
Граѓански: Колку се реални шансите препораката на Европската комисија оваа година да биде одобрена од Европскиот совет во декември и Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ? Атмосферата што се креира навестува позитивен исход.
Со оглед на досегашното искуство со нашиот јужен сосед, не би сакал да прејудицирам каков би бил исходот. Ние четири години располагаме со оправдани аргументи за почеток на преговори и четири години чекаме шанса за нешто кое сами го заслуживме. Се надевам дека европските лидери годинава конечно ќе ги уважат овие четири последователни препораки и ќе поддржат просперитет и развој на нашата држава, наместо да се солидаризираат со една земја членка која ни прави проблеми нам и на целиот регион. Многу пати на средбите во Брисел сум кажал дека почетокот на пристапни преговори со Македонија има двојна придобивка: прво, ќе го подобри кредибилитетот на сите вклучени страни – како на земјите кандидати, така и на земјите членки; и второ, би помогнало како на Македонците, така и на Грците да ги остават зад себе еднаш засекогаш нерационалните несогласувања и да се фокусираат на теми од заеднички и суштински интерес за иднината. Убеден сум дека никому не е во интерес да се одржуваат наметнати пречки во процес кој всушност создава заеднички придобивки. Сметам дека токму процесот на вклучувањето на Западен Балкан во Унијата е ултимативниот чекор кој ќе ја зацврсти рамката на европскиот мир, а впрочем за тоа Европската унија ја доби годинава и Нобеловата награда.
Граѓански: Во последното годишно обраќање пред Собранието рековте дека во иднина нема да прифатите извештај во кој „македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат“ и редовно потсетувавте за ова на средбите со претставниците на Европската комисија и земјите-членки. Придавката „македонски“ годинава се врати во извештајот на ЕК, но не како одредница за јазикот и за народот, туку за владата и за институциите во државава. Дали со ова е исполнето Вашето барање?
Не сум апсолутно задоволен, но не можеме да негираме дека постигнавме напредок. Формулациите “народот на државата” или пак “јазикот на државата”, кои се споменуваа во претходниот извештаи и кои беа крајно омаловажувачки за македонскиот народ во овие седумдесет страници ги нема. Европската Комисија покажа доблест да ја поправи грешката и да ја спроведе практиката на Обединетите нации, макар што тоа го стори на прилично соломонски начин. За мене не е оправдана ваквата селективна употреба, но е разбирлива, со оглед на фактот дека до последен момент Комисијата беше под силен притисок, во извештајот воопшто да не биде спомената придавката македонски. Како што и претходно кажав, секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам кога се посегнува по кој било дел од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории, за кои не може да правите компромис со никого.
Граѓански: Дали и колку има простор за триумфализам со оглед на тоа што пристапот што го нуди Европската комисија воопшто не значи релаксирање во однос на прашањето за името? Препораката на ЕК нуди шанса за подобра атмосфера во македонско-грчките односи, но условеноста на процесот и на членството со решавање на спорот за името, на овој начин се официјализира. Македонија прифаќа дека ќе го реши прашањето во релативно краток период.
Прво, јас не претпочитам таква терминологија. Тука не станува збор за триумфализам, туку за реализам. Факт е дека Извештајот е објективен и дава реална слика за состојбата во Македонија. После напорен труд и работа, да се изрази задоволство за постигнатото, за сопствениот напредок и успех, тоа ли е триумф? Секој треба да биде горд на ваков извештај, затоа што тој е заслуга на сите нас. Ако некој ја оспорува релевантноста на Европската Комисија за овие оценки, тогаш го доведува во прашање и кредибилитетот на нашата стратешка определба за членство во Европската Унија. Мислам дека е крајно време да го напуштиме оној синдром, се да користиме за дневна политика и во се да наоѓаме мотив за меѓусебни поделби и квалификации. Второ, не се согласувам со вашата констатација дека со овој извештај се официјализира условеноста за решавањето на спорот со името со членство во ЕУ. Ќе прашам која беше пречката претходните три препораки од ЕК да не се ефектуираат со одредување на датум за почеток на пристапните преговори? На сите им е познат одговорот. Напротив имаме многу причини да бидеме задоволни од ЕК, прво со Високиот дијалог кој даде резултати, понатаму со објективниот извештај и принципиелниот пристап со препораката. Ако внимателно ги прочитате препораките, ќе констатирате дека како никогаш досега Комисијата зазема една проактивна улога со цел да се создаде позитивна атмосфера во македонско – грчките односи и да се излезе од статус кво состојбата во која се наоѓаат македонските евоинтеграции. Децидно се наведува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и децидно стои дека Македонија и натаму е посветена на разговорите под покровителство на Обединетите нации и на директни контакти со Грција. Што се однесува до повикот за почеток на пристапни преговори и паралелно решавање на спорот, тоа е всушност на линија со нашето барање. Паралелното одвивање на двата процеси е моделот кој ние го посочувавме како еден од начините за деблокада на евроинтеграциите. Во случајот на Словенија и Хрватска се потврди дека пристапните преговори го олеснуваат решавањето на билатерални прашања. Европската комисија сега ни дава поддршка да можеме и ние со Грција да го следиме овој пример, што дава дополнителен кредибилитет на нашите барања и очекувања. Некој сега се обидува ова да го прикаже дека ние сме приморани и притиснати да го решиме спорот. Дека сме приморани да го решиме прашањето во кус период, во првата фаза, итн. Па, Македонија никогаш не бегала од одговорноста да се изнајде решение за името. Напротив, ние сме тие кои во континуитет настојуваме и сакаме што побрзо да се дојде до решение, затоа што ние трпиме последици, а не Грција. Најодговорно тврдам, да можеме да дојдеме до заемно прифатливо решение во кое нема да има победници и поразени, уште денес, утре, сме подготвени тоа решение да го дадеме на изјаснување пред граѓаните.

