Иванов и Радев иницираат склучување договор за стратешко партнерство
Петок, 16 Февруари 2018   

Radev_rotarotRadev1Претседателите на Република Македонија и на Република Бугарија, д-р Ѓорге Иванов и г. Румен Радев на денешната средба во Скопје се согласија да иницираат потпишување договор за стратешка соработка меѓу двете земји.

На заедничката прес-конференција по средбата, претседателот Иванов рече дека по потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, кој многу ќе придонесе за развој на севкупната билатерална соработка би било добро Скопје и Софија да склучат и договор за стратешко партнерство, какви што Македонија има со САД и со Турција.

„Мигрантската криза ни покажа дека е потребна соработка и размена на информации во областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето. Затоа ние ќе иницираме потпишување на договор за стратешко партнерство. Разговаравме и за новата стратегија на ЕУ за проширувањето која во голема мера е заслуга и на Бугарија. Реални се можностите за време на бугарското претседавање, Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ и реално е да очекуваме покана за членство во НАТО, на самитот кој ќе биде летоска. Ја поздравувам иницијатавата на Бугарија и демонстрираната заложба како прв сосед директно да ги подржи еврспските и евроатлантските интеграции и да се заблагодарам преку претседателот Радев, на се што досега Бугарија го има сторено за напредок на Македонија во овие евроинтегративни процеси, рече претседателот Иванов.

Бугарскиот претседател Радев ја оцени како многу важна иницијативата за склучување договор за стратешко партнерство, додавајќи дека ќе ја пренесе до Владата во Софија и дека со таквиот договор ќе се зголеми безбедноста за сите чинители во регионот.

„Договорот за добрососедство со земја, која е членка на Европската унија и НАТО е најсилен доказ дека во македонскиот Устав нема одредби за иредентизам и територијални претензии, рече претседателот Иванов и потсети дека Бугарија била првата земја што ја признала Република Македонија под уставното име.

Radev2Претседателот Радев за Договорот за добрососедство рече дека не треба да остане само мртво слово на хартија, туку да биде незапирлив процес што ќе се унапредува.

„Бугарија секогаш била еден од најсилните поддржувачи на Македонија за ЕУ и НАТО. Но, има уште многу да се сработи во разни сфери, а Бугарија е подготвена да и помогне во тоа на Македонија", кажа претседателот Радев.

Во врска со актуелните преговори меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името, бугарскиот претседател рече дека Софија поддржува решение на спорот за името меѓу Скопје и Атина кое нема да вклучува територијални делови од Бугарија и нема да засега трети страни.

„Бугарската позиција е јасна, решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија, рече претседателот Радев, одговорајќи на новинарско прашање и нагласи дека Бугарија не планира воведување на никакви санкции кон Македонија во однос на нејзините европски и евроатлантски интеграции во врска со преговорите за името и додаде дека тие се водат меѓу две суверени држави под покровителство на Обедините нации.

Претседателот Радев додаде дека овие преговори ја засегаат и Бугарија, но напомена дека верува дека ќе биде најдено решение кое е прифатливо и за Македонија и за Грција, но кое нема да засега трети страни.

Претседателот Иванов рече дека преговорите за проблемот што Грција ги има со уставното име на Република Македонија ќе продолжат во ОН, при што македонската страна ќе се труди да се најде решение кое нема да биде на штета на трети држави и да ги инволвира во процесот.
Radev3

  Back<<Назад