Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со сопругата г-ѓа Маја Иванова и синот Иван, присуствуваа на Светата Златоустова литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски" во Скопје, по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.
По Светата Златоустова литургија македонскиот претседател на сите православни верници им го честиташе најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, со желби за многу здравје, радост и среќа.
„Празниците се за славење, но и за потсетување за сето она што го поминале нашите предци, за нивното опстојување, за вредностите што ни ги пренеле нам и што ние треба да ги сочуваме за нашите потомци", рече претседателот Иванов, додавајќи дека овој Велигден не потсетува и на 1000 години од основањето на Охридската архиепископија.
„Посакуваме нашата црква да биде дел од православната екумена и посакувам како што сме сплотени и единствени за време на празниците, така да бидеме во текот на годината, да си помагаме меѓусебе, да сме солидарни, и тогаш ќе бидеме успешни. Посакувам многу повеќе да си ја сакаме, да си ја почитуваме, да си ја чуваме Република Македонија“, рече македонскиот претседател.
По Светата Златоустова литургија, претседателот Иванов и сопругата г-ѓа Маја беа примени од Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан.
|