Интервју за државната руска новинска агенција ИТАР-ТАСС | |
|
Нашите држави имаат висок степен на пријателски односи и соработка и ценам дека постои заемен интерес за нивно понатамошно продлабочување. Имајќи го предвид фактот дека Република Македонија на односите со Руската Федерација придава највисоко можно внимание, како и фактот што со Руската Федерација, како еден од најзначајните меѓународни фактори не поврзува долга историска и културна традиција, можам да ви потврдам дека ние сме целосно подготвени и заинтересирани за натамошно јакнење и продлабочување на односите и соработката. Во тој дух сакам да ја повторам благодарноста кон Руската Федерација за безрезервната поддршка на уставното име на Република Македонија, на сите нивоа, во билатералното официјално комуницирање меѓу двете земји како и во меѓународни рамки.
Во изминатиот период сведоци сме на континуиран политичкиот дијалог на највисоко ниво. Моите претходници остварија средби со Преседателите Путин и Медведев, јас неодамна имав исклучително корисна и конструктивна средба со Првиот Заменик Премиер Сергеј Иванов, во Минхен. Очекувам дека за време на Санкт Петербург Меѓународниот економски форум во јуни оваа година, ќе остварам средба со Претседателот Медведев. Упатена е покана до претседателот Медведев за посета на Република Македонија и ќе ни причини посебна чест и задоволство да го пречекаме претседателот Медведев во нашата земја. Сето ова го истакнувам со намера да укажам дека политичкиот дијалог и редовните средби на највисоко ниво, во многу придонесуваат за натамошен позитивен импулс кон институциите, за зајакнување на врските и за интензивирање на соработката. Очекувам во наредниот период да се продлабочува севкупната соработка, а секако посебно внимание да се обрне на економско - трговската и инцвестициската соработка, на искористување на потенцијалите кои реално постојат. Тоа треба да биде наш заеднички приоритет, а можам да искажам задоволство од позитивните придвижувања во овој контекст.
ИТАР ТАСС: Помеѓу Руската Федерација и Република Македонија потпишана е Декларација за пријателство и соработка. Познато е дека Вашиот претходник Бранко Црвенковски имаше иницијатива за склучување на основен меѓудржавен договор за пријателство и соработка меѓу Руската Федерација и Република Македонија, којшто понатаму може да биде основа за взаемните правни односи меѓу нашите земји. Дали овој предлог е се уште актуелен? Какво е Вашето мислење во врска во предлогот?
Да, запознат сум и ја поздравувам оваа иницијатива. Мое мислење е дека двете страни треба да дадат високо значење на Договорот за пријателство и соработка и да ги преземат сите неопходни активности за усогласување на текстот за негово потпишување. Од потпишувањето на Декларацијата за пријателски односи и соработка во 1998, поминати се 12 години, години во кои можеме да кажеме дека создадовме нов квалитет во односите, а и многу нешта на меѓународната сцена се променети. Таквиот квалитет во односите на пријателство и меѓусебно разбирање, по мое мислење треба да се преточи во еден рамковен правен документ во кој ќе бидат договорени принципите на пријателските односи меѓу двете земји. Таквиот Договор ќе претставува поттик за уште поинтензивна соработка во голем број области. И повторно ќе укажам, тоа ќе биде поттик и за зајакната економска соработка, која е и треба да биде наш заеднички интерес, приоритет кон кој ќе го насочиме нашето внимание.
ИТАР ТАСС: Претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Медведев предложи иницијатива за договор за европска безбедност, чија суштина е создавање на единствен неделив евроатлански простор, со што би се ставило крај на наследството од студената војна од минатиот век. Целта на Медведев е во меѓународното право да се зацврсти принципот на неделивост на безбедноста. Станува збор за правна обврска според која ниту една држава и ниту една меѓународна организација нема да можат да ја зајакнуваат својата безбедност на сметка на безбедноста на другите држави. Дали раководството на Република Македонија ќе го поддржи овој предлог-договор и дали би имале некои дополнувања на договорот од македонска страна?
Република Македонија во рамките на дебатата во ОБСЕ, која се води во овој момент, ќе ги даде своите согледувања. Во секој случај важно е да споменеме дека имаме недвосмислен и конструктивен придонес кон долгорочната стабилност и безбедност на Европа.
ИТАР ТАСС: Оваа година се навршуваат 65 години од Денот на победата во Втората светска војна. Во изминатиов период се зголемија историските фалсификати за учесниците и случувањата во таа војна кои можат сериозно да и наштетат на свеста на младите, да ја урнат врската меѓу генерациите и да предизвикаат непријателство и недоверба кон татковците и дедовците. Дали постојат случаи на фалсификување на историските факти на територијата на Македонија за периодот на Втората светска војна и какви чекори се превземаат од страна на македонското раководството во врска со ова?
Република Македонија активно учествуваше во антифашистичката борба. Учесниците во таа борба се почитувани од сите генерации и нивната борба и придонес во градењето на современата македонска држава исклучително позитивно се вреднува. Да не заборавиме, вековната идеја за сопствена држава македонскиот народ ја оствари со завршетокот на Втората светска војна. Мое мислење околу кое верувам е обединета и македонската стручна јавност е дека на територија на Република Македонија нема случаи на фалсификување или искривување на историските факти, во однос на анти-фашистичката борба.
