Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова беше домаќинка на Нејзиното Кралско Височество, Принцезата Маха Чакри Сириндорн од Тајланд, која престојува во посета на Република Македонија.
За време на дводневниот престој во Македонија, тајландската Принцеза ги посети и разгледа дел од значајните културно – историски знаменитости во Македонија и се запозна со богатата македонска култура, историја и традиција.
На средбата меѓу Принцезата Маха Чакри и сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова беа разменети мислења и идеи за соработка во областите и активностите кои споделуваат заеднички вредности во агендите на двете дами.
Г-ѓа Иванова информираше за проектите во кои е таа вклучена и ги поддржува во Република Македонија. Во тој контекст сопругата на македонскиот претседател се осврна на иницијативите кои се оддржуваат под нејзино покровителство а се однесуваат на жените и децата, пред се на активностите поврзани со децата со посебни потреби и детската исхрана.
Двете дами оценија дека ова е добра шанса и отворена врата за можна идна соработка во сферите и темите за кои споделуваат заемен интерес.
Тајландската принцеза изрази благодарност за гостопримството во Македонија, изразувајќи ја подготвеноста за иницирање на натамошни заедничи активности, преку размена на искуства и знаења.
За време на престојот во Скопје, г-ѓа Иванова и Принцезата Маха Чакри го посетија манастирот Св. Пантелејмон и комплексот Македонско Село во Нерези.
Принцезата Маха Чакри ги посети и Археолошкиот Музеј, Црквата Св. Спас, Милениумскиот крст на Водно, Шарената Џамија во Тетово, Кањонот Матка, Пештерата Врело, а прошета и низ Старата скопска чаршија и Плоштадот Македонија.
Во рамки на посетата, на Тајландската принцеза и беше врачена и на награда за животно дело од страна на Фондацијата „Алијанса на цивилизациите" - Скопје.
Принцезата Маха Чакри Сириндорн е трето дете на поранешниот Крал Бумибол Адулиадеј и Кралицата Сирикит одТајланд. Таа е сестра на актуелниот крал Маха Вајиралнгкорн. Тајландската принцеза е Специјален амбасадор на ОН за Светската програма за храна и Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО за еманципирање на децата од малцинските заедници преку образование и заштита на нивното нематеријално културно наследство. Во минатото, таа предавала историја на Кралската Воена Академија во Тајланд, а сега се занимава со општествени и добротворни функции и води филантропски организации и фондации во нејзината држава.
|