Интервју за српската агенција ТАНЈУГ - Иванов: Поделбата на Косово може да го дестабилизира регионот | |
|
Во интервју за српската новинска агенција ТАНЈУГ Претседателот Иванов зборува за односите во регионот, блиските контакти со Србија, можностите за зголемена соработка во патната, енергетската и комуникациската сфера, културата и образованието, за поврзување на бизнис заедниците. Тој, воедно, ги повикува Македонците во Србија на претстојниот попис слободно да се изјаснат како Македонци, да ги негуваат својот јазик, обичаите, историјата и културата.
ТАНЈУГ: Како ја оценувате билатералната соработка помеѓу Макеоднија и Србија и каде ги гледате неикористените потенцијали на соработката?
Во изминатите години односите се во видлива нагорна линија, секако, ако не ги сметаме разликите по прашањето на признавањето на Косово. Иако, сметам дека ова прашање не предизвика поголеми штети на добриот развој на српско-македонските односи. Стопанската соработка и размена се продлабочуваат. Србија е на врвот на листата на нашите надворешно-трговски партнери, индустриската соработка, соработката во сообраќајот, комуникациите и во туризмот се во успон, културната соработка исто така е на навистина високо ниво. Српската заедница во Македонија исклучително придонесува кон тоа, а се надевам и македонската заедница во Србија. Во надворешната политика, освен по прашањето на Косово, немаме несогласувања. Двете држави се цврсто на курсот на евро-интеграциите, со тоа што ние донекаде сме забавени поради спорот со нашиот јужен сосед. Но, членството останува наша заедница ориентација. Заедно учествуваме во многу регионални иницијативи, и со Претседателот Тадиќ сме во близок контакт по тие прашања. Верувам дека блиската иднина ќе донесе натамошни подобрувања на овој поволен тренд, во нашата билатерална, па и во регионалната соработка. Неискористените можности за натамошен развој на соработката гледам во поблиското поврзување на нашите бизнис заедници и во заедничките инфраструктурни проекти меѓу двете земји, во изградбата на сообраќајни, енергетски и комуникациски коридори, и секако во областа на културата и образованието. И Македонија и Србија работат на унапредување на коридорот 10, кој е витален за поврзувањето на линијата север-југ. Од наша страна го затворивме автопатот од македонско-српската граница до Скопје, а во тек е постапка за последната делница од коридорот, автопатот Демир Капија – Смоквица. Работиме и на подобрување на енергетската поврзаност меѓу двете земји.
ТАНЈУГ: Кое е вашето видување за положбата на Србите во Македонија во контекст на предстојниот попис и што би им препорачале?
Оваа година ние одбележавме 10 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, по кој во нашата Република воведовме значителни уставни и законски измени, кои се однесуваат на положбата на сите етнички заедници, и секако и на српската. Многумина набљудувачи од страна се согласуваат дека македонскиот мултикултурен модел на почитување на правата на етничките заедници е водечки во регионот, па и пошироко, и дека со тоа се покажа дека ваков модел може да се развива без последици по демократијата. Тоа е модел на интеграција без асимилација. Српската заедница во Македонија во целост учествува во тој систем. Србите имаат свои градоначалници и локална самоуправа во областите каде се концентрирани, а во другите области учествуваат во управувањето сразмерно со другите заедници. Има двајца српски пратеници во Собранието, етнички Срби се високи функционери во министерствата, во јавната управа, и функционираат образованието, културата и медиумските институции на српски јазик. Се разбира, секаде има одредени потешкоти ии проблеми, но јас лично би сакал барем дел од овие права да станат реалност и за македонската заедница во соседните земји. Во Србија положбата на Македонците значително се унапредува. На Србите во Македонија, пред претстојниот попис, им порачувам секако, како и досега, да се определат како Срби. Да го чуваат својот јазик, своите обичаи, историја и култура, и така да градат соживот со другите заедници за подобра иднина за сите граѓани на Македонија. Истото тоа им го порачав и на Македонците во Србија, каде неодамна имав средби со претставниците на македонските заедници. Македонците кои живеат во Србија ги повикувам на претстојниот попис во Србија слободно да се изјаснат како Македонци. Тоа е нивно право. Имањето на јасен увид во бројноста на македонската заедница во Србија ќе ни овозможи полесно да работиме за унапредување на нивните права, и кон полесно задоволување на нивните разбирливи потреби во областа на образованието, културата, верските права. изучувањето на мајчиниот јазик и слично. Важно е балканските држави да покажат дека се подготвени, ова некогаш исклучително политичко прашање, да го третираат како обична статистичка операција, како технички процес кој придонесува кон подобар увид во податоци важни за развој на општеството.
