 Македонија ги следи сите моментални односи на моќ што постојат и во политиката и во економијата, особено во енергетиката. Владата на секој начин е вклучена во овие глобални процеси и особено она што доаѓа по кризата дека постои подготвеност кај нас да знаеме каде да се ориентираме, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов на маргините на 13. Евроазиски економски самит кој почна денеска во Истанбул.
Иванов, јави известувачот на МИА од Истанбул, посочи дека ова не е само економски Самит, туку се обработуваат теми од геополитиката, геокултурата односно селењето на моќта.
- Моето присуство на овој Форум ги потврдува извонредните односи што ги имаме со Република Турција. Меѓутоа присуството на членови на македонската Влада, бизнис и академската заедница покажува дека вообичаената фраза дека економските не ги следат политичките односи што ги имаме со Турција треба конечно да се промени, рече Иванов. Тој нагласи дека сето она што досега го имало на политички план сега се пренесува на економски план со цел бизнис заедницата од Турција почесто да биде присутна во Македонија.
Присуството на Самитот, истакна Иванов, е извонредна можност да се споделат сознанија, искуства и вештини кои земјите во регионот ги практикуваат, а во Македонија не биле присутни. Според него, сите овие сознанија и искуства од регионот се добродојдени за Македонија и на некој начин се поттикнување на економската соработка меѓу Македонија и Турција.
Учесниците на Самитот во претпладневниот дел од расправата се фокусираа на потенцијалите на евроазиските држави кои се недоволно искористени. Учесниците прогнозираа дека по завршувањето на светската економска криза тежиштето на светската економија и моќта да се преместат кон помоќните евроазиските земји – Турција, Кина, Русија, Азербејџан и Индија.
Во рамки на сесијата за енергијата попладнево учесниците на Самитот ќе расправаат за инвестициите во алтернативните енергетски проекти односно за значењето на изградбата, организацијата и маркетингот на далноводите. Меѓу темите е и проектот за гасоводот Набуко и интегрирањето на цевководите на природен гас од Египет, Катар и Ирак со линијата на Набуко, како и изворите на енергија во Евроазија.
Претседателот Иванов, кој е придружуван од вицепремиерот Владимир Пешевски и од министерот без ресор Хади Незир, попладнево ќе ја посети општината Шишли каде градоначалникот ќе му додели златен клуч.
Иванов утре ќе има обраќање на Самитот на кој учесниците ќе дискутираат за глобалната финансиска криза, кординација и регионалната соработка, а ќе стане збор за економијата и туризмот.
На Самитот покрај Иванов учествуваат и албанскиот претседател Бамир Топи, поранешните претседатели на Бугарија, Жељу Желев и Петар Стојанов, на Романија, Јон Илиеску и Емил Константинеску, на Турција, Сулејман Демирел, на Естонија, Арнолд Рутел и на Монголија, Настагиин Багабанди, заменици премиери и министри од земјите на Централна Азија, Европа, Блискиот Исток, Далечниот Исток, Америка и Африка, како и претставници на 32 меѓународни организации.
|