Почитувани присутни, Дами и господа,
Чест ми е како Претседател на Република Македонија да ви се обратам на Форумот за мир во Париз. Овде сме да зборуваме за мирот и безбедноста, заштитата на животната средина, одржливиот развој, новите технологии и инклузивната економија. Но, решението на овие глобални предизвици лежи во едно нешто, а тоа е нашиот светоглед.
Контурите на светогледот кај секој човек се исцртуваат уште во детството. Три потреби се клучни во оформувањето на младите – внимание, афирмација и грижа. Децата кои примаат внимание, афирмација и грижа од своите родители и учители се развиваат во емпатични, сигурни и грижливи луѓе. Тоа се луѓе со самодоверба кои влеваат доверба, кои ја сакаат вистината и со страст се залагаат за социјална правда и мир, за одржлив развој, борба со климатските промени. Тоа се луѓе кои веруваат во човековите права и слободи и го почитуваат достоинството на различностите.
Но, ако погледнеме околу нас, токму овие вредности сè повеќе недостасуваат.
Отсуството на одговорност доведе до криза на довербата. Светот минува низ голема трансформација во која исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното. Општествата се фрагментираат, семејствата се распаѓаат, индивидуите се изолираат. Се создаваат гета без ѕидови, во кои различните се толерираат без вистински да се почитуваат. Човекот се постави за господар на природата, без да умее да господари со сопствената алчност. Нарушен е кревкиот климатски баланс.
Постојат бројни причини за ваквата состојба. Но, јас ќе се осврнам само на една ‒ образованието. Во многу земји во светот формалното образование, за жал, не нуди доволно внимание, афирмација и грижа за младите. Доминантниот Хумболтов модел на образование се темели на негативно внимание. Се казнуваат грешките наместо да се наградуваат успесите и да се стимулираат креативноста и иновативноста. Овој пристап влијае на светогледот на младите луѓе.
Уште како универзитетски професор го препознав овој проблем. Но, шанса да направам суштинска промена настапи дури откако некои од моите студенти станаа политичари и носители на одлуки кои во 2009-та ме кандидираа за Претседател на Република Македонија. А, што да прави професор кога ќе стане претседател? Одговорот е едноставен ‒ отвора своја школа. Така во 2010 година со мојот тим ја започнав Школата за млади лидери која потоа прерасна во Меѓународна школа.
Како што родителот инвестира во децата, така јас како Претседател сакав да инвестирам во младите. Целта ни беше на најталентираните и најуспешните млади лидери во Република Македонија и во регионот да им го дадеме она што не можат да го добијат во рамките на официјалниот образовен систем.
Прво, да ги препознаеме најуспешните и да им посветиме неопходно внимание. Второ, да го афирмираме сето она што до тогаш го постигнале, сите нивни хуманитарни иницијативи, поттикнувајќи ја самодовербата кај младите и градејќи култура на доверба. Трето, да се грижиме за нивниот натамошен развој како лидери со тоа што ќе инвестираме во нив.
А за да го постигнеме тоа се вративме на изворот, каде водата е најчиста, кај Аристотел. Знаеме дека Аристотел имал три нивоа на предавање на знаењето.
Егзотеричните предавања биле наменети за оние кои сакаат да ги прошират своите знаења, но само до ниво на општа култура.
Езотеричните предавања биле за оние посветени ученици кои можеле сложените концепти да ги разберат со моќта на умот. За среќа, голем дел од тие предавања се сочувани.
Меѓутоа, највозвишени се акроматските предавања што Аристотел ги имал очи во очи. Веќе 24 века се трага по тие изгубени предавања. Но, врз основа на постапките на неговите најдобри ученици, можеме да ги реконструираме некои од основните принципи. Се претпоставува дека дел од тие акроматски предавања биле четирите златни правила, кои се дел и од сите големи религии. Веројатно, Аристотел на своите најодбрани, највозвишени ученици им велел: • Прво: „бидете трпеливи". • Второ: „секогаш учете од другиот". • Трето: „искористете го моментот". • Четврто: „ако сакате да успеете, тогаш бидете подготвени на секоја жртва".
Оној што брза прави грешки, другиот учи од него, го чека да згреши и го користи моментот. Вистинскиот момент само еднаш се појавува. Целата филозофија во овие четири изворни принципи од највозвишените акроматски предавања е тоа дека тие се случуваат во еден момент ‒ и тогаш е потребна подготвеност за жртва.
Знаењето застарува, но мудроста не. Затоа, наша цел при создавањето на Школото за млади лидери беше мудроста и вештините на докажаните лидери да им ја направиме достапна на оние кои ќе бидат идни општествени лидери во Република Македонија и на Балканот.
На нашето Школо, младите лидери имаат шанса да разговараат очи во очи со некои од најуспешните лидери на денешницата и од нив да учат како да ги применат знаењата и вештините. Станува збор за интердисциплинарно и апликативно знаење, практични совети и менторство од врвни светски лидери.
Досега над 350 млади луѓе од Република Македонија и од регионот, со различен академски и професионален фокус, беа обучувани од над 200 врвни лидери од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.
Сакавме да изградиме лидери со вистински вредности, интегритет и отворен ум. Секоја генерација ја потсетував на Ајнштајновата мисла дека умот е како падобран – корисен е само кога е отворен. Само со отворен ум младите ќе можат да размислуваат надвор од шаблоните, да изнаоѓаат нови и иновативни и креативни решенија за локалните и глобалните предизвици.
