Соопштенија
prm_stoltenberg
Средба со генералниот секретар на НАТО г. Јенс Столтенберг
Четврток, 18 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими генералниот секретар на НАТО г. Јенс Столтенберг.

На средбата се разговараше за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса.

Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг, оценија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнаа придонесот што македонската армија го дава во рамки на меѓународните мировни мисии.

Македонскиот претседател потенцираше дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, нагласувајќи дека е неопходно да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион.

„Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството", рече претседателот Иванов. Тој додаде дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму активно да придонесува кон обезбедување на глобалниот мир и безбедност, преку учество и поддршка во мисиите предводени од НАТО.

Претседателот Иванов порача земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата.

На средбата беа разменети мислења и за најновите неконвенционални закани во глобалното безбедносно опкружување и за прилагодувањето на способностите за одбрана, одвраќање и справување со овие закани.

PRMportret2
Честитка по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ
Сабота, 06 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник, Рождество Христово – Божиќ.

Празнувајќи го Божиќ ние се сеќаваме на еден од клучните настани во историјата, а тоа е денот кога Синот Божји стана и Син Човечки за да го покаже патот до вистината која носи надеж за живот.

Божјото поистоветување со луѓето преку Исус Христос е, воедно, и најсилната недвосмислена потврда на вроденото човеково достоинство и неотуѓивата вредност на секој човек, независно од етничката, јазичната, верската, социјалната припадност, независно од полот и возраста. Поради тоа, ние сме обврзани љубовта кон Бог да ја искажеме преку почитувањето на нашите ближни, нашите семејства, нашите соседи, нашите сонародници, нашите сограѓани. Денес, повеќе од кога и да било порано во Република Македонија ни е потребно одново да ја откриеме таа почит. Овој Божиќ е уште една можност за да си простиме, да се помириме и да се сплотиме околу трајните вредности. Ова е можност да градиме човечно, солидарно и праведно мултиетничко општество во кое ќе владеат праведни закони.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник, Ви посакувам добро здравје. На сите граѓани кои го прославуваат празникот им посакувам заедно и со отворени срца да ја прославиме радосната вест за Христовото раѓање.

Христос се роди!
Навистина се роди!


д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Претседателот Иванов го потпиша Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конвенцијата на СЕ за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство
Четврток, 28 Декември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

Претседателот Иванов ги поздравува основните декларирани причини за ратификација на Конвенцијата во однос на спречувањето и борбата против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулска конвенција.

Во годишното обраќање во Собранието на Република Македонија, Претседателот Иванов истакна дека носечката поента на Конвенцијата е неспорна, бидејќи се однесува на борбата против насилството врз жените и домашното насилство, кое секогаш и секаде треба да подлежи на осуда и санкција. Воедно, Претседателот на Република Македонија целосно ги поддржува напорите во борбата против насилството врз жените и домашното насилство.

Денешното соопштение на Платформата за родова еднаквост претставува искривување на реалноста и вадење од контекст на искажаната загриженост на Претседателот. Претседателот Иванов, како и во Годишното обраќање, а врз основа на пристигнатите реакции во Кабинетот на Претседателот, искажува загриженост за само три члена од Конвенцијата. За да бидеме попрецизни и правилно да се информира јавноста, во продолжение ги наведуваме трите члена кои создадоа загриженост кај дел од јавноста, но и кај Претседателот. Станува збор за следните три члена:

1. Нова дефиниција на „род"

• Член 3, (в): „род" ги означува општествено конструираните улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и за мажите."

Истанбулската конвенција кодифицира контроверзна дефиниција на „родот" како општествен конструкт што е независен од биолошката реалност на „полот". Оваа дефиниција поаѓа од позицијата дека човекот е роден како неутрално битие кое може да го утврди и/или промени неговиот или нејзиниот род во текот на животот и под влијание на различни општествени фактори. Во Член 9 од Уставот на Република Македонија се користи терминот пол, а не род: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви." Дефиницијата на Истанбулската конвенција е во контрадикција и со актуелните дефиниции во меѓународното право, односно, Член 7 од Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд: „Во овој Статут, поимот „род" се однесува на двата пола, машкиот и женскиот во контекст на нивните општествени улоги и разлики. Поимот „род" нема друго значење освен горенаведеното."

2. Правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања

• Член 12, став 1 од Конвенцијата: „Страните ги преземаат потребните мерки за промовирање промени во општествените и културните шаблони на однесување на жените и мажите, со цел искоренување на предрасудите, обичаите, традициите и сите други практики кои се засноваат врз идејата за инфериорност на жените или врз стереотипните улоги за жените и мажите."

• Член 14, став 1 од Конвенцијата: „Страните ги преземаат, кога тоа е соодветно, потребните чекори за воведување на наставен материјал за прашања како еднаквост меѓу жените и мажите, нестереотипни родови улоги, заемна почит, ненасилно решавање конфликти во меѓучовечките односи, родово засновано насилство врз жените и право на личен интегритет, адаптирани на развојниот капацитет на учениците, во формалните наставни програми на сите нивоа на образование."