ТАНЈУГ: Србија е против демаркација на границата која Македонија ја врши кон Косово. Како го коментирате тоа?
Македонија демаркацијата со Косово ја заврши и е една од ретките држави во регионот која нема никакви територијални прашања со соседите. Прашањето на границите е едно од комплексот прашања наследени со распадот на поранешната заедничка држава. Ние сме сведоци дека екстремни политички опции во минатото максимално се обидуваа да ги злоупотребуваат територијалните прашања, меѓу другите отворени прашања, за да испровоцираат дестабилизација. Македонија од поранешна Југославија се извлече без војна, но сепак во 2001 година бевме зафатени од дестабилизација. Оттаму, ние како висока цел си имаме поставено задача да ги затвориме отворените прашања со соседите кои можат да бидат злоупотребени во иднината. Сметам дека одлуката да ги затвориме граничните прашања со Србија, а потоа и со Косово беше правилна. Би потсетил дека иницијативата за затворање на граничното прашање со Србија беше покрената од мојот пријател, покојниот премиер Зоран Ѓинѓиќ, како едно од првите прашања по уривањето на режимот на Милошевиќ, и мислам дека тоа доволно укажува на важноста која и Ѓинѓиќ ја даваше на потребата да се затворат меѓусоседските прашања. Сметаме дека со тоа значително успеавме да го намалиме потенцијалот за тензии и дестабилизација. Република Македонија е посветена на интеграции со своите соседи, во насока на тоа границите да бидат ирелевантни и отворени за сите видови трговија и соработка. Како земја кандидат за членство во Европската Унија ние мораме да имаме средени граници, демаркирани, отворени и контролирани, со интегрално гранично управување. Тоа и го сторивме, и за тоа имаме полна поддршка од Унијата.
ТАНЈУГ: Дали сметате дека едностраните потези на Приштина нанесуваат штета на регионалната безбедност и безбедноста на Македонија?
Македонија внимателно ја следи состојбата на Косово и односите меѓу Приштина и Белград. Свесни сме дека актуелниот развој на состојбите ги отежнува разговорите меѓу двете земји. Сепак, сметам дека овие разговори мора да продолжат, по сите прашања по кои може да се очекува да се постигне напредок. Притоа, целта мора да биде наоѓање на начини на соработка меѓу Србија и Косово, бидејќи тие се природно повикани на меѓусебна соработка во голем број области. Притоа, Македонија е против евентуални разговори за поделба на Косово. Сметаме дека тоа е неодговорно размислување кое може подлабоко да го дестабилизира целиот регион и да донесе последици кои далеку ќе ги надминат сегашните потешкотии кои ги имаме. Ние се залагаме за максимално почитување на правата на граѓаните, во сите држави во регионот. На правото на граѓаните на самоопределување и за почитување на комплексот етнички права – правото на образование на мајчин јазик, правото на негување на сопствената култура и традиција, отвореност на државните институции кон сите заедници и слично. Тоа е македонскиот политички модел, кој обезбедува начин за учество на сите заедници во носењето на политичките одлуки. Бидејќи на Балканот ниту една држава не е етнички или верски хомогена, сметаме дека овие принципи треба да се почитуваат во сите држави, и во Косово и во Србија, и дека почитувањето на етничките права нуди можност да се надминат ризиците неодговорни политички фактори да ги злоупотребат разликите меѓу граѓаните. Тука, ние сме подготвени да посредуваме, како политички, користејќи го фактот што Македонија негува добри односи со сите соседи подготвени на тоа, така и со размена на нашите искуство во градење на модел на мултиетничка демократија.
ТАНЈУГ: Во која насока, според вашето мислење, треба да се бара решение за Косово?
