Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Н.Е. г. Си Џинпинг по повод повторниот избор на функцијата Претседател на Народна Република Кина.
Почитуван господине Претседател,
Ми причинува особено задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви го честитам успешното одржување на 13-тиот Национален конгрес на Народна Република Кина, донесувањето на новиот Устав и Вашиот повторен избор за претседател.
Дозволете да го изразам моето длабоко почитување за Вашето досегашно успешно и мудро водство на Народна Република Кина, која е една од водечките економии во светот и исклучително важен фактор во меѓународната политка. Верувам дека со Вашето натамошно водство Кина ќе продолжи да се развива по зацртаниот пат на „социјализмот со кинески карактеристики" и остварувањето на „кинескиот сон".
Ви посакувам успех во натамошната реализација на Вашата визија за препородот на Кина и за иницијативите „Еден појас, еден пат" и „16+1". Република Македонија смета дека овие иницијативи придонесуваат кон мирот, просперитетот, отвореноста, иновацијата и поврзувањето меѓу цивилизациите, а врз принципите на соработката и почитувањето на територијалниот, политичкиот и културниот интегритет. Помагајќи во градењето на нова инфраструктура, Народна Република Кина придонесува да се менува географијата, а со тоа и иднината.
Убеден сум, Ваша Екселенцијо, дека со заеднички заложби ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на севкупните, традиционално пријателски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, кои оваа година одбележуваат 25-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи. Постои уште неискористен потенцијал за соработка на полето на економијата, енергетиката, инфраструктурата, информатичките технологии, образованието, туризмот и културата воопшто.
Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, почитуван Претседателе, изразите на моето високо почитување.
д-р Ѓорге Иванов
|