Граѓански: Кога и како државниот врв ќе одговори на грчкиот предлог-меморандум? Досегашните официјални реакции од македонска страна се неочекувано и невообичаено умерени во ситуација кога предлог-документот е небалансиран и ги потенцира грчките максималистички позиции.
Меморандумот е всушност одговор на нашите иницијативи за интензивирање на соработката и на напорите за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за разликата околу името. На јужниот сосед ќе му одговориме и ќе ги изнесеме нашите видувања и ставови согласно државните интереси. Ќе повторам дека Македонија и Грција имаат склучено Времена спогодба која треба безусловно да се почитува. Што значи, за изнаоѓање на заемно прифатливо решение неопходно е Грција стриктно да се придржува до рамката во која се води процесот, до Времената спогодба и до резолуциите 817 и 845. Тоа се предусловите да се дојде до решение. Нивниот предлог претставува комбинација од Времената спогодба, но и од нивните позиции во разговорите за името, со што се излегува од рамката во која се води процесот, што се косат со меѓународно превземените обврски. Но сепак добро е што процесот по подолг застој на одреден начин е повторно во колосек, а за самиот Меморандум, тоа е прашање на усогласување и имаме што да кажеме на предложениот текст.
Граѓански: Дали сметате дека ваква тактичност требаше да покажеме многу порано, од периодот кога нашите меѓународни пријатели отворено ни сугерираа дека преименувањата на аеродромот и на автопатот и слични потези и проекти одат директно на наша штета?
За решавање на проблемот со името не помага тактичност, туку одговорност, доследност и принципиелност. Едноставно е, потребна е волја, конструктивност и потребно е стриктно придржување до рамката. Ако имаше сомнежи од било кој во нашата конструктивност, во нашата добра волја за изнаоѓање на заемно прифатливо решение, веројатно по пресудата од Хаг таквите сомнежи се анулирани. Блокадите од нашиот сосед по мое лично мислење не можат да се оправдаат со ниту еден наш потег, станува збор за асиметрични постапки. Така што, на македонската страна никогаш не и недостасувале иницијативи за интензивирање на разговорите и постигнување заемно прифатливо решение. Во секоја прилика упатуваме јавен повик до грчката страна да дојде на масата за разговор и да покаже политичка волја за надминување на разликата за името. Подготвени сме за директни контакти и јас и Премиерот. Мислам дека тактиката на блејм гејм ниту помага, ниту пак партнерите во ЕУ и НАТО, ниту одговорните за процесот како Генсек на ОН, немаат разбирање за тоа. Тоа е тактика на лавиринт.
Граѓански: Во Македонија неколку години се делиме на патриоти и предавници по прашањето за името. Дали препораката од ЕК и периодот што ни следува се шанса општеството конечно да се обедини околу заедничка стратегија за затворање на овој проблем?
Јас искрено не верувам дека некој во Македонија, власт, опозиција, цивилното општество, не сака еднаш засекогаш да го затвориме проблемот со Грција и чудно е што постојано се потенцира дека недостасува заедничка стратегија околу ова прашање. Македонија има изградено државна позиција во разговорите со Грција, а опозицијата јавно и даде целосен легитимитет на Владата да го реши ова прашање. Би било трагично да е поинаку. Но не е. Што значи и стратегија, како и рамка за разговорите постои и ние цврсто се придржуваме до неа. Постојано апелирам на стриктно придржување до рамката. Тоа важи и за нас. Резолуциите на СБ и Времената спогодба се јасни за што разговараме со Грција. Но, проблемот е што некои партии постојано се обидуваат со ова осетливо прашање да манипулираат со граѓаните за дневна политика и ситни партиски поени. На тие партии сакам да им порачам дека крајна цел не треба да биде борбата за гола власт, па и по цена на државните интереси. Крајна цел треба да бидат државните интереси, односно, интересите на граѓаните. Нам ни е потребна поголема свесност и обединување околу тоа дека државните интереси и интересите на граѓаните треба да бидат над партиските интереси и дневната политика. Тоа треба да биде приоритет за сите нас, бидејќи од нашата внатрешна интеграција и сплотеност ќе зависи и меѓународниот углед и успех на државата. Така што очекувам сите релевантни чинители во општеството во иднина да ја насочат енергијата кон реалните проблеми и да понудат конкретни и конструктивни решенија. Само оние кои нудат државна агенда, ќе може да ја добијат довербата.
