Заеднички заклучоци од состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони Скопје, Република Македонија, 27 април 2018 година
Петок, 27 Април 2018   

BBP3x4
BB_family_photo

Ние, лидерите на Процесот Брдо-Бриони, во присуство на нашите гости, Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и Премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, признаваме дека обновениот фокус на ЕУ на нашиот дел од Европа повикува на наш одговорен стратешки одговор.

Ние, лидерите на Процесот Брдо-Бриони, потврдуваме дека одговорноста сега е кај земјите кандидати за членство во ЕУ и потенцијалните кандидати за да продолжат истрајно со потребните реформи во пристапниот процес, со што ќе ја реализираат оваа заедничка стратешка ориентација. Свесни дека владеењето на правото, основните човекови права, ефикасното судство и доброто владеење, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал се клучни за напредокот, развојот и стабилноста, ќе вложиме натамошни напори за сеопфатни реформи насочени кон нивно зајакнување. Ги поддржуваме објективните критериуми за проширување на Европската унија со земјите членки на Процесот Брдо-Бриони, каде што е истакната проценката на индивидуалните заслуги - со што на секоја од земјите и се дава европска перспектива.

Ние, лидерите на Процесот Брдо-Бриони, ги поздравуваме пораките и конкретните предлози од Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан: Потврда за веродостојно проширување и зајакнување на ангажманот на ЕУ со Западен Балкан. Го поздравуваме бугарското Претседателство на Советот на Европската Унија, особено во врска со приоритетот за зајакнување на европската перспектива на Западен Балкан и синергијата со ставовите на земјите членки на Процесот Брдо-Бриони за зацврстување на траен мир, безбедност и просперитет во Југоисточна Европа. Го поздравуваме претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Софија, како конкретен израз на обновениот пристап на ЕУ кон регионот. Особено цениме што Хрватска и Словенија ќе дадат висок приоритет на оваа стратешка ориентација и ќе организираат самити во овој формат за време на нивните претседателства со Советот на Европската унија во првата половина на 2020 година и во втората половина на 2021 година. Со гордост истакнуваме дека за ваков вид на засилен пристап на ЕУ кон Западен Балкан, процесот Брдо-Бриони континуирано се залагаше, така што тоа го сметаме и за наш успех.

Заклучивме дека е потребна поголема синергија во регионалните иницијативи и механизми во поглед на градење на инклузивен регион. Силно го охрабруваме и меѓусебно го поддржуваме членството на сите земји членки на Процесот Брдо-Бриони во регионалните иницијативи и механизми како еден од најдобрите начини за постигнување на инклузивна и ефикасна соработка во регионот. Во таа смисла, особено ја поздравуваме синергијата постигната меѓу Процесот Брдо-Бриони и Берлинскиот процес.

Свесни дека процесот на интеграција во ЕУ останува стратешки катализатор за зајакнување на мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот во нашиот регион, се обврзуваме да продолжиме да даваме заемна поддршка во процесите на европска и евроатланска интеграција, а подоцна и за аспирантите во НАТО. За таа цел, ја нагласуваме важноста од воздржување од каква било поларизирачка популистичка и националистичка реторика или активност што може вештачки да ја зголеми тензијата во билатералните и регионалните односи што може да резултира со нестабилност. Очекуваме дека, и покрај постојните отворени прашања и спорови, пријателската соработка, меѓусебното разбирање, почитувањето и дијалогот во добра верба меѓу земјите членките на Процесот Брдо-Бриони ќе бидат дополнително зајакнати, во склад со целосното придржување кон принципите на суверенитет, територијален интегритет, немешање во внатрешните работи на државите, неприфаќање на насилство, избегнување на инциденти и воздржување од еднострани дејства, особено со употреба на сила или закана за употреба на сила.

Го охрабруваме решавањето на отворените прашања и спорови во духот на добрососедството и во согласност со меѓународното право, повикувајќи се на средствата за мирно решавање, пред се, на постојаните меѓународни судови и трибунали, како и арбитража.

Како продолжение на Вонредниот самит на Процесот во Загреб во ноември 2015 година, го поздравуваме неодамнешниот прв состанок на шефовите на нашите разузнавачки агенции во Скопје, како знак на подготвеност за соработка во делот на безбедносните прашања од заеднички интерес, како што се нелегалната миграција, радикализмот, екстремизмот, тероризмот, организираниот криминал. Заедно треба да работиме на зајакнување на отпорноста на нашите општества од нови форми на подривачки елементи и на подобра размена на информации за различните видови на хибридни закани. Во оваа смисла, земјите кандидати за членство во ЕУ и потенцијалните кандидати треба да се стремат да ја унапредат соработката со ЕУ, особено во рамките на ЗНБП, за оние кои се подобни, секоја во согласност со своите приоритети.

Очекуваме натамошна помош од ЕУ за подобрување на транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност на земјите членки на Процесот Брдо-Бриони, со силна поддршка на постојните проекти. Ги поддржуваме натамошните напори за подобрување на енергетската безбедност, енергетската ефикасност и диверзификацијата како клучна инвестиција во градењето на енергетска одржливост и независност и важен двигател на растот, конкурентноста и регионалната енергетска интеграција. Ја повикуваме ЕУ да продолжи да го поддржува развојот на интрарегионалната економска интеграција, со цел да ја зголеми атрактивноста на регионалниот пазар и да го унапреди економскиот раст.

Сметаме дека е особено неопходно да се создадат јасни можности за младите и да се поттикне создавањето дополнителни образовни можности и можности за вработување преку зголемување на програмите на ЕУ и преку воведување на регионални програми за стипендии за млади луѓе, со што ќе се зголеми мобилноста на учениците и професорите. Ги поддржуваме иницијативите за национални и регионални партнерски старт-ап проекти за млади. Поддржуваме заеднички проекти на младински невладини организации чија цел е промовирање на толеранцијата и меѓусебното разбирање и елиминирање на сите видови предрасуди, со што се гради инклузивна генерација која ги почитува различностите и плурализмот.

Се согласуваме Република Албанија да биде следниот домаќин на состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бријони во 2019 година.

  Back<<Назад