Потпишан Меморандум за соработка на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“
Вторник, 13 Март 2012   

Во претседателската Вила Водно денеска беше потпишан Меморандум за соработка за имплементација на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.

Носители на проектот се Здружението за развојни иницијативи геостратешки институт „Глобал“ и општините Тетово, Прилеп, скопски Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште и Шуто Оризари, а целта е да им се овозможи на учениците од основно образование од шесте општини, преку спортски активности, дружење, комуникација и  посета на локални културни знаменитости, подобро да се запознаат со своите врсници кои потекнуваат од различни културни или етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Претседателот Иванов во своето обраќање по потпишувањето на Меморандумот истакна дека големо задоволство и чест е да се биде покровител на активностите за реализација на проектот. Тој, исто така, изрази уверување дека преку предвидените содржини ќе се придонесе за зачувување и зацврстување на вековните традиции на соживот меѓу етничките заедници.

„Имаме цврсти аргументи дека спортот, како ретко која друга општествена активност, има моќ да привлече, мобилизира и инспирира поединци, заедници и држави. Спортот ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност. Спортот го поттикнува човештвото да се стреми кон позитивна и здрава конкуренција. Во различните општествени контексти и ситуации, спортот е сè појасен фактор за унапредување на интеркултурните релации, но и фактор кој во рамките на европската спортска политика ја зајакнува социјалната стабилност,“ посочи македонскиот претседател.

Претседателот нагласи дека граѓаните од сите етнички заедници во Република Македонија, како и со векови досега, сакаат да живеат во мир, заемно почитување и помагање.

„Одржливиот мир и развој подразбираат постоење на одговорни општества, со одговорни индивидуи кои негуваат вредности како што се тимска работа, фер игра и заемно почитување. Истите правила на игра кои важат и во спортот. Спортот е алтернативата која насилните пориви ги артикулира во натпревар на човечкиот дух, волја и физичка сила. Алтернатива која е суштински сегмент на секое здраво општество кое чекори по патот кон мирот и благосостојбата. Преку успесите на нашите кошаркари, нашите ракометари, сите ние имавме прилика да ја почувствуваме сплотувачката моќ на спортот,“ истакна шефот на државата.

Тој уште еднаш упати апел до сите граѓани да му кажат не на насилството, да не дозволат да бидат испровоцирани и да поддадат рака на пријателство. Порача дека сите што се служат со насилство и сакаат да го доведат во прашање соживотот ќе бидат соодвтно казнети од системот.

„Во нашето општество веќе нема место за поттикнување етнички судири и нетрпеливост. Сите ние со болка се сеќаваме на горчливиот вкус на конфликтите кои ни се случија пред повеќе од една деценија. Заедно го надминавме тоа, свртивме нова страница, зацртавме нов почеток,“ нагласи претседателот Иванов додавајќи дека иако граѓаните се свесни дека нашата иднина и иднината на нашите деца е во соживотот и во меѓусебното почитување, за жал, деновиве продолжуваат обидите да се испровоцира нетрпеливост.

alt

Претседателот на Геостратешкиот институт „Глобал“, Иван Анастасовски, истакна дека сета филозофија, сите наши мисли, добри намери и активности се содржани во насловот на акцијата во која нема ништо нејасно и непознато.

„Искрено се надевам дека сите несебично ќе се вложиме во реализација на серијата настани кои во фокусот ќе ги имаат најмладите категории - учениците,“ додаде Анастасовски.

Тој информираше дека активностите ќе се одвиваат во неработни денови, претежно саботи, на локации во општините - домаќини на настаните. Спортскиот дел содржи фудбалски тренинг и демонстрација на вештини низ кои децата ќе се дружат и ќе комуницираат, а на крајот од денот сите заедно ќе посетат и ќе се запознаат со една локална знаменитост, која е препознатлива за општината-домаќин.

На потпишувањето присуствуваа и градоначалниците на 6-те општини вклучени во реализација на проектот. Тие се согласија дека преку спортот се создава голема можност за зајакнување на меѓуетничкиот соживот кај децата.



  Back<<Назад