Почитуван Претседателе Земан, Почитувани дами и господа, Почитувани стопанственици,
Со особено задоволство ви се обраќам денес на овој значаен Бизнис форум, чија цел е унапредување на економската соработка меѓу нашите две земји. Република Македонија и Чешката Република имаат традиционално добри пријателски односи, силна историска и културна поврзаност. Граѓаните на двете земји, бизнис заедниците на двете земји, се тие кои треба да профитираат и да ги искористат овие поволни односи. Вчера со претседателот Земан заемно констатиравме дека фокусот на нашето внимание во наредниот период треба да се сконцентрира на интензивирање на економската соработка.
Почитувани присутни,
Од информациите со кои располагам, како особено значајна за двете држави се смета соработката во енергетскиот сектор, а особено обновливите ресурси, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата енергија, геотермалните технологии, рударството. Посебен интерес постои и во областа на металната и електро-индустријата, во автомобилската индустрија за поврзување на македонските производители со чешки компании, хемиската индустрија, животната средина, земјоделството и прехранбената индустрија.
Владата на Република Македонија континуирано работи на подобрување на бизнис климата како и на олеснување на условите за инвестирање. Нашата стратешка географска положба, како и можноста за слободна трговија со земјите од поширокиот регион, овозможува да бидеме атрактивни за компании кои се заинтересирани да оперираат во регионот.
За жал нивото на чешки инвестиции во Македонија е многу мало, а поволностите кои ние ги нудиме за соработка и инвестиции на Вашите компании ќе ви ги претстави Заменик министерот за економија, г. Христијан Делев.
Почитуван Претседателе,
За крај, да нема дилема, јас како претседател на Република Македонија, а убеден сум дека и мојот колега и пријател, претседателот Земан, во рамките на нашите можности ќе ја дадеме нашата поддршка и помош. Впрочем не случајно сме денес тука, да ве охрабриме, и да ве поттикнеме да ги продолжите контактите, да го најдете интересот за соработка. Ви посакувам успешна работа.
|