Средба со г. Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ
Четврток, 16 Ноември 2017   

OBSE_GenSekПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ.

На средбата беа разменети мислења за севкупната соработка меѓу Република Македонија и ОБСЕ, поддршката на напорите и реформите во различни области, особено во однос на владеењето на правото, судството, изборното законодавство, децентрализацијата, меѓуетничките односи.

Претседателот Иванов на средбата ја истакна важноста на поддршката што ОБСЕ ја дава за реформските напори во Република Македонија, и изрази очекување за продолжување и продлабочување на плодната соработка.

На средбата претседателот Иванов посочи на потребата од јасна и отворена порака во насока на деблокада на интеграцијата на Република Македонија во европските и евроатлантските структури.

- Силно верувам дека е време да се видат конкретни активности од страна на европските институции и земјите-членки на НАТО во однос на нашиот евроатлантски интегративен процес. Без јасна и отворена порака од европските институции, нашите реформски напори нема да бидат доволни и ќе предизвикаат уште поголемо незадоволство кај граѓаните, рече претседателот Иванов на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, г. Гремингер.

Соговорниците разменија мислења за состојбите во поширокиот регион, особено во контекст на мигрантската и бегалска криза и предизвиците поврзани со справувањето со заканите од насилен екстремизам и активностите на странски терористички борци.

  Back<<Назад