Независноста на Косово е веќе признат факт за голем број држави од регионот и од Европа. Јас имам разбирање за српските ставови, но мораме да се обидеме да најдеме начин како да се функционира до постигнувањето на решение, или барем како дополнително да не се влошуваат односите. Разговорите меѓу двете страни се потребни, а ние како соседи имаме интерес и желба да нема назадување и попречување на веќе постигнати чекори на доверба. Имаме успешен модел на повоено помирување од Европската Унија, каде држави кои имаат еднакво долго, а честопати и многу подолго искуство на непријателства и анимозитети како што имаат балканските народи, своите разлики да ги надминуваат низ процес на економско, а потоа и политичко поврзување. Тоа не значи дека некој загубил или победил, туку значи дека сме согласни некои прашања, кои произлегуваат од историјата, да ги оставиме зад нас, а да се концентрираме на прашања по кои можеме да одиме заедно кон иднината. Не можеме на Србија, или на Косово да им кажуваме како да ги регулираат своите односи, но мораме да се бориме за нашите интереси, да не доаѓа до дестабилизација на поширокиот регион, и да не ја загубиме во целост перспективата за натамошни меѓусебни интеграции кои ќе им овозможат на сите балкански народи да функционираат на отворен простор, со релативизирани граници. Тоа ние го бараме во односите со сите наши соседи, особено таму каде што имаме потешкотии, како што е Грција. Верувам дека тоа е решение и за спорот меѓу Србија и Косово – барање на начини за максимална отвореност и поврзување едни со други.
ТАНЈУГ: Дали сте спремни да помогнете во решавање на спорот помеѓу македонската и српската православна црква?
Ова прашање е постојано присутно на моите средби со српските државен врв. Jа споделуваме грижата со мојот српски колега г-дин Тадиќ за овој спорн. Но, ние сме две секуларни држави, и како државни раководтсва немаме ингеренции да го решаваме овој спор, најмногу што можеме е да создаваме позитивна клима во двете општества, во двете црковни заедници тој да биде решен. Тоа не е политичко прашање, повеќе е уште едно историско прашање, кое треба да се реши со уважување и почитување на елементарните права, пред се правото на религиски слободи на граѓаните. Принципите се јасни, православните христијани во Македонија и ширум светот, секаде каде што има храмови на Македонската православна црква, се крстат во Македонската православна црква, празниците ги празнуваат во верските храмови на Македонската православна црква стари стотици, некои и преку илјада години и кога ќе заминат од овој свет повторно се под верската окрилата на Македонската православна црква. Тоа се фактите и Македонците го имаат тоа право. Сепак, прашањето на оспорувањето на еднаквиот статус на Македонската православна црква во заедницата на православни цркви е присутно и досега не можеме да се пофалиме со успех во неговото надминување. Од наша страна, ние се обидуваме ова прашање да не влијае на односите меѓу двете држави.
ТАНЈУГ: Кога очекувате Македонија да успее да го деблокира понатамошниот процес на евроинтеграција, кој застана поради спорот со Грција околу името на вашата земја?
Веќе шест години ние имаме статус на кандидат за членство во ЕУ, и секоја година добиваме позитивен извештај за напредокот и за реализираните реформи, кој го очекуваме и оваа година. Европскиот Совет ги прифаќа овие извештаи, но поради спорот со Грција не отвора преговори. Ние сме крајно конструктни во поглед на разговорите кои веќе ги имаме со Грција, околу надминувањето на разликите за името Македонија, а кои се водат во рамките на ОН со посредство на амбасадорот Нимиц. Во изминатите години во повеќе можности укажувавме дека неговите предлози би биле добра основа за завршување на овој спор. За жал, другата страна не ги прифаќа предлозите. Се наоѓаме пред ултиматум кој не се однесува само на името на нашата држава, туку и на нашиот национален идентитет, јазик, историја, култура, на правата на македонската заедница во Грција и така натаму. Ултиматумот е, или да го прифатиме грчкиот предлог, или ништо. Сигурен сум дека во Србија разбирате што се случува тука. Јас очекувам во догледно време, се надевам навистина набргу, дека разумот ќе надвладее и ќе надвладеат и интересите на меѓународната заедница и на европската интеграција, и дека тој спор ќе го разрешиме на начин поволен за двете страни.
Пренесено и од Daily.mk, NetPress, Press24, Вечер, Сител, Алфа-ТВ, МТВ и многу други национални и регионални медиуми и новински агенции. |