Претседателот Иванов смета дека овие одредби можат да резултираат со сериозно ограничување на фундаменталното човеково право на родителите да обезбедат нивните деца да имаат образование и настава во согласност со нивните верски и филозофски убедувања. Ова право е гарантирано со повеќе меѓународни конвенции: Универзалната повелба за правата на човекот, Член 26, став 3; Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, Член 13, став 3; Протоколот кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, Член 2; Закон за семејство на Република Македонија, Член 8 и Член 46, став 1.

Со ратификацијата на Конвенцијата, дефиницијата за родот како општествена конструкција станува обврзувачка. Тоа дополнително може да го ограничи правото на родителите да се спротивстават на контроверзни образовни програми со кои би им се наложувало на децата да размислуваат во родово неутрални термини. Понатаму, во светло на Член 33 од Истанбулската конвенција, таквото спротивставување би можело да биде интерпретирано како психолошко насилство.

3. Широко толкување на психичкото насилство

• Член 33 од Конвенцијата: „Страните ги преземаат потребните законодавни или други мерки за да обезбедат дека намерното однесување кое сериозно го нарушува психичкиот интегритет на некое лице со употреба на присилба или закана се инкриминира."

Македонскиот претседател укажува дека оваа одредба може да биде злоупотребена за да се ограничи правото на совест, мисла и вера. Како логичка последица, дури и искажувањето на спротивно мислење може да биде толкувано како „нарушување на психичкиот интегритет". Во однос на оваа одредба, Претседателот смета дека би било корисно да се стави резервацијата предвидена со Член 78, став 3 на Конвенцијата: „Секоја држава или Европската унија може, при потпишувањето или при депонирањето на инструмент за ратификација, прифаќање, одобрување или пристапување, да упати декларација до Генералниот Секретар на Советот на Европа со која го декларира правото да пропише санкции од некривичен карактер наместо кривични санкции, за однесувањата опишани во членовите 33 и 34."

Претседателот Иванов со внимание ќе го следи прилагодувањето на македонскиот правен систем со одредбите на Истанбулската конвенција. Како и до сега, Претседателот Иванов ќе продолжи да се залага за заштита и унапредување на правата на жените во македонското општество.

PRMportret
Честитка до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар
Понеделник, 25 Декември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,

Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови да Ви го честитам големиот празник на Христовото раѓање – Божиќ.

Празнувајќи го Божиќ ние се потсетуваме на еден од најзначајните моменти во историјата – денот кога Синот Божји поради љубовта кон човештвото се отелотвори и стана човек. Поистоветувајќи се со нас, Христос ни овозможи и ние да се поистоветиме со Неговите заповеди – да имаме љубов кон Бога и солидарност кон нашите ближни, да простуваме за да ни се прости, да бидеме милостиви заради милоста што веќе ни е укажана. Рождеството Христово – Божиќ како еден од најсветлите и највозвишените денови во христијанството треба да не поттикне кон меѓусебно разбирање и почитување како услов за успех на општеството.

Со таа мисла, упатувам искрени желби за мир, љубов и заедништво, бидејќи само така ќе успееме да изградиме просперитетна иднина и подобар живот за сите граѓани во Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_Cavusoglu_01
Средба со потпретседателот на Владата на Република Турција, г. Хакан Чавушоглу
Четврток, 21 Декември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го прими потпретседателот на Владата на Република Турција, г. Хакан Чавушоглу.

Двајцата соговорници изразија задоволство од политичките односи меѓу двете земји, кои ги карактеризира традиционално пријателство и партнерство и исклучителна динамика на активности во сферите од заеднички интерес.

На средбата беа разменети мислења и информации за внатрешните политички прашања на двете земји, за состојбите во регионот, како и за прашањата од надворешно политички интерес за Република Македонија и Република Турција.

Во однос на стратешките цели и приоритети, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ја цени долгогодишната и приципиелна поддршка од Република Турција за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, и укажа дека деблокадата на интегративните процеси ќе се одрази на стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Потпретседателот  на турската Влада, г. Чавушоглу истакна дека Република Турција и понатаму ќе биде доследна на поддршката на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија.

Во контекст на пошироките предизвици со кои се соочува регионот и Европа, македонскиот претседател и потпретстедателот Чавушоглу се согласија за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и Република Турција. Во таа насока, претседателот Иванов посочи на потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓање на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.

Двајцата соговорници ја поздравија економската соработка, со очекување за нејзино натамошно интензивирање. Претседателот Иванов изрази благодарност до турските институции, пред се до ТИКА, за голем број реализирани проекти во Македонија од хуманитарен карактер и за нивната континуирана поддршка преку донации.

На средбата беа разменети и мислења околу можностите за продлабочување на соработката во сферата на туризмот и образованието, при што беше поздравено финализирањето на правните процедури за целосно спроведување на Спогодбата за активностите на културните центри во двете земји.

PRM_Cavusoglu_02

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 21 од 175