руската Федерација од разни сфери на општественото живеење.
На 7 февруари годинава ќе стартуваат Зимските Олимписки игри во Сочи. Како што знаеме, веќе имавте прилика да ја посетите јужната престолнина на Русија, дали планирате пак да го посетите Сочи, овој пат за учество во свеченостите по повод отворањето на Олимписките игри 2014?
- Да, во Сочи, минатата година учествував на Шестиот Меѓународен форум Мир и спорт, каде од страна на организацијата ми беше врачено посебно признание за промоција и унапредување на мирот преку спортот. За време на посетата имав можност да остварам средба со министерот за спорт, г-динот Витали Мутко, и да го посетам олимпискиот град кој во тој период беше во изградба. Она што тогаш го видов беше навистина импресивно и не се сомневам дека сега, по сета таа вложена енергија и работа, Сочи и олимпискиот град изгледаат беспрекорно и целосно подготвени и максимално организирани за стартот Зимските олимписки игри. Со задоволство ја прифатив поканата и ќе присуствувам на свеченото отворање на ЗОИ во Сочи по што мојата посета ќе продолжи во Москва. Се надевам дека во Сочи ќе имам можност да се сретнам и со претседателот Путин, кој има отворена покана за посета на Република Македонија. Целта е да ја одржиме оваа динамика на највисоко ниво во двата правци.
Македонија и Русија имаат богати културни и духовни традиции. Каков според Вас, треба да биде рецептот на зачувување и натамошно зајакнување на блискоста меѓу нашите два народа?
- Сметам дека клучно во приближувањето на македонскиот и рускиот народ е, и треба да биде, соработката меѓу двете држави. Рецептот е соработка, прогресивни идеи и следење на глобалните трендови. За таа соработка да биде успешна потребно е да се обезбеди целосна слобода на движење. Тука воедно мислам и на размена на информации, на стоки, на човечки потенцијали, образовни кадри. Така што, како што руските граѓани можат слободно да патуваат во Македонија, искрено очекувам дека и Руската Федерација наскоро ќе воспостави визни олеснувања за македонските граѓани. Слободата во движењето е предуслов, не само од аспект на развој на туризмот, туку и од аспект на развојот на научно-образовната, техничката и пред се економската соработка. Сметам дека пред се политичките лидери се тие кои со своите постапки треба да даваат позитивни примери кои ќе ги следат нивните народи, односно останатите чинители во општествата. Кога станува збор за нашите две држави, блискоста на јазиците, православието, историските корени имаат големо влијание и се важен предуслов и предност во создавањето и постоењето на една силна врска меѓу македонскиот и рускиот народ. Само за потсетување, низ 22 градови низ Македонија функционираат здруженија кои го негуваат рускиот јазик, култура и традиција, и што е за поздравување, во нив членуваат огромен број македонски граѓани кои не се Руси. Понатаму, тука е Сојузот за македонско-руско пријателство, македонско-руската стопанска комора, а наскоро, согласно потпишаната спогодба, очекувам да бидат отворени и културно-информативни центри во Скопје и Москва, кои треба да придонесат за уште поголемо културното зближување меѓу двете земји.

|