Младите лидери се припадници на милениумската Y-генерација. Затоа, покривме теми кои им се блиски, а се темелат на филозофијата на споделување. Sharing philosophy подразбира и sharing economy, во која младите го споделуваат пристапот кон производите или услугите, наместо да бидат нивни индивидуални сопственици. Ги обучуваме да користат crowdfunding и crowdsourcing за да наоѓаат фондови за нивните проекти од голем број интернет-корисници. Држевме обуки за одржлив развој и стартап-филозофија. Ги охрабрувавме да ја користат моќта на вмрежувањето за да носат позитивни промени во општеството. Со други зборови, Школата за млади лидери е стартап-училиште за идните општествени лидери во Македонија и на Балканот.
Но, можеби најважното нешто што сакаме младите да го научат е лекцијата за моралното лидерство. Стана популарно да се вели дека не е важно дали некој политички или бизнис-лидер е морален или не, сè додека добро ја извршува работата. Способноста, а не карактерот, е она што е важно. Но, прагматизам без морал води кон краткорочни решенија со долгорочно штетни последици. Лидери без морал се дел од проблемот, а не од решението.
Затоа, кај младите лидери ја развиваме свеста дека сите ние пловиме на истиот глобален брод. Но, за да ги заштитиме нашите економии и држави од бродолом, неопходно ни е сидро. А, тоа сидро се трите принципи на секоја успешна економија, што важат и за успешната политика и образование. Ако која било земја или компанија ги имплементира меритократијата, прагматизмот и чесноста – ќе успее.
Со меритократијата ги избираме најдобрите да бидат лидери. Ако се опкружувате со успешни луѓе и ако поддржувате успешни луѓе, и вие ќе имате успех. За тоа се неопходни високи критериуми.
Со прагматизмот учиме и го користиме најдоброто од другите. Не е доволно да се учи за да се знае. Знаењето треба да биде применливо.
Со чесноста се трудиме да нема корупција и промовираме чесност и во приватниот и во професионалниот живот.
Колку ова ги чини даночните обврзници на Република Македонија? Ни малку. Реализацијата на Школата за млади лидери е целосно финансирана од приватниот сектор од Република Македонија, но и од глобалните брендови. Станува збор за компании што ја препознаа важноста и вредноста на нашиот проект и ја поддржаа нашата мисија, уверени дека инвестираат во идните општествени лидери. Школата основана од претседателот на државата, а финансирана од приватниот сектор, е пример за јавно-приватно партнерство кое има за цел да инвестира во општеството и иднината.
Оваа инвестиција е веќе исплатлива. Бројни млади лидери од претходните генерации веќе почнаа да заземаат одговорни лидерски позиции во различни општествени сфери и да стануваат позитивен пример за другите. Тоа се млади луѓе кои своите погледи ги насочуваат кон иднината, кои размислуваат за иднината и кои сакаат да ја достигнат иднината, не само за себе, туку за што повеќе луѓе во општеството.
Благодарение на сево ова, Светскиот форум на бизнис-ангели ја прогласи Школата за млади лидери за најдобар социјално-одговорен проект во Европа за 2017 година.
Некој од вас можеби ќе рече: „Претседателе, па во светот веќе постојат многу лидерски школи." Точно, но најголем дел од нив се исклучително скапи и достапни само за малкумина. Речиси нема претседателски школи кои се практично бесплатни бидејќи се поддржани од приватниот сектор. Тоа го прави нашето Школо исклучок од правилото. А тој исклучок за нас прави огромна разлика.
Друг можеби ќе праша како овој модел на лидерско школо ги решава глобалните предизвици за кои сме собрани денес. Нашиот модел може да се користи за промена на доминантната образовна парадигма, која треба да биде ориентирана кон решенија. Со тоа се создава нова генерација лидери со вистински вредности кои нема да бегаат од проблемите, туку ќе ги решаваат. Лидери кои нема да доминираат и дискриминираат, туку ќе соработуваат и вклучуваат. Лидери кои наместо страв ќе шират надеж и во своите општества и во светот.
Успеавме да создадеме препознатлив модел што инспирираше и други актуелни и поранешни шефови на држави да започнат свои лидерски школи по урнек на нашата. Но, верувам дека ваквиот успех е само почеток.
Мојата порака до вас, лидерите на денешницата е: Не гледајте до следните избори, туку до следните генерации. Инвестирањето во идните лидери треба да стане нова мода, нов тренд. За вакви идеи не треба да се бараат авторски права. Ова е многу потребно во секое општество. Би бил пресреќен доколку чујам дека и други шефови на држави и влади формирале лидерски школи. Дека на идните лидери им дале внимание, афирмација и грижа, и со тоа ги подготвуваат да го преземат кормилото. Само така успехот ќе стане основа за нов успех. Бидејќи, преку инвестирањето, младите лидери се повикани да ја препознаат и одговорноста како идни лидери.
Додека зборуваме, милениумската Y-генерација го зазема своето место во светот. Веднаш зад нив е постмилениумската Z-генерација која не познава свет без интернет. А, во моментов се раѓа најмладата алфа-генерација која е предодредена да живее во 22 век. Наша одговорност е да ги подготвиме оние кои доаѓаат по нас да ги заземат своите места на нашиот глобален брод. Да им дадеме мапа и компас со тоа што ќе ги подготвиме да бидат морални и етички лидери со карактер, интегритет, понизност, фокус на луѓето, одговорност и страст. Да не се плашат од непознатото, туку храбро и мудро да се соочуваат со предизвиците, за конечно да запловиме во помирни води. Бидејќи само променети поединци можат да го променат духот на светот.

|