Средба со македонската дијаспора во Лондон
Вторник, 31 Октомври 2017   

London_dijasporaПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во Лондон оствари средба со преставници на македонската дијаспора.

На средбата претседателот Иванов се запозна со тековните активности и учеството на преставниците на македонската дијаспора во општествениот, економскиот, културниот и политичкиот живот во Велика Британија.

Македонскиот претседател повика на сплотеност и единство на претставниците на македонската дијаспора и на нивна натамошна активна вклученост и придонес во развивањето и унапредувањето на односите и соработката меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.

Претставниците на македонската дијаспора заблагодарувајќи се за можноста за средба со претседателот Иванов, ја истакнаа потребата од нова стратегија и реформи во образовниот систем, со цел младите да останат во Република Македонија.

Македонскиот претседател при секоја посета на странска држава, традиционално остварува средби со македонските иселеници и во континуитет се залага за развој на односите со дијаспората, преку оддавање признанија за нивните успеси како поединци и здруженија.

  Back<<Назад