ИТАР ТАСС: Познато е дека во јуни 2010 година во Санкт Петербург ќе се одржи економски самит. Дали е предвидено Вашето учество на овој собир? Во врска со ова, дали очекувате подобрување на соработката во економската сфера помеѓу двете земји?
Јас планирам да учествувам на самитот во Санкт Петербург. Република Македонија е заинтересирана за градење на динамични економски односи со Руската Федерација, особено во енергетскиот сектор, сообраќајот, градежништвото и туризмот. Притоа многу е значајно заокружувањето на процесот на регулирањето на клириншкиот долг на Руската Федерација кон Република Македонија. Наша желба е Договорот да се потпише што поитно. Понатаму, со влегувањето во сила на Спогодбата за заемни патувања на граѓаните на двете земји воспоставен е олеснет визен режим за повеќе категории на граѓани. Во меѓувреме, лично се ангажирав и знам дека Владата на Република Македонија ја разгледува можноста за дополнителна либерализација на визната политика за граѓаните на Руската Федерација за нивно влегување и транзитирање низ Република Македонија. Како што знаете Република Македонија е дел од безвизниот Европски режим, па секој руски граѓанин што има шенген виза, слободно патува во Македонија. Сето ова, сигурен сум дека позитивно ќе се одрази на планот на економската, научно-техничката, туристичката и на други видови на соработка.
ИТАР ТАСС: Со доаѓањето на ЛУКОИЛ во Македонија се воведоа и подобри стандарди во опслужувањето на клиентите, европски, еколошки стандарди во квалитетот на горивата, конкурентите почнаа да ги реконструираат своите објекти. Го гледате ли ЛУКОИЛ во улога на локомотива во привлекувањето на руските и на странските инвестиции имајки го во предвид фактот дека и сега кога се среќеваме со светската економска криза ЛУКОИЛ продолжува со инвестициите во Македонија?
Република Македонија е силно заинтересирана за зголемување на руските инвестиции. ЛУКОИЛ е светол пример и се надевам дека ќе следат нови поголеми инвестиции. Лично се запознав со начинот на работа и инвестициите на Лукоил, посетувајќи неколку од нивните бензински станици, заедно со Директорот на Лукоил, г-дин Куку, и се уверив во она што го наведувате. Република Македонија презема конкретни чекори за создавање поволни услови за инвестирање и дополнителни фискални, даночни, царински и други олеснувања и поволности. Јакнењето на економските врски, зголемувањето на трговската размена, руските инвестиции се наш приоритет, и од аспект на економската активност на Руската Федерација во нашиот регион, верувам дека тоа е интерес и за руската страна.
ИТАР ТАСС: Господине Претседателе повторно би се вратил на состојбите во регионот во кој сеуште се присутни многу антагонизми. Како вие како претседател, но и како професор по политички науки ја гледате актуелната состојба и иднината на регинот?
Иако регионов секогаш асоцира на антагонизми, сепак морам да напоменам дека во последните 3100 години, за кои постои документирана историја, само 200 години биле исполнети со мир. Најголемиот парадокс е што најголемите периоди на мир биле токму на Балканот. Тие периоди се запишани во историјата како Pax Romanae и Pax Ottomana. Иако станува збор за тирании и деспотии можеме да научиме и денес нешто од тоа. Балканот како регион каде се испреплетуваат различни религии, цивилизации, јазици, култури, живее во мир единствено кога е на отворен простор. Кога има еден пазар, една монета, еден комуникационен код и неутрална сила. За разлика од прилично лошото досие на нашиот регион од не толку далечното минато, денес во регионот имаме нови околности. Во нашиот регион, за прв пат во историјата, меѓу 20тиот и 21виот век, насекаде добивме демократски избрани власти. И повторно имаме потреба од отворен простор. На нашиот регион денес му е потребно она што го нарекувам Pax Europana. Сега е повторно моментот, преку Балканот, европската идеја да продуцира мир, стабилност и просперитет. Нешто што генерации државници и визионери во Европа, веќе го имаат правено.
Во 21 век во регионов се троши енергија за граници, признавања и сл., трошиме енергија за основното право човеково право на самопределување, самоидентификација, за правото на човечко достоинство. Јас како професор, речиси како и сите претседатели во регионот со кои добро се разбираме, се обидуваме да ја презентираме нашата заедничка визија за соработка и рушење на стереотипите, за заедничка сегашност и иднина во големото европско семејство.
Но, за жал, во нашиот регион се уште постојат отворени прашања кои оправдано ја зголемуваат нашата, и не само нашата, загриженост, и можат да бидат иницијатор на дестабилизации. Само ако сите земји се движат напред, можеме да сметаме на одржлива, трајна стабилност и безбедност. Подолга статус кво состојба на регионот, носи ризици, политички, но и безбедносни. ЕУ интеграциската агенда е таа која ги мобилизира нашите општества, таа агенда има голема мотивирачка моќ во реформските процеси, таа агенда ги упатува државите од регионот на тесна соработка во сите сфери. Тоа е агенда која сите граѓани во нашиот регион ја сметаат не како наметната, туку како агенда која треба да им донесе подобар живот, повисок стандард. Иднината на нашиот регион е во ЕУ, и ние веруваме во мудроста и визијата на европската политичка елита, која треба да му пружи рака на регионот. |