Честитка од претседателот Иванов по повод одбележувањето на 8 Aприл – Меѓународниот ден на Ромите
Недела, 08 Април 2018   

PRMportret2Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на  8 Aприл – Меѓународниот ден на Ромите.

Почитувани сограѓани,

Осми април е меѓународен ден посветен на културата и на историјата на Ромите што во Република Македонија се прославува на највисоко ниво. Ромската заедница е нераскинлив дел од македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество. Она што го држи нашето општество заедно е уникатниот модел на соживот и почитувањето на различноста.

Република Македонија е онолку успешна колку што се успешни сите нејзини граѓани. Затоа, постојано се работи за да се унапреди социоекономската, политичката, културната и позицијата на Ромите во општеството. Учеството во локалната самоуправа, законодавната и извршната власт, наставата и емисиите на ромски јазик се само дел од стекнатите права на ромската заедница, кои никој нема право да ги доведува во прашање.

Свесни сме дека претстои уште многу работа бидејќи сè уште постојат стереотипи, предрасуди, но и наследени нерамномерни економски односи коишто се пречка за остварување на целосниот потенцијал на ромската заедница. Треба уште многу работа за да ја постигнеме посакуваната цел – еднакви можности и права како предуслов за достоинствен живот за секој припадник на ромската заедница во Република Македонија.

Честитајќи ви го денешниот празник, уверен сум дека и во иднина заедно ќе работиме за доброто на нашата држава и на нашите сограѓани, почитувајќи го принципот на еднаквост, недискриминација и владеење на правото.

Ви посакувам убаво празнично расположение, многу здравје, радост и благосостојба.

Нека е честит празникот!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад