Средба со началникот на Гш на Црна Гора, бригаден генерал Драгутин Дакиќ
Вторник, 11 Декември 2018   

PRM_Dakik_01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими началникот на Генералштабот на Војската на Црна Гора, бригаден генерал, Драгутин Дакиќ.

На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји и во тој контекст двајцата соговорници изразија задоволство од одржувањето на дијалогот на високо ниво, во сите сфери од заемен интерес, што укажува на традиционално пријателските односи меѓу Република Македонија и Црна Гора.

Во однос на стратешките цели и интеграциските процеси, македонскиот претседател истакна дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на земјава, но и на целиот регион, нагласувајќи го интересот за натамошно унапредување на соработката со Црна Гора, особено во сферата на одбраната и воено-образовната област.

Претседателот Иванов и генералот Дакиќ разговараа за трансформациските процеси во АРМ, како и за искуствата од интегративните процеси на Црна Гора по полноправното членство во НАТО. Македонскиот претседател подвлече дека реформите и мерките кои се преземаат во Република Македонија за унапредување на стандардите во сферата на одбраната ја потврдуваат нашата стратешка определба за членство во Алијансата.

Претседателот Иванов на средбата со генерал Дакиќ изрази благодарност за поддршката што Црна Гора ја дава за евроатлантските интеграции на Република Македонија, како и очекување дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

PRM_Dakik_02

  Back<<Назад