Граѓански: Како претседател на државата имате натпартиска позиција и обврска не само да повикате на смирување на меѓуетничките тензии, туку и да преземете конкретни чекори во барањето решенија. Зошто оставате впечаток на пасивен набљудувач и не ги користите механизмите што Ви стојат на располагање?
Не се согласувам со вашиот коментар дека сум пасивен набљудувач. Напротив, максимално од првиот ден на оваа функција сум посветен на ова прашање. Видете, кај нас има една стара да ја наречам транзициска практика на окупирање на јавниот простор со се и со тоа што треба и со тоа што не треба. Јасна ми е потребата за сензационалност, за барањето конфронтации меѓу институциите, меѓу партиите, итн, но мојот стил на работа е поинаков. По 21 година независност мислам дека треба и еден поинаков пристап. Има многу институции, има бројни општествени актери кои имаа обврска и одговорност за ова прашање. Доколку сите на најпрофесионален начин си ги извршуваат обврските, и не стремат на сензационалност од било која причина, политичка, етничка, верска, итн, итн мислам дека ќе ги растеретат граѓаните и јавниот простор, и убеден сум дека тоа дополнително ќе ги релаксира меѓуетничките односи. Премногу се занимаваме со овие прашања. Повеќе сакам да видам дебата, судир на политики и аргументи, предлози, за тоа како да го подобриме животниот стандард, како да одговориме на потребите и барањата на граѓаните. Од друга страна општество како нашето сосема е нормално да се појавуваат прашања кои можат да предизвикаат тензии. Но 21 година сме независна држава, 21 година практикуваме демократија, имаме стабилни и демократски институции, сакам за сите прашања дијалогот да се води на демократски начин, институционален, низ дијалог да се бараат решенија за сите прашања. Силно сум посветен на овие прашања. Но ви кажав стилот на работа ми е поинаков повеќе сакам да видам поинаква дебата, но тука сум секогаш кога ќе затреба и тоа го знаат сите. Од почетокот на мојот мандат, ги поддржувам сите проекти и сите конкретни иницијативи кои имаат за цел јакнење на меѓуетничкиот соживот и градење на меѓусебната доверба. Второ, секогаш кога имало меѓуетнички тензии, сум свикувал итни средби со сите засегнати страни и релевантни институции со цел да се спречи појава на какви било инциденти кои би влијаеле на меѓуетничкиот мир во земјава и во таа насока сум го користел сопствениот авторитет. Дозволете ми да потсетам, по инцидентот на скопското Кале, веднаш го повикав на разговор вицепремиерот Адеми и побарав институциите да ги искористат сите демократски механизми за зачувување на добрите меѓуетнички и меѓурелигиски односи. По настаните во Струшко, свикав итна средба со поглаварите на МПЦ и ИВЗ со цел да се влијае на смирување на страстите. Покровител бев и на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ кој се спроведе во повеќе општини и чија цел беше токму децата од различна етничка и верска припадност преку спортот да запознаат меѓу себе и да научат да ги почитуваат различностите. Секој слободен момент го користам за непосредни средби со граѓаните и посети на општини со различен етнички состав. Бев единствениот кој ги посети и ги поддржа во нивните барања жителите од дебарско Долно Косоврасти. Не би рекол дека ова се потези на пасивен набљудувач. Секогаш сум реагирал и ќе реагирам на сите обиди на разгорување на фитиљот на деструктивниот национализам, кој може да ја загрози мултиетничката демократија во Македонија.
Граѓански: Од позиција на врховен командант реагиравте на присуството на припадници на АРМ при поклонувањето на министерот за одбрана Фатмир Бесими во Слупчане и побаравте да се спроведе истрага. Што се случи со Вашето барање?
Моето барањето е спроведено. Во овој случај ги искористив сите механизми кои ми стојат на располагање како Врховен командант. Поведена е постапка за утврдување на дисциплинска одговорноста на униформираните лица кои го придружуваа Министерот во Слупчане. Началникот на Генералштабот иницијативата со сиот доказен материјал го процесираше во Министерството за одбрана, и во тек се процедурите за утврдување на одговорност против овие лица и нивно соодветно санкционирање. И тогаш кажав и ќе повторам дека злоупотреба на Армијата на Република Македонија за партиски цели, нема да се толерира.
Граѓански: Како човек што важи за експерт и познавач на состојбите во граѓанското општество, што мислите за грубото партизирање и злоупотребата на тој сектор? Може ли Македонија да се легитимира како демократска држава без вистински граѓански сектор?
Јас сум посветил многу години од мојот живот на цивилното општество, со лични иницијативи за основање фондации, институти, невладини организации, се со цел да се помогне општеството да созрее. Како професор на Правниот факултет на моја иницијатива беше создаден Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, со цел студентите на политички науки да имаат можност за практична работа. Уште од 2000-та имавме база на податоци со која можете да го скенирате целото македонско општество и неговите промени. По тој период влегоа партиските интереси во овој сектор и јас се повлеков. Народски кажано, криво насадено - криво изникнато. Ние сме сега всушност граѓанско општество, а требаше да бидеме цивилно. Граѓанското општество е синоним за капиталистичко, односно, буржоаско општество кое по природа е алчно, себично и цинично. На таа сфера требаше да и се даде цивилно значење, да и се пренесе пристојност. Ние создадовме токму типично граѓанско буржоаско општество во кое има алчни, грабливи, себични и цинични и во кое не опстојува тоа што автохтоно произлегува од нас. Се сеќавате кога се доделуваа грантови за екологија, и преку ноќ се формираа безброј еколошки друштва. Потоа се актуелизираа меѓуетничките односи. За кратко време истите тие еколошки друштва се претворија во друштва за меѓуетнички односи. Што доби нашето општество од тоа? – Сведоци сме, каква е екологијата и какви се меѓуетничките односи. Со чесни исклучоци кои се за почит и пофалба, жално е што цивилното општество во Република Македонија, пред се е етнизирано, во најголем дел, како резултат на странските организации и фондации кои воспоставија практика на финансирање на невладините организации по етничка основа. Цивилно општество подразбира граѓанственост. Сите во него се еднакви и потребен е еднаков пристап за се, а не поделби по етничка основа. Разочарувачки е кога денес ќе се види кои се севкупните резултати од „НВО општеството“, кое се помалку е цивилно, односно отсуствува јавната пристојност. За овие две децении се намножија и одредени паразитски структури кои функционираат само кога има грантови. Генерално, граѓанските интереси се сé повеќе на дното на приоритетите на овие невладини организации. Очигледно е време кога се треба да се преиспита, меѓутоа тоа треба да дојде од самиот невладин сектор, кој мора да има и доза на самокритичност или да оствари своја саморефлексија. Да ги следи позитивните примери, организации и иницијативи кои се навистина вредни за почит, се разбира во интерес на граѓаните, а не да стануваат негативните случаеви, примери кои се следат. Демократијата извира од граѓаните, за граѓаните.
Граѓански: Инициравте школа за млади лидери. Како млад, талентиран, добро образован човек да ја помине негативната селекција (партиска подобност, непотизам, полтронство) што доминира и во политиката, и во бизнисот, и во јавната администрација?
За жал, споменатата негативна селекција била присутна во нашето општество и верувам дека со време, полека, но сигурно се искоренува. Особено ме радува што ја спомнувате токму Школата за млади лидери, затоа што претставува еден исклучителен пример за тоа како да им се овозможи на образованите и талентирани млади луѓе со различен професионален фокус, но со значителен потенцијал и капацитет, да се издвојат како лидери во општеството – во политиката, бизнисот, културата и спортот. Со Школата за млади лидери поставивме еден успешен модел за надградба, едукација и вмрежување на младиот лидерски потенцијал во нашата земја. Квалитетот секогаш испливува на површина и го наоѓа своето место. Наша задача е постојано да создаваме услови за младите луѓе да работат интензивно на своето усовршување, но и услови да се натпреваруваат со својот капацитет и вештини, и да напредуваат. Тоа е единствениот начин за напредок на нашето општество и на Република Македонија. После три генерации учесници во Школата за млади лидери, над 100 исклучителни млади луѓе од сите краишта на Македонија и од дијаспората, од различни етнички и културни средини, селектирани исклучиво врз основа на нивните инидвидуални достигнувања, можам со гордост да кажам дека во Македонија има кадри способни да ја предводат иднината, да создаваат и да креираат водени од темелните вредности како чесност, работливост, упорност, професионалност. Искрено се надевам дека овој модел, применет во рамки на Школата за млади лидери, ќе стане пример кој ќе се реплицира и во сите останати слоеви на